Скопјанецот Исак Адижес
Интелигентниот човек знае, а мудриот разбира


Ако сакате да го смените однесувањето на луѓето во организацијата сменете ги условите

 

Професорот Адижес е еден од најголемите светски авторитети во доменот на менаџментот и организациска терапија за организациите.Основач е на Адижес институтот во Санта Барбара во САД.Тој е меѓународно признат експерт од областа на подобрување на деловните перформанси преку неговата техника за менаџирање на фундаментални промени во приватниот и јавниот сектор. Изминатите 35 години беше консултант на некои од најголемите комерцијални организации во светот, и служеше како консултант на многу политички лидери, вклучувајќи ги владите и премиерите на Израел, Шведска, Грција, Бразил. Гана, Исланд, Мексико како и на Македонија. Деновиве тој престојуваше во Македонија и одржа уште едно од своите предавања, а за потсетување тој лани стана надворешен член на МАНУ.

 

Првиот впечаток што го остава е неговата неверојатна енергија.  Заради насмевката и ведриот поглед имате чувство дека сте во друштво на млад човек, а не на човек кој веќе со децении е едно од најголемите имиња во светот на менаџментот.   Професорот Адижес е роден во 1937 година во Скопје во трговско семејство на евреи. Во текот на Втората светска војна  бил протеран во Албанија, од таму се сели во Белград, па во Изрел и потоа заминува за Америка....Во 1975 го оснава институтот кој во 1979 година го добива името Адижес институт чија основна цел да им дадат “терапија“ на организациите кои имаат проблеми

 

- Ние им помагаме на организации од цел свет успешно да спроведат промени. Се разбира, на работните организации (и на други организации) им помагаме на повеќе нивоа, а тоа го нарекуваме организациска терапија.  Наша цел е да и помогнеме на организацијата да постигне топ форма. Ако сакате да го смените однесувањето на луѓето во организацијата, не се обидувајте да ги промените самите луѓе. Единствено вистинско решение е да се променат условите во нивното опкружување, со што ќе се предизвикаат посакуваните промени кај луѓето. Вели Адижес .“Отсекогаш сум верувал дека цело знаење што е потребно за да се решат проблемите во организација веќе постои во самата организација. Мојата задача е да разберам каде се пречките во протокот на знаењето и да создадам поволна клима со која ќе им се овозможи на членовите на организацијата сами да ги решат своите проблеми.

 

Сликовито ова изгледа вака...  Најдобро е да си ја замислите организацијата како голем број кој треба да го одведете до непознато пристаниште.  Мојата улога како консултант не е да седнам и да управувам со бродот, туку да му дадам поддршка на капетанот како и пилотот на пристаништето.  Тоа е лице што му кажува на капетанот на пример колкава е брзината на страничниот ветер, каде се наоѓа пристаништето во однос на светилникот, каква е морската струја, и слично.  Тој му помага на капетанот правилно да ја процени ситуацијата (дали вози премногу брзо, каде оди....) за потоа капетанот сам да ја донесе правилната одлука.  Според мене консултантот е пред сè катализатор кој со своето влијание се обидува да помогне во организацијата да се создадат и развијат оние процеси кои ќе ја доведат и одржат организацијата во топ форма.

 

Како организацијата се доведува до топ фирма?
Потребно е да се постигне баланс меѓу флексибилноста и контролирањето.  Ја тоа го нарекувам контролирана флексибилност.  Ако сте премногу крути не оди, и ако нема никаква контрола ни тоа не оди.  Суштината е во правилниот баланс со кој ќе се дојде до максималната вредност.

 

Од почетокот на својата консултантска дејност до сега се смениле многу работи, социјални уредувања,напредок на технологијата па затоа и Адижес се менува и прилагодува...
-Јас постојано учам и се менувам.  Знаењето во светот се зголемува секоја минута.  Во однос на тоа неверојатно зголемување и промена на знаењето, јас денес знам помалку, но долгогодишното искуство ми помага подобро и посуштински да ги разбирам работите.  Шансите некој да акумулира големо знаење во некоја област се сè помали.  Од едно поглавје во стручна книга се создава цела книга, а со тек на времето од таа книга ќе се создадат повеќе книги и посебни области.

 

Какво е вашето лично искуство со таа рапидна промена на знаењето?
- Се сеќавам на далечната 1967 година, пред 40 години, кога докторирав на Универзитетот Колумбија во Њујорк и кога со гордост ја носев својата диплома и поминав пред училниците каде постдипломците ги полагаа своите испити.  Добро се сеќавам дека сакав да им пријдам и со гордост да им помогнам во решавањето на задачите напишани на табла.  Кога погледнав на таблата сфатив дека не знам да одговорам на тоа прашање.  Се шокирав, моето знаење застарело после само неколку години. Тоа за мене беше еден вид отрезнување и сфатив дека единствено решение е континуирано учење.

 

 На современиот менаџер не му треба знаење туку разбирање...
-Интелигентниот човек знае, а мудриот разбира.  Човек со своето знаење знае да решава проблеми, а мудриот човек знае како да ги избегне проблемите.  Со интензивната промена најважен фактор не е знаењето туку тоа што често сте изложени на нови и непознати опасности.   Многу е важно каков е менаџерот како човек, дали покажува почит кон подредените вработени, дали создава позитивна култура во организацијата со што би се спречиле или ублажиле одредени можни проблеми.  Да може да ја претвори опасноста во прилика која ќе донесе некаква корист. 

 

Тогаш,кои се особините на врвен менаџер?
-Врвен менаџер е оној којшто умее да ги мотивира оние што знаат.  Тој не мора ( а и не може) да знае сè.  Треба да знае како да ги мотивира своите луѓе да се стекнат со знаење и да го применат тоа знаење за конкретни проблеми и како да учат едни од други.

 

Најдобро е тоа сликовито да се прикаже со пример.  Погледнете ја мојава дланка со пет прста.  Кој прст е најважен? Се разбира палецот.  Зошто? Затоа што единствено тој работи со останатите прсти.  Не може да се каже дека другите прсти се помалку потребни, но сепак палецот е тој којшто им помага на другите да дојдат до израз.  Сам со себе, како и останатите без него, не може ништо да направи. 

 

Ако организацијата постои сама за себе тоа е како рак, клетките коишто се развиваат се целосно независни од организмот.  На крајот умираат и клетките и самиот организам.  За да знаете кои сте мора да се запрашате со кој сте? (Who will cry if you die?) Кому му требам и зошто? Чии потреби задоволувам и кој зависи од мене? Што е подеднакво важно и за поединци, одделенија, компании, индустриски гранки, држави?

 

На разговор со Адижес неможете туку така да му ставите крај. Овој човек има многу што да каже да сподели да подучи да подобри...Тој е свесен за својата моќ затоа и никогаш и од никоја земја не ја одбива поканата.А Македонија е горда што може да каже дека ваков експерт, барем е роден  во Скопје.

 Извор: http://vrabotuvanje.com.mk/statijas/view/252