Нова песна од Тоше на годишнината од смртта

Нема да верувате, но создавањето на темата „Још увек сањам да смо заједно“ е во редот на чудата. Ве молам, сето тоа нека ја почека годишнината од неговата смрт. Ќе ни биде подраго да се присетиме на нашиот Тоше со една нова песна што тој ја пее, вели Рус во ексклузивното интервју за „Дневник“


Мирослав Рус е главен уредник на „Народно радио“ и сопственик на издавачката куќа „Хит-рекордс“, која во Хрватска ги објави албумите на трагично загинатата македонска мегаѕвезда Тоше Проески. Како композитор и текстописец соработувал со повеќето значајни пејачки имиња од хрватската сцена. Беше лидер на познатиот „ИТД бенд“, за кој ги напиша многубројните хитови, меѓу кои и „Лагано умирем у твоме сјечању“, „Соња“, „Елена“. Бендот исвире и верзија на македонската народна тема „Ако умрам ил загинам“, од покојниот Јонче Христовски. Рус е автор и на нумери и на песни од „Црвена јабука“ и од Жељко Бебек.  Сепак, соработката со Тоше Проески ја истакнува како најзначаен дел од својата кариера. Тоа бил мигот што го чекал откако почнал да се занимава со музичко творештво. Уште во првите секунди од разговорот со него сфаќате дека е, пред се', голем човек, со безгранична и безвременска духовност во себе. Љубовта кон Тоше и кон Македонија се најголемата причина што првпат по смртта на нашата поп-легенда проговорува во јавноста. Откри само дел од вистината што „ја чува во себе“, нагласувајќи дека можеби повторно ќе проговори по година или две ако почувствува потреба.

*Кога го запознавте Тоше Проески и кои беа првите впечатоци што Ви ги остави?

- Влегов во режијата. Тоше ја снимаше песната „Срце није камен“. Го слушнав тој глас и прашав кој пее така убаво и ги предупредив на погрешниот акцент на зборот камен. Тоше ја слушна мојата забелешка и од студиото ме запраша: „А, како треба?“. Му реков што мислам и потоа тој збор го отпеа правилно. Излезе од студиото ми ја подаде раката и само рече: Тоше. И тоа беше се'. Разговорот со мене таа вечер го презеде Лилјана Петровиќ, денес мојата Лилја, и во стилот на голем менаџер за 15 минути направи заедничка корисна медиумска пропаганда, за активноста на Тоше во Хрватска и за издавањето на неговиот албум за мојата издавачка куќа „Хит-рекордс“. Бидејќи претходните два албума не беа доволно медиумски афирмирани, Лилја не сакаше уште еднаш да ризизкува! Си пруживме рака и до денес не го изневеривме нашиот договор.

ТИМ ОД СОНИШТАТА

*Како почна вашата соработка?

- Кога ми понудија да пишувам песни за Тоше, ги замолив да ме повикаат на некој од неговите концерти, кои се одржуваат во близина на Загреб, за да видам кој е и што е Тоше. Ме повикаа во Марибор и се најдовме во малиот хотел „Милена“, три часа пред концертот. Тоше беше во собата и слезе во холот еден и пол час пред поаѓањето во концертната сала. Ме поздрави, седна спроти мене и не кажа ниту збор. Но, забележав дека внимателно го слуша разговорот што го водевме со Лилја и со бендот. Откако излеговме од хотелот ме изненади со прашањето: „Рус, може ли со тебе да одам до салата?“. Се согласив. Лилја не' погледна и ни рече: „Немојте да се загубите“. Се разбира, ние се загубивме! Беше смешно. Тие го поминаа семафорот, ние моравме да застанеме и подоцна се покажа дека Тоше не го знае патот до салата, а јас таму никогаш не сум ни бил. И тогаш се случи нешто што ќе го паметам засекогаш. Одеднаш Тоше ми рече: „Знаеш Рус, ти не си случаен минувач во мојот живот. Не знам како да ти кажам, но постои збор на небото што го означува нашето заедништво“. Го погледнав зачудено. Никогаш никој не ми се обратил на тој начин. Се насмеа, се навали на воланот и рече: „Ведра е ноќта“. Во тој миг пред нас беше таблата со насоката за вртење кон мариборската населба Руше - Рус и Тоше еднакво на Руше! Му реков: „Еве го зборот!“. Тој се навали, ме погледна и само ми рече: „Не можам да верувам, гледаш дека нешто постои“. Тогаш се договоривме еден на друг да се обраќаме со Руше. На концертот, само за половина минута, сфатив дека Македонија го има најдобриот пејач на светот. 

 

*„Игри без граници“ е апсолутен хит во земјава. По трагичната смрт на Тоше многумина во неа препознаа тага и разочарување. Што ви беше инспирација да создадете една таква композиција за него?

- Го молев да му направам нешто поинакво. Нешто со што тој би ја врзал кариерата во подоцнежните години, кога ќе биде позрел и постар. И на чудење на некои наши соработници, тој се согласи. И се случи „Игри без граници“. Никша Братош направи совршен аранжман. Тоше допатува во Загреб. Ја слушна песната и рече: „Леле Руше, ова е чудо, секоја ви чест“. Беше пресреќен. Ми рече и тогаш, а потоа дека сам сака да пишува такви песни. Тоше, Никша и мојата маленкост - тоа беше мигот што го чекав откако се занимавам со оваа професија. Тоа беше мојот тим од соништата. Се разбира, зборувам само за малото катче што го имам во кариерата на Тоше, со должна почит кон сите автори што пишувале за него. 

АВТОБИОГРАФСКИ СТИХОВИ

*На последниот концерт на Градскиот стадион Тоше рече дека „Црешна“ му е автобиографска песна. Ви откри ли во кои стихови се препозна?

- Од првиот момент кога ја слушнаа „Црешна“, Тоше и Лилја беа одушевени од идејата таа песна да ја отпее и тој. За мене тоа беше голем настан. Кога ја отпеа, излезе од студиото со насмевка од задоволство. Му реков: „Бог ти го дал тој глас, сега песната е мирна“. А тој ми врати: „Руше, ти си неверојатен поет“. Слушнав дека на концертот во Скопје рекол оти таа му е автобиографска песна. Мислам дека дури сега го разбирам и го гледам во стиховите, кои би сакал на македонската публика да и' ги презентирам во оригинална верзија, така како што излегоа од мојата душа: „Што то има у људима тужно, да улазе у туѓе животе. Тко то живи у прошлости мојој, а још није умро од срамоте. Рекао сам, у вјетар сам причао, никог није било да ме чује, лијепу пјесму не воли баш сватко, нетко баца камен на славује“. По се', ми се чини дека тоа е автобиографска песна и на Лилја. Кога пред некој ден дознав дека децата во Крушево, пред основното училиште каде што учел Тоше засадиле цреша, заплакав. Ги поздравувам и им посакувам да бидат добри луѓе како и нашиот Тоше.

* Бевте блиски со него? За што најчесто разговаравте?

- За нашата блискост зборував со протојереј Кирко Велински во Загреб. Тоа е човекот кого го запознав пред олтарот на црквата по мисата на задушница, бидејќи Тоше беше верник каков што никогаш во животот не сум сретнал. Со оглед на моето молчење во време на жалоста, ми беше логично да разговарам со него. Тоше и јас знаевме долго да зборуваме за верата и убеден сум дека тој ми го прати отец Кирко за пријател. Би ве замолил во оваа пригода, драги мои Македонци, да им помогнете на отец Кирко и на господин Пимен, за изградбата на првата македонска православна црква во Загреб. Ветувам дека во изградбата ќе помогнат сите пријатели на Тоше во Загреб.

* Дали  забележавте преку тие разговори дека ја претчувствуваше смртта?

- Да.

* Како ја примивте неговата смрт?

- Верувам како и сите други. Тоа момче сите го обожаваа, не само поради песните. Имаше тој и нешто друго што ретко кој го има. Имав среќа во животот да запознам таков човек.

* По иницијатива на Тоше сте напишале текст за Крушево, а тој сега ќе биде епитаф на неговиот гроб. Како настанаа тие стихови?

- Што ќе се случи со таа песна, ќе решат неговите родители. Им ја подарив ним и на Лилјана, која беше присутна во сите успеси на Тоше, па и во миговите на неговата несреќа. Кога веќе ги споменувам родителите, им се поклонувам до подот за тоа каков човек и верник одгледале. Се молам за нив и за сестрата на Тоше, на кои им е најтешко. Песната Крушево ја создадов по негова желба.

* Кажете ни нешто повеќе за последната песна што ја снимивте?

- И таа спаѓа во редот на чудата, нема да верувате. Песната се вика „Још увек сањам да смо заједно“ и ве молам сето тоа нека ја почека годишнината од неговата смрт. Ќе ни биде подраго да се присетиме на нашиот Тоше со една нова песна што тој ја пее.

* Луѓето од Продукцијата „Аворд“ и промоторите од Англија планираат да му ја понудат „Игри без граници“ на Стинг, омилената музичка ѕвезда на Тоше. Кој е Вашиот коментар?

- Го обожавам Стинг и знам дека некому ќе му биде чудно што ова ќе го речам. Но, мислам дека „Игри без граници“ веќе ја отпеа најдобриот пејач во светот. Сепак, ако Стинг ја отпее, секоја чест. Ќе му бидам благодарен.

* Тешко ги откривате нештата што ги знаете и што ве поврзуваат со нашата пејачка легенда. Што за крај би кажале?

- Тоше беше голем хуманист, првиот човек што по воените ужаси на овој несреќен Балкан донесе радост со својата песна воновонастанатите земји. Со своето заминување на сите им покажа дека можеме да имаме заедничка болка. Ме трогна говорот на охридскиот и македонски архиепископ г.г. Стефан на погребот на Тоше. Како и писмото на монахињата Макрина, кое имав можност да го прочитам, во кое скршена од тага во еден миг изрази страв дека можеби на Македонија сепак не и' е судено. Со задоволство би и' порачал на земјата што го даде Тоше Проески, која сигурно и сега ја чува, бидејќи знам колку ја сакаше: „Не може, а да не и' е судено“.

Последен спомен од пријателот

- Ќе ви кажам за еден од последните мигови на нашето дружење. Тоше и јас се шегувавме со Лилја во предворјето на хотелот „Интернационал“. Ја зедовме во раце како да се подготвуваме да ја фрлиме во воздух, Беше смешно, сите гости гледаа во нас, а некој од нашите пријатели не' фотографира. Паднавме во општа смеа. Одеднаш Тоше отиде до масата, зеде фломастер и почна нешто внимателно да пишува на подлошката за чаши. Забележав во тој момент дека стана некако далечен и отсутен и ја изгубив желбата повторно да го викнам во нашето друштво. Пет минути подоцна пред да отпатуваат се прегрнавме и останав сам на масата. Ја зедов подлошката и видов дека на неа со големи букви пишува „Тоше Руше“. Таа ми е последниот спомен од него - вели Мирослав Рус.

Соња Алексоска Неделковска

Посети:{moshits}