Прелудиум и Пајдушка направија револуција


Публиката и критиката во Европа, Азија, Америка и Австралија на делата на Живоин Глишиќ реагираа вџашено, пред се, заради магијата на нашиот фолклор, а после и заради начинот на кој композиторот тоа го направил, вели Трпчески, кој вечерва настапува во Гевгелија


simon.gevgelija.jpgМаестро Симон Трпчески вечерва (20 ч.) ќе одржи концерт во Гевгелија, а веќе утревечер настапува во Струмица. Третиот, од овие хуманитарни концерти кои се во органзизација на Здружението на граѓани "Култур Оп", ќе се случи на 5 декември во Прилеп. На програмата се дела на Скрабин, Шопен, Брамс и Дебиси.

Постојано си од еден концерт на друг. Како се носиш со тој напор, посебно што настапуваш на различни континенти?
-Јас сум човек кој во животот сака баланс. Тоа и го правам. Не би рекол дека сум постојано од еден концерт на друг. Јас поминувам значајно време и дома. Инаку, секако дека не е едноставно, бидејќи се работи за долги патувања, менување временски зони и клими, а одговорноста секогаш треба да е на највисоко ниво. Човек треба да има и добро организиран живот за да може психофизички да го издржи тој напор. Засега добро се држам, ќе се трудам во иднина да бидам уште подобар.

Како реагира странската публика на делото Прелудиум и Пајдушка на Живоин Глишиќ и дали имаш идеја на некој свој следен албум да ставиш и друго македонско дело?
-Според бројот на изведбите на делото на професорот Глишиќ, кој надминува 110, верувам дека е тој еден од најизведуваните наши композитори надвор од границите на нашата држава, ако не и најизведуван. simon.gevgelija1.jpgЕдноставно, тој го направи делото Прелудиум и Пајдушка како една компилација на фолк, класика и џез, да звучи на современ музички јазик, што е реткост во современото класично музичко творештво. Затоа и публиката и критиката во Европа, Азија, Америка и Австралија реагираа вџашено, пред се, заради магијата на нашиот фолклор, а после и заради начинот на кој композиторот тоа го направил. Секако тука голема улога има и мојата интерпретација. Делото е навистина комплицирано за изведба. Но, јас сум горд и среќен што имам можност да го претставам, затоа што на одреден начин тоа претставува револуција во македонската современа пијанистичка литература. Ова дело ќе може дигитално да се симне од интернет, како дел од дополнителниот репертоар на најновиот компакт диск. Секако дека имам многу идеи кои треба детално да ги обработам за некое друго дело кое ќе се најде на следен албум, да биде претставено онака како што на сите нам ни доликува како Македонци.

Концертите низ Македонија ти се со предзнак - хуманитарни. Дали можат уметниците финансиски да и помогнат на македонската култура?
-Јас и досега сум настапувал во хуманитарни цели, почнувајќи од мојот прв концерт во Лондон во 1997 година, како и многу други во светот и во нашата земја, па ова е своевидно продолжение. Би било прекрасно уметниците да можат финансиски да ја помагаат македонската култура, но да се дојде до тој степен, треба истрчување на еден подолг маратон, животен и професионален, со безброј своевидни и специфични пропратни случувања. Значи, би било добро прво да се создаде одлична патека за трчање на тој маратон, па потоа да се добие финален резултат - производ - уметник, способен за се, на свое и општо задоволство.

Доснимуваш албум во Лондон. Кои се твоите очекувања?
simon.gevgelija2.jpg-Викендов во Англија го завршив снимањето на четвртиот албум за ЕМИ Класикс. Не можам да кажам какви ќе бидат резултатите и реакциите. Она што можам да го кажам е дека јас уживав за време на учењето на, за мене, мал дел нов репертоар кој ќе се најде на албумот, а кој е посветен на дела од Клод Дебиси, како и за време на снимањето на истиот. Имаше прекрасна и многу релаксирана атмосфера која напати беше пропратена и со доста шеги. Сигурен сум дека овој албум е очекуван со големо интересирање од страна на музичките сладокусци од причина што овој репертоар на некој начин доаѓа како изненадување за нив затоа што не се навикнати да ме слушаат во овој музички стил. Се надевам дека ќе уживаат приближно онолку колку што јас уживав за време на неговото снимање. Ќе го чекаме јануари.

Анита ЈОВАНОСКА
Извор:ВЕЧЕР