Никола Упевче, академски сликар, конзерватор и реставратор

Плаошник би го вброил меѓу најзначајните и најатрактивните локалитети на оваа територија

Симон Илиески

Археолшките ископувања на Плаошник беа големо искуство за младиот академски сликар,конзерватор и реставратор Никола Упевче, кој се определи да му се посвети на мозаикот, да ја почувствува возбудата на откривањето и потоа грижливо да го реставрира и да го врати на местото каде што бил со векови?

Во текот на деветгодишните археолошки истражувања на локалитетот Плаошник, во Охрид беа извршени систематски археолошки истражувања кои дадоа исклучителни резултати по обемот и квалитетот на откриените остатоци од претходните култури, како на движни археолошки наоди така и за докомплетирање на сликата за ранохристијанскиот и античкиот период (богат со мозаични декоративни површини). Претставува особен предизвик и чест, овие културни остатоци квалитетно да се документираат, конзервираат, реставрираат и презентираат пред пошироката публика и стручната јавност. Во минатите години се извршија третмани над околу 1500м2 мозаични површини, а дел од нив веќе можат и да се видат.


Што е најзначајното нешто што го пронајдовте на Плаошник и каде би го лоцирале во вкупните археолошки вредности во Македонија?

Од досегашните наоди тешко и неблагодарно би било да се одвои некој од нив зошто секој фрагмент или секоја зачувана целина со своите особености преставува непроценливо богатство и алка од културниот континуитет, кој со генерации оставал траги во овој богат реон. Траги на културни остатоци и симболи на престиж, како и траги на деструкција и уништување на се она што било дотогаш, за одново, дури некогаш со истиот материјал да се обноват, преосмислат и одново да се изградат.

 

Охрид, не случајно е најден на листата на УНЕСКО, како светско културно и природно наследство, признание но воедно и нешто што бара нега, грижа и неприкосновено зачувување и презентација.

Секако, Плаошник би го вброил меѓу најзначајните и најатрактивните локалитети на оваа територија, заради својата природна поставеност, богатството на наоди, а овде би требало да се истакне и една интересна ситуација, досега за прв пат сретната не само на територијата на Република Македонија туку и во светот, каде што по отстранувањето на мозаичниот под од анексот на ранохристијанската поликонхална базилика, се наиде на комплетно зачувана бања со ѕидови висински зачувани до 3м и одлично зачуван монохромен мозаичен под работен во стилот на добро познатите бањи од Херкуланум и Помпеи.

 

Мора да се признае дека Никола Упевче е еден од ретките, кој она што неколку години го работи, го презентира по меѓународни собири. Што всушност е промоција на македонското културно наследство?

Во текот на 2008 година учествував во работата на X Конгрес на Интернационалниот Комитет за Конзервација на Мозаик во Палермо, Сицилија, Италија; на кој се претставив со „Конзерваторско реставраторските третмани на крстилницата ’Четири рајски реки‘ и „Можностите за унапредување и обука на конзерватори од југоисточна Европа“. А минатата 2009 година во Равена, Италија, на конгресот Ravenna Musiva настапив со „Презентација на мозаичните површини на повеќеслојниот локалитет Плаошник, Охрид, Република Македонија“ со посебен осврт на ситуацијата од погоре споменатиот анекс и бања. Истите се публикуванини во аналите на овие собири.

 

Учеството на меѓународни собири, посветени на мозаиците и нивната конзервација се место за размена на искуства и осознавање на современи и ефикасни техники. Лесно ли е тие да се применат на нашите простори?

Покрај повеќето обуки, работата во Атељето за реставрација на антички мозаик во Арл, Франција, учеството на повеќе семинари, работилници и други собири во републиката и странство се стекнав со значајни искуства и пријателства. Реставрацијата, иако се однесува на материјали и технологии кои се употребувале во минатото доживува несомнен процвет последниве дваесетина години, со примена на современи софтверски решенија, високо прецизни алати и продукти кои значително ја подобруваат документацијата и состојбата на културните добра. Стекнатите искуства се применуваат и кај нас. Моментално се привршува работата на еден интересен мозаик, од село Октиси, со површина од 16 м2 поставен на девет подвижни алуминиумски панели, истиот сега, е добро заштитен и е подготвен да биде презентиран на разни тематски изложби во земјава и странство.

 

Каде би ги лоцирале македонските искуства во споредба со другите земји, особено оние од подрачјето на Медитеранот?

Целокупниот Медитеран или реонот околу Средоземното море изобилува со остатоци и градби од антиката, богато декорани со мозаични подови и ѕидови, фрески, штукатури, натписи, рељефи и скулптури, разни движни наоди од секојдневниот живот... се ова претставува убава можност и поле за размена на искуства, соработка и обука на идните заштитари. Југословенските искуства на македонска почва, последните педесетина години се доста значајни и забележителни, со примената на технологиите на Милорад Медиќ, во областа на мозаикот, чистењето на фреските од Богородица Перивлептос од Здравко Блажиќ, смелите подвизи на архитектот Борис Чипан и соработката со врвни италијански експерти, Институтот за земјотресно инженерство, како и многу други интервенции ги претставуваат пионерските дострели во ова поле. Со осамостојувањето на Република Македонија, а особено последниве десеттина години се извршија доста смели зафати и на огромни површини. Истите се препознаени од повеќе ценети светски експерти.

 

Многумина упатени во оваа област велат дека на пронаоѓањето на археолошки предмети во јавноста им се посветува многу поголемо внимание отколку на мозаиците?

Секое едно нешто, кога се исполнува и е, го заслужува вниманието на внимателните сетила. Во времето на транзиција и заматувањето на вистинските вредности и дострели, само внимателните можат да ги препознаат, да се воодушевуваат и да ги истражуваат вредностите.

 

Споредбено со другите земји, дали македонските заводи за заштита на културните споменици и дирекциите за заштита на културното наследство имаат доволно стручни кадри и дали има позитивна атмосфера за постојано ангажирање на млади стручни кадри?

Секако дека има! Најважно од се е да се сака, да се истрае, да се истражува, да се соработува и дели, а и да се поддржува. Ова е прекрасна прилика за нашата земја и убаво поле за натамошни соработки и истражувања.

 Извор: Утрински весник

 

 

 Извор : Утрински весник