Да ја гледаат Македонија и да се чудат на богатствата и на величието


Многу луѓе ќе бидат ангажирани за да се завршат несвидните приказни за "Марвинските некрополи", за да не се буричкаат несмасно илјадници покојници кои таму биле погребани да почиваат во својата вечност, за да се завршат морбидните грабежи на гробовите од нашите предци и морбидните трговии со ѓаволот...


В година на Исар - Марвинци ќе копаат 1000 луѓе. Што очекувате да се најде штом се ангажираат толку луѓе? Дали досега на Балканот имало ваква голема археолошка акција?
- Тоа е симболична бројка за да се потенцира исклучителната потреба за решавање на тој археолошки јазол. Многу луѓе ќе бидат ангажирани за да се завршат несвидните приказни за "Марвинските некрополи", за да не се буричкаат несмасно илјадници покојници кои таму биле погребани да почиваат во својата вечност, за да се завршат морбидните грабежи на гробовите од нашите предци и морбидните трговии со ѓаволот... Тоа е едната страна, а другата е да ги истражиме овие "вечни почивалишта" како што дозволува научната етика, да ги збогатиме нашите сознанија за фундаментите на егзистенцијата на современиците и да ги збогатиме нашите нови "чувари на вечноста" - музеите. Очекуваме откритија од најзначајните периоди на формирање на етничките супстрати на нашите простори (бронзеното и железното време) и од античкиот класичен период, од македонскиот, преку римскиот до доцноантичкиот период. Тоа ќе бидат гробници со различни архитектонски карактеристики, зависно од нивното време и предмети кои ќе говорат за живеењето на нашите цивилизациски претходници сместени во тие "домови на вечноста".

Археолошките ископувања за годинава завршија. Која е Вашата оценка за вредноста на пронајдоците?
- Пронајдоците ја збогатија македонската и европската археолошка ризница. Археологијата е наталожено време. Наталоженото време е единственото време кое не одминува. Поради тоа археологијата е богатство кое возбудува. Колку повеќе наталожено време толку поголема димензија на нашето постоење. Археолошките пронајдоци кои беа извлечени од пластовите на земјата во која се запретани стопати повеќе милијарди умови отколку што денеска ги има планетата, претставуваат згусната енергија која зрачи и ја осветлува нашата иднина.

Имате ли некаква трага, сознанија, за нови златни маски?
- Има, во соништата кои секогаш извираат од потсвеста. Таму долу, долу, каде што вечноста дише... Ги знам тие скриени долини, таму ме чека времето, моето време, златното време кое ме гледа однатре преку затворените очи на златните маски. Ете, се е јасно, само да стигнам дотаму.

Кој е најголемиот археолошки сон на Кузман?
- Да ги остварам соништата на сите оние кои веруваат во мене. Јас, лично, отсега натаму сонувам за конечна реализација на замислите со Кастелото кај Кожле, заедно со археологот господин Спасиков, да ја отсонувам Енгелана, старите пајонски гробишта во потрага по Кралот, да го видам оддалеку Стоби како цути, да стигнам до златната маска од последниот требенишки кнез (онаа од Горна Порта во Охрид припаѓаше на лихнидската принцеза Аналела од V век пред нашата ера), да ги посетам уште еднаш моите пријатели од бронзеното време... Всушност, најголемиот археолошки сон ми е да ја видам Македонија во која ќе биде откриен, конзервиран, реставриран, делумно реконструиран и презентиран по еден археолошки локалитет-град од сите цивилизации кои во минатото престојувале во оваа наша земја по повеќе од 100 години и таква една карта да ја пласираме по сите меридијани на планетата Земја. Да ја гледаат и да се чудат на богатствата и на величието...

Да ги потсетиме читателите: зошто Паско Кузман секогаш носи повеќе часовници на раката?
- Двата се за патување низ времето, а третиот е археолошки сат. Понатамошното објаснување нема да го разберете ниту Вие, ниту читателите. Накрај, тоа е моето тајно археолошко решение на Ајнштајновата формула и негова примена во огромната вселенска слобода.

До каде е изградбата на Музејот на вода во Градиште? Што би издвоиле како посебно интересно од наколната населба?
- Музејот на вода е работен наслов за музејскиот комплекс на локалитетот Плоча Миќов Град во Заливот на Коските на полуостровот Градиште на Охридското Езеро. Реконструкцијата на праисториската надводна населба е во завршна фаза, остатоците од римскиот каструм се конзервирани и реставрирани, пристапниот објект на копното е во фаза на ентериерно уредување и подготовка на перформансна постојана изложба која ќе се обиде да го презентира дното од езерото онака како што го гледав јас додека во подводна истражувачка акција често пати во време од осум години бев под водата заедно со Мико и "подводните" пријатели, базата за подводен туризам исто така е во фаза на внатрешно уредување, илуминирањето се подготвува, пристапната и другите патеки се привршуваат... Значи, приказната започнува. Што би издвоил? Се, како една временска целина, во која ништо не претставуваат стотици години од едно до друго време на пат долг стотина до двесте метри! Верувам дека таа целина ќе биде една мала Македонија која ќе мора да ја запамети секој посетител.

Дејан ТРАЈКОСКИ- Вечер