Интервју со д-р Горазд Росоклија, академик и професор 
Македонија е во фаза на описменување за потребите на развиениот свет 


  

 
Академикот професор д-р Горазд Росоклија е светски признаен научник во областа на истражувањето на невропатологијата и невроимунологијата, кој од 1998 година е професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот Колумбија, Њујорк, САД. Овој врвен научник, кој за своја морална обврска и должност кон матичната земја, ја смета несебичната помош во доменот на својата стручност, деновиве успеа да обезбеди грант од „Националниот институт за здравје на САД“ и „Фогарти“ фондацијата за да создаде врвен научен центар во земјата за унапредување на истражувањата на невролошките и психијатриските болести, центар што, како што вели Росоклија, ќе биде подобар од најдобрите во светот. Професор Росоклија ексклузивно за „Нова Македонија“, говори и за пасивната улога на македонската интелектуална елита во однос на низа есенцијални прашања за земјата, меѓу кои и прашањето за името. Меѓу другото Росоклија ги коментира и состојбите во науката и нивото на научната свест и компетентност во земјава и чекорите што треба да се преземат за преструктурирање на македонската наука.


Досега во земјава не е направена некаква сериозна процена на состојбите во науката. Како Вие го согледувате степенот на научниот развој во Македонија?


- Ако само 7 отсто Македонци имаат факултетско образование, што во денешниот свет на тесни специјалности се смета како основа за професионална надградба и оспособување за работа, каков може да биде степенот на научниот развој освен - незадоволителен? Состојбата на релативна општа необразованост наметнува примена на критериуми кои се под европските стандарди дури и при изборот на факултетски професори. Тие професори произведуваат дипломирани млади луѓе под стандардите на знаење воспоставени во Европа. Загубени време, енергија, пари, а од професионален аспект - промашени животи.


Велите македонската наука треба да ја доведеме на ниво потребно да конкурира за таканаречените структурни фондови на ЕУ, па кои се чекорите при тој процес?


- Македонија е во фаза на описменување на населението за потребите на развиениот свет. Сепак, постојат брилијантни поединци со вредни научни достигнувања. Нивните научни трудови се во светските списанија, цитирани од други научници. Тоа се едноставни критериуми според кои е одредена вредноста на секој научник во светот. Тие научници и нивната наука треба да се поддржат за да прераснат во така наречени центри на перфектност, со кои македонската наука ќе се презентира пред светот и ќе може да конкурира за европските и американските научни фондови. Уште позначајна е селекцијата на кадри во академските и во научните институции. Таа мора да биде само според квалитетот. Така избраните треба да бидат испратени во светските академски и научни центри за дообучување, воспоставување научни контакти, соработка и аплицирање на заеднички проекти во кои македонската институција ќе биде рамноправен партнер.


Дали тоа значи дека патот на науката, патот на откривањето, љубопитноста, истрајноста, не е вистинскиот пат на докажување и афирмација на една култура.


- Тоа е патот, но традициите од пред 1.200 години не се доволни. Тие се значајно минато со кое се гордееме и црпиме инспирација и самодоверба за вредноста на нацијата, но нашата иднина ќе биде одредена од тоа што го правиме денес. На овие простори создадени се глаголицата и кирилицата, на Европа и на Словените дадени им се писменоста и културниот процвет се до средниот век. Кога малкуте писмени во Европа пишувале исклучиво на латински јазик неразбирлив за нивните народи, нашите дедовци пишувале на јазикот на сопствениот народ. Тоа се македонските просветителски традиции. За жал, кога ренесансата и хуманизмот ја менувале средновековна Европа, ние сме биле само христијанска раја на која им биле убиени интелектот и достоинството. Но, вчерашната раја, денес има паметни и успешни во водечките академски институции на светот. Тоа ги покажува виталноста на македонската нација и интелектуалниот потенцијал.


Како интелектуалец, кој по дефиниција ја следи политиката и политичкиот момент во земјата, што мислите за преговорите околу името? Дали македонските интелектуалци молчат, или медиумите се незаинтересирани за нивниот став?

- Во медиумите, секојдневно се промовираат како конструктивни, ставовите и сугестиите на разни „лидери“, кои и сугерираат на нацијата да го свитка ‘рбетот, да го проголта достоинството и да си го смени името. Ако направите анализа ќе дојдете до заклучок дека тие луѓе се истите што не веруваа и не веруваат дека самостојна Македонија и македонската нација имаат иднина, тоа се тие што ги уништија економските основи на земјата и кои го фрлија народот на колена.Ним им треба друг народ што ќе им поверува, народ што е без историско сеќавање и без достоинство. Што се однесува до последните 115 години, сите историски „обиди“ на Европа да го „реши“ „македонското прашање“, се обиди за негово елиминирање преку елиминирање на македонската нација. Физичкиот, културниот и интелектуалниот геноцид врз Македонците го направи истата Европа што сега ни поставува услови. Притисокот и уцената за прием во НАТО и ЕУ се продолжение на истата политика.


Кои се нашите очекувања од влегувањето во Европа?


- Во наредните десетина години, Европа ќе биде свртена кон себе заради уништениот финансиски систем и кризата на сопствените економии. Неизвесно е дали финансиската и економска криза ќе доведе до европски интеграции или дезинтеграции. Европа ќе мора секое Евро да го посвети на економските потреби на сопствената популација за да не им се случат нови Бастилји. Македонија и нашиот економски интерес ќе бидат последното со што Европа ќе се занимава во иднина. Да се свртиме кон себе, да создадеме образована памет, да се обидеме да ги исползуваме фондовите што ни се ставени на располагање, а кои остануваат неисползувани заради нашата неспособност, да влеземе во соработка и размена со европските земји но и со светот. Не заговарам анти европска ориентација, напротив, ние сме Европа и секогаш ќе бидеме. Но, ако формалното членство во ЕУ има цена што не можеме, не смееме и не треба да ја платиме, да се ориентираме кон соработка со Европа и без формално членство во Унијата, да се свртиме пред сè кон светот како поле за економска, научна и културна размена.

  Елитата го избра Обама

- Американската интелектуална елита одлучи за нејзин избраник за иден претседател на САД да биде Барак Обама, инаку дипломец на Колумбија колеџот во 1983 година. Таа елита сметаше и очекува, дека Обама ќе го смени лицето на Америка и на светот. Брилијантната личност на Обама е неоспорна, но водечките медиуми не дозволија било која афера во врска со Обама да биде нешто повеќе од сосема кратка вест. Сите обиди на опозицијата да го доведат во врска со тероризам, екстремизам, социјализам..., беа отфрлани со потсмев. Една година американската јавност го гледаше „идеалниот“ Обама во конфронтација со „неидеалните“ Хилари Клинтон и Џон Меккејн. Победи избраникот на американската интелигенција и памет. Можеме многу да научиме од овој пример во правец како македонските интелектуалци и македонските медиуми треба да размислат како ќе се однесуваат кон сопствената улога при изборот на луѓе клучни за иднината на државата.

  
Автор:  Светлана Поп Дучева  - Нова Македонија