Од сцената зрачи љубов


Ова е пораката која Лидија Иваноска со своето петдецениско искуство им ја испраќа на младите, потсетувајќи дека и подемите и падовите не се ништо без љубовта на и кон сцената...Во Прилеп, на Фестивалот "Војдан Чернодрински" ја доби наградата за животно дело

 

Лидија Иваноска, актерка, пет децении е присутна на сцената во градот под Марковите Кули - Прилеп. Во нејзиниот работен век таа не познавала поделба на фахови, игра се што ќе и се довери, со голема професионална одговорност, афинитет и интерес. Тоа значи дека подеднакво добро "ги владее" ликовите и делата од светската, драмска класика, но и пиеси од современата домашна и странска драматургија. Незаборавни се нејзините настапи во "Крвави свадби" и "Домот на Бернарда Алба" (насловна ролја) од Федерико Гарсија Лорка. Народот нема да ја заборави ни Фатиме од "Солунски патрдии" на Миле Поповски, како и нејзините остварувања во камерните проекти "Кому му е сеедно", "Заливот"... и неколку монографски остварувања... За својот порив и живот кој започнал од нејзиниот роден Нови Сад и стигнал до Прилеп раскажува самата Лидија:
 

За Прилеп некогаш и сега...
- Пред пет децении кога дојдов, месото висеше по улиците на чингели, булук овци и магариња шетаа по чаршијата... Но, јас уште оттогаш почувствував дека ќе го засакам овој град. И тоа се потврди со влезот в театар каде што ме пречекаа сите недвојбено убаво, почнувајќи од Љубиша Трајкоски, Мирко и Нада Стефаноски, Живка Ламетиќ... и останатите. Имав среќа да добијам се што може да посака еден млад уметник. Такви шанси и во тоа време ретко се добиваа, но жално беше и да се испуштат. Прекрасната прилепска публика уште тогаш имаше разбирање за театарот и знаеше да не награди, но и да не нагрди за она што го правиме. Бевме ансамбл кој од ништо прави нешто. Убаво е чувството дека во мојотот театар можам да влезам, да останам и да излезам кога и колку сакам...

За уметничката трага...
- Многу е интересно како обичните луѓе кои ме среќаваат на улица ја примија наградата која ја добив. Имам чувство дека таа не е само моја, туку и на моите колеги, а пред се - нивна, на прекрасните мои прилепчани. Убаво е да се чуе она што неодамна ми го кажа една продавачка. Едноставно, искрено ми рече: "Растевме со Вашите улоги и многу се радувам на Вашиот успех..."

За наградата...
- Нормално, ми беше драго што не сум заборавена од Претседателството на Фестивалот. Ова е верификација за се она што сум дала во Театарот, а и на Фестивалот "Војдан Чернодрински"...

За аплаузот...
- Иако сум од поодамна во пензија, јас до пред две-три години играв. Сега ми недостасува силината на аплаузот, оној краен чин на (не)успехот кој со сета своја јачина или млакост се прима со срцето и душата...

За пензионерските денови...
- Јас и мојот сопруг Трајче (Ивановски, исто така пензиониран актер на Прилепскиот театар) воопшто не се чувствуваме како пензионери. Живееме во, за и од театарот... Трајче се уште е активен на сцената...

За младите...
- Во Прилеп дојде еден бран на млади и енергични актери и театарски творци, кои заслужуваат внимание. Се почесто правиме претстави со кои се гордееме. Последни два такви примера за успех се "Светилникот" на режисерот Владо Цветановски, каде што игра целиот ансамбл, што значи убав спој на старите и младите актери и "Тапани во ноќта" на младиот режисер Мартин Кочовски, која носи навистина една нова, свежа и убава енергија... На младите колеги би им препорачала да се сакаат и со љубов да работат се на сцената, бидејќи има и падови и подеми, но она што зрачи од сцената е љубовта...

Борче ГРОЗДАНОВ-Вечер