27/04/2017  

Македонската православна црква в недела на 30 април во манастирот во Слепче ќе го канонизира за нов светител Игуменот Кипријан Слепченски, кој пострадал маченички за православната вера. За овој Игумен македонската јавност дозна по истражувањата што ги направил Виктор Недески, теолог, асистент на Богословскиот факултет во Скопје и докторант на Универзитетот Аристотел во Солун. Свети Киријан маченички пострадал во XVIII век, во 1780 година кога на Велики четврток бил нападнат манастирот.

Теологот Недески во интервју за Прес24, вели дека канонизацијата на Свети Кипријан значи континуитет на живоста на МПЦ-ОА.

-Овој потфат на препознавање, признавање и прославување на светите луѓе кои низ вековите се вградувале во нејзиниот црковен живот е особено значајно и благородно дело, зашто го покажува црковниот континуитет на македонските простори и стремежот кон светоста, која треба да биде цел на животот на секој христијанин, вели Недески во интервјуто.

Тој е и автор на житието и на богослужбените текстови за светителот.

-Житиен текст е составен врз основа на податоците од споменатиот запис во кој се опишува настанот кој се случил на Велики четврток во 1780 г.: свирепиот напад на манастирот, заробувањето, измачувањето на игуменот Кипријан и неговиот блажен крај. Особено е впечатлив и трогателен начинот на кој бил измачуван свети Кипријан. Тој бил горен со оган кој бил запален од манастирските свеќи, сè со цел бавно да страда, за на тој начин да се поколеба во верата и да се откаже од Христа. Меѓутоа свети Кипријан покажал цврста вера и надчовечко трпение, како што е опеано и во богослужбата, и ни најмалку не се поколебал во верата ниту кога бил удиран од мачителите, ниту, кога бил горен од пламенот на свеќите, но сето тоа смело го поднел, знаејќи дека за привремените страдања заради Христа, на небесата го очекува вечен и нераспадлив светителски венец. Впечатливо е тоа што ваквиот начин на мачење на светителот е видлив и на неговите сочувани мошти, вели теологот во интервјуто за Прес24.

Недески посочува дека МПЦ е првата црква што официјално со синодски акт покренала постапка за негова канонизација иако во бугарската јавност во некои текстови се споменува како бугарски светител.

-Во одредени релативно нови списоци на светители во Бугарија кои се појавија на интернет стои и името на свети Кипријан Слепченски. Меѓутоа она што е значајно е тоа дека Македонската православна црква е првата која со официјален синодски акт покрена иницијатива за негово официјално вбројување во диптихот на светителите, состави богослужбени текстови, наслика икона и одреди празничен ден во кој ќе се прославува овој угодник и маченик Божји. Таа секако е најповикана да го направи тоа зашто свети Киприајн Слепченски живеел и пострадал на територија која е под нејзина јуриздикција, вели Виктор Недески теолог асистент на Богословскиот факултет во Скопје и докторанд на Универзитетот Аристотел во Солун, во интервјуто за Прес24.

ПРЕС24: Македонската православна црква в  недела ќе го канонизира Кипријан Слепченски, како уште еден светител од црковниот живот на Македонската православна црква. Вие работевте на истражување на делото на Свети Кипријан. Што ќе значи таа канонизација?

НЕДЕСКИ: Во првите векови прославувањето на светителите бил спонтан процес кој бил заснован на култот на одредена личност во народот на локално ниво, а култот на некои светители постепено растел и на вселенско ниво. Подоцна, во одредени случаи Црквата покренувала и официјални постапки за прославување на одредена личност како света, што денес е пошироко познато со терминот „канонизација“. Сепак, посоодветен термин за овој процес е „препознавање на светител“ или попрецизно тоа значи „вборјување на одредена личност во диптихот (списокот) на светителите“, бидејќи Црквата само ја потврдува светоста на луѓето кои со својот живот и делата стекнале смелост пред Бога да се застапуваат за нас. Токму и со овој чин на прославување на игуменот Кипријан Слепченски, Македонската православна црква – Охридска архиепископија дава и официјален благослов на верниот народ да го проси неговото молитвено застапништво пред Бога. За да се стигне до овој процес, потребно беше да се изготват: житие, богосужба и икона на светителот, што и се направи. По консултациите со Комисијата за прославување на нови светители, САС на МПЦ-ОА донесе одлука чинот на прославувањето на свети Кипријан да се одржи на 30-ти април оваа година, во склоп на прославувањата на 50-годишнината од прогласувањето на автокефалноста на нашата помесна црква. Овој потфат на препознавање, признавање и прославување на светите луѓе кои низ вековите се вградувале во нејзиниот црковен живот е особено значајно и благородно дело, зашто го покажува црковниот континуитет на македонските простори и стремежот кон светоста, која треба да биде цел на животот на секој христијанин.

ПРЕС24: Колку време работевте на истражување на овој светител и со кои се податоци располагате за неговиот живот?

НЕДЕСКИ: Првите податоци за свети Кипријан Слепченски ги пронајдов во 2011 г. за време на моите студии во Солун. Во библиотеката на училиштето на светогорскиот манастир Зограф, кое се наоѓа во Солун дојдов до извесна статија која ја третираше темата на Османлиските насилства на Балканот. Во неа ги сретнав првите податоци за страдањето на игуменот Кипријан и тоа за мене стана главниот мотив за разоткривање на личноста и делото на овој значаен маченик од нашиот род. Со текот на истражувањето дојдов и до два оригинални записи на маргините на две ракописни евангелија од Слепченскиот манастир од времето на свети Кипријан. Првиот запис е направен од самиот игумен Кипријан во 1751 г. и се однесува на градежни работи кои тој ги презел за изградба на манастирските воденици. Вториот запис е од особено значење бидејќи токму од него ги црпиме информациите за настаните во Слепче во 1780 г. и маченичката смрт на игуменот Кипријан. Овие два ракописа се единствените оригинални извори врз основа на кои се вршеа истражувањата на животот и делото на овој новопрославен светител.

ПРЕС24: Во кои архиви успеавте да пронајдете записи за неговиот живот?

НЕДЕСКИ: Како што споменав најзначаен беше записот направен во 1780 г. на многу постарото Слепченско четвороевангелие кое потекнува од 1548 г. а е творба на вештиот и надалеку познат македонски книжевник Висарион Дебарски кој живеел и творел токму во Слепченскиот манастир. Подоцна ова евангелие е пренесено во Белград и се чува во Народната библиотека на Србија, заведено под реден број Рс 102. Така, иако беше потребно одредено време да се дојде до записот, бидејќи ракописите на оваа библиотека сè уште не се дигитализирани, сепак, во 2014 г. благодарение на контактите на мојот драг пријател и соработник проф. д-р Сашо Цветковски од Центарот за истражување на културното наследство на МАНУ, успеав да добијам фотографија од оригиналниот запис. За првпат во оваа фототипна форма записот го презентирав во јули 2015 г. на Меѓународниот научен симпозиум Манастирот „Свети Јован Крстител“ во Слепче, како духовен, книжевен и уметнички центар, што привлече особен интерес кај присутните. Од тогаш па навака започнаа и посериозните подготовки за прославување на свети Кипријан.

ПРЕС24: Кој е всушност Кипријан Слепченски?

НЕДЕСКИ: Преподобниот Кипријан најпрво бил монах, а потоа и игумен во Слепченскиот манастир. За неговото потекло нема податоци. Од податоците кои ни се достапни се гледа дека бил ревносен, пожртвуван и исполнителен монах кој покажувал особена грижа за духовниот живот во ова древно светилиште, кое е еден од најголемите стожери на словенската книжевност во Македонија. Покрај тоа, монахот Кипријан покажувал и голема грижа за манастирскиот имот и вредните манастирски реликвии во едно особено тешко и кризно време каква што била втората половина на XVIII век. Како богољубив и родољубов пастир, Кипријан особено заблескал по неговиот избор за игумен на Слепченскиот манастир. Својата пожртвуваност за Бога и ближните ја покажал особено во пролетта во 1780 г. кога манастирот бил нападнат од група разбојници муслимани од околината на Корча, денес во Албанија. Разбојниците го ограбиле и опустошиле манастирот, а игуменот Кипријан го мачеле, принудувајќи го да се откаже од Христовата вера. Останувајќи непоколеблив, тој им подлегнал на раните и го завршил својот земен живот.

ПРЕС24: Што пишува во неговото житие?

НЕДЕСКИ: Житието на свети Кипријан е налик на древните мартиролошки житија и во него се става акцент на маченичкиот крај на светителот, што е и главната карактеристика на неговата светост. Житиен текст е составен врз основа на податоците од споменатиот запис во кој се опишува настанот кој се случил на Велики четврток во 1780 г.: свирепиот напад на манастирот, заробувањето, измачувањето на игуменот Кипријан и неговиот блажен крај. Особено е впечатлив и трогателен начинот на кој бил измачуван свети Кипријан. Тој бил горен со оган кој бил запален од манастирските свеќи, сè со цел бавно да страда, за на тој начин да се поколеба во верата и да се откаже од Христа. Меѓутоа свети Кипријан покажал цврста вера и надчовечко трпение, како што е опеано и во богослужбата, и ни најмалку не се поколебал во верата ниту кога бил удиран од мачителите, ниту, кога бил горен од пламенот на свеќите, но сето тоа смело го поднел, знаејќи дека за привремените страдања заради Христа, на небесата го очекува вечен и нераспадлив светителски венец. Впечатливо е тоа што ваквиот начин на мачење на светителот е видлив и на неговите сочувани мошти. По мачењето свети Кипријан поживеал уште неколку дена, а во денот на Христовото воскресение си заминал од овој живот и влегол во радоста на својот Господ.

ПРЕС24: Кој ги подготвуваше житието и останатите црковни текстови за неговото прогласување за светител?

НЕДЕСКИ: По благоволението на светитителот и благословот на САС на МПЦ-ОА јас ја прифатив должноста да ги составам житијниот текст и богослужбата за свети Кипријан. Кога станува збор за богослужбата, сакам да истакнам дека ова е првото целосно последование за светител составено на современ македонски јазик. Составувањето на богослужба на јазикот на кој е предвидено истата да се пее, овозможува метричка прецизност на мелодиските линии што е речиси невозможно да се постигне кога станува збор за богослужба преведена од друг јазик. Токму затоа и древните, но и современите химнографи на Црквата творат на јазиците на кои е предвидено да се пее богослужбата. Му благодарам на Бога што ме удостои да бидам дел од последната генерација која изучуваше православна химнографија како посебен предмет на Православниот богословски факултет во Солун, па верувам дека ќе имам и други прилики да послужам на мојата црква на овој начин. Познавањето на православната химнографија го должам и на јеромонахот Атанасиј Симонопетриски, официјалниот химнограф на Константинополската патријаршија (кој до сега напиша неколку богослужби за светители кои ги прослави МПЦ), како и на братството на неговиот претходник – химнографот Герасим, предводено од сега веќе блаженоупокоениот старец Спиридон, со кои остварував блиски контакти за време на моите студии. Акатистот, пак, за свети Кипријан Слепченски како посебен богослужбен состав е творба на мојот драг пријател и колега Александар Димоски, професор во Македонската православна богословија во Скопје, кој многупати до сега се истакна во вештината на пишувањето на вакви молитвени сочиненија. Уште еден акатист беше составен и од сестринството на Слепченскиот манастир.

ПРЕС24: Свети Кипријан, како и многумина други светители од Македонија честопати во бугарската јавност се претставуваат како дел од бугарските светители. Во јавноста имаше информации дека БПЦ го има евидентирано како дел од светители. За што точно станува збор?

НЕДЕСКИ: Кога зборуваме за светителите излишно е да се пренагласува нивната национална припадност, бидејќи тие се сеправославни и токму православниот, а не националниот идентитет е оној кој ги прави свети. Би бил најсреќен ако почитувањето и прославувањето на свети Кипријан Слепченски брзо се рашири и во соседните помесни православни цркви, па секако и во БПЦ, што е случај и со многу други светители. Во оваа прилика треба да се спомене и тоа дека во одредени релативно нови списоци на светители во Бугарија кои се појавија на интернет стои и името на свети Кипријан Слепченски. Меѓутоа она што е значајно е тоа дека Македонската православна црква е првата која со официјален синодски акт покрена иницијатива за негово официјално вбројување во диптихот на светителите, состави богослужбени текстови, наслика икона и одреди празничен ден во кој ќе се прославува овој угодник и маченик Божји. Таа секако е најповикана да го направи тоа, зашто свети Киприајн Слепченски живеел и пострадал на територија која е под нејзина јурисдикција.

 

 

Извор: http://www.press24.mk

29- ти април 2017 лето Господово