Убавото се живее, не се пишува за него, а не сум баш сигурна колку пишувам за потешката страна на љубовта. Пишувам за реални нешта, за искусени работи и ситуации, за она што јас или евентуално мои блиски луѓе го доживеале, вели Бунтеска

 

Поетесата Ана Бунтеска неодамна ја издаде својата втора книга „Колку е потребно за среќа“ во издание на „Матица“. Оваа збирка на песни следува по „Стави лајк на сопствениот живот“, книга која наиде на добар прием кај читателите.

Во нејзините песни се пишува за реалните случки во животот во кои секој може да се препознае.

- Пишувам за она што ме боли, за она што ме плаши, за она што го сакам - вели таа.

Т: Неодамна светлото на денот го виде и Вашата втора книга „Колку е потребно за среќа“. Губиме ли контрола со барање премногу за да сме среќни, а со тоа се уништуваме? Како и што споменувате во една од песните.

Алчноста за мене е болест, која го спречува човекот да ужива во моментите. Онаа неуморна потрага по нови дразби, нови ситуации и некои нови, неискусени доживувања, нè заслепува до тоа ниво што ги губиме скапоцените нешта што ги имаме, намалувајќи им ја вредноста. Впрочем, сите барем еднаш сме го чуле она дека животот се случува додека ги планираме нештата. Не знам, со годините некако ги поедноставувам работите. Гледам со помалку зборови да се разберам со луѓето, уживам во растењето на ќерка ми, читањето, шетање во природа, дружба со оние што ми се блиски. Сфатив дека во нас самите е мерачот за среќа и дека среќата е прилично релативна работа. Малку смеа, почит, топлина и љубов... ете, барем мене толку ми треба за среќа.

Т: Доминира темата љубов, претежно онаа потешката страна, тешко ли е да се пишува за убавото?

Убавото се живее, не се пишува за него, а не сум баш сигурна колку пишувам за потешката страна на љубовта. Пишувам за реални нешта, за искусени работи и за ситуации, за она што јас или евентуално мои блиски луѓе го доживеале. Сите сме се нашле барем по една од двете страни на љубовта, да оставиме и да бидеме оставени... да нè љубат и да љубиме (но не истовремено). Пишувам за она што ме боли, за она што ме плаши, за она што го сакам. Пишувам за еден ден, ќерка ми да знае каква жена сум била (освен што ме знае како мајка).

ана_бунтеска1.jpg

 

Т: Во последниве неколку години сведоци сме дека социјалните мрежи издигнаа досега непознати поети, некои добри, некои помалку добри. Колку овие алатки од модерното време лично Вам ви помагаат за себепромоција?

Себепромоција ми е многу грд збор, иако гледано од страна веројатно на тоа и личи она што луѓето го објавуваат на социјалните мрежи. Би рекла дека виртуелниот свет многу помогна во тоа да се запознае јавноста со нечии дела, од кој било сегмент на уметноста. Јас преку Фејсбукот запознав прекрасни луѓе-уметници, преку она што го создаваат им ги видов душите. Тоа за мене е богатство. Порано требаше време, следење телевизија, радио, весници за да се информира народот за издавање книга, за поставена изложба, за концерт. Сега, само со еден клик и сето тоа е достапно. Само заради тоа ги сакам социјалните мрежи, а ако не те бендиса публиката, џабе е сета себепромоција (од кој било вид).

Ана_Бунтеска3.jpg

Т: Ги препрочитувате ли сопствените песни за подоцна да посакате и нешто да промените или сте од оние поети што не се навраќаат на она што еднаш го запишале?

Ах, не. Само ги коригирам од настанати технички грешки и толку. Сето поправање или менување отпосле ми е како сквернавење на моменталното чувство што сум го имала додека сум пишувала. Не сакам да препрочитувам, избегнувам колку што можам. Еве, на промоцијата успеав (исто како и на претходната) од аспект на слушател да ги доживеам... и тогаш ме фаќа малку жал, малку страв. Затоа не им се навраќам... ги блујам на хартија и завршувам со нив, слободни се и тие од мене и јас од нив.

За љубов чо'ек треба да го бива

Убо велеше баба ми
Секој чоек за нешто го бива
Ете, некој знај од игла и конец магија да стори
Да ти извези убајни за окото да ти одмори
Да ти ја пораби со среќа душичката
Или
Некој знај со железо валцер да игра
Та го врти низ раце небаре кревка жена
И туку наеднаш некој украс домот ќе ти го стопли
Има и такви кои за месење ги бива
Та од брашно и вода чуда ќе сторат
Да ти се чини оти рајот на леб мириса
Или ене и оние кои за зборој арни се
Та од 5-6 цел свет на парче хартија ќе ти дарат
Дури да не знајш од која страна да почниш да читаш
Така велеше баба ми
Дека секој еден чоек на овој свет за нешто е роден
Дека секој го бива за нешто
И најпоќе се лутеше ко некој со магарешки инает
Ќе се запнеше за нешто шо не му лежи
И се туфкаше и уфкаше
Та напати велеше “не си ги погани рацете, не те бива”
А јас пак
Уште многу млада за да докрај разберам
А сепак доволно стара за да сетам
Еве јас велам оти во право била
Оти секој еден за нешто го бива
И оти секој треба да го најде своето штракало
За да можи себе да се внеси внатре
За да создаде свет во свет
Од убоста уште поголема убост да стори
И не
Не треба чоек да запни онаму кај шо не го бива
Та и во љубовта така некако е
Не смее чоек да запни некаде кај шо знај
Оти кадарен не е да додржи
Ниту некого да љуби и задржи
И ко веќе не те бива за некој чоек арен да си
Остај
Пушти го намира
Ослободи го
Оти голем грев ќе се стори
Оти чоек платно не е
Ниту брашно и вода
И од железо не е напраен
А најмалку од зборој
Затоа остај го ако за љубов не те бива
Ако не можиш да го љубиш и пилето в гради да му го галиш
Оти чоек платно не е...ако згрешиш, да го фрлиш
И чоек тесто не е...ако е невкусно да го плукниш
Чоек не е метал... за да го зашуткаш в шпајз ако не ти се бендиса
И писмо не е.... за да го згужваш и фрлиш в оган
Зато, ако не знајш тргни се
Ако не можиш пушти го
Ако не го љубиш ослободи го
Оти секој еден за било што треба да го бива
А најмногу за љубов, најмногу... за љубов, пиле мое

 

 Извор: http://www.telegraf.mk/kultura/literatura/ns-newsarticle-ana-bunteska-site-sme-se-nasle-na-po-edna-strana-od-lubovta.nspx