Културен, а не политички натпревар меѓу народите

Грција ни е сосед, сметам дека треба да се поддржуваме затоа што нема да се селиме одовде и да одиме да живееме на Алјаска или на Антарктик - тие сме, тука сме и многу луѓе во Грција тоа го знаат

Во светот е познат како „Чудото од Македонија“, а кај нас како пијанистот што ја пронесува славата за уметноста што се создава на ова тло, македонско. Силно му аплаудираат и во Лос Анџелес и во Париз, Токио, на сите меридијани за тоа што несебично ни го нуди - несекојдневно музичко уживање, такво какво што знаат да понудат само големите уметници. Пред Велигден не' почести со концерт и се даде себеси.

* Неодамна добивте на подарок пијано. Велат дека ниту еден подарок не е доволно голем за големите луѓе. Го доживеавте ли подарокот како благодарност за направеното или како стимул за тоа што се очекува од Вас да го направите?

- Јас сум бескрајно благодарен за подарокот. И се' уште не можам да се свестам дека сега имам достоинствено пијано, најдобрата марка на светот, „стенвеј“, и тоа дома. Тоа беше моја дамнешна желба, а и желба на моето семејство. Знам да го почитувам гестот на донаторите и им се заблагодарувам уште еднаш за доброто што го направија не само за мене туку и за мојата држава. Не сум само јас голем, туку и тие се големи луѓе. Подарокот го доживеав токму како што кажавте, и како благодарност за она што јас го правам, како и неверојатна мотивација за она што ќе следи. Мислам дека мотивацијата се покажа и на прекрасниот Велигденски концерт во Скопје.

* Концертите во повеќе градови во Македонија ја демантираа тезата дека кај нас не се слуша сериозна музика. Се сметате ли заслужен за пошироката афирмација на класичната музика?

- Апсолутно, сакал или не, како што вели Игор Џамбазов - тоа сум јас. И неверојатна беше атмосферата во секој од деветте градови низ Македонија. Фантастичен интерес, многу љубов и искрени емоции. Луѓето знаеја на најубав можен начин да ми го вратат тоа што јас им го давав. Никогаш не се вели дека не се слушала класичната музика кај нас. Се слушала помалку или повеќе. Само што можеби требало да обрнеме повеќе внимание за нејзина афирмација токму во внатрешноста, каде што има одлични познавачи на истата, а и нејзини прекрасни почитувачи. Тоа треба да е дел од системот за функционирање на државата затоа што културата е нејзиниот имиџ.

И УМЕТНИЦИТЕ ЈА ПИШУВААТ ИСТОРИЈАТА

* Во Америка бевте прогласен за најголемото чудо од Македонија по Александар Македонски. Го освоивте континентот на Колумбо, а имате ли осмислено стратегија за освојување некои други простори?

- Споредбата со Александар Македонски беше направена уште во статијата на лондонскиот магазин „Пијанист“ кога бев на насловната страница на крајот на 2005 година. Некои луѓе го имаат заборавено тоа. Но, секогаш е убаво чувството кога повторно ќе се напише и повторно ќе се прочита тоа бидејќи е потврда дека луѓето сепак ја знаат историјата. Некои луѓе што не ја следат мојата кариера, не знаат дека јас ја освоив Америка многу порано бидејки имам многу одржани концерти во последниве неколку години и многу луѓе таму веќе ме знаеја и ме знаат оттогаш. За моите успеси во Британија луѓето се веќе информирани. Жалам што нема повеќе информации за некои од концертите во Холандија, Франција, Шпанија, Скандинавија, Азија и во Австралија. Но, ќе дојде и тоа. Среќен сум што државата ни оди полека напред во секој поглед. Полека, но сепак оди. А стратегијата за освојувањето на сцените и земјите е едноставна: Јас уживам во музиката, а публиката знае да го почувствува тоа!

* Ве сметаат за галениче на државата. Се чувствувате ли така и колку таа (институциите во државата) Ви помага во создавањето услови за развој на кариерата?

- Јас сум галениче само на мајка ми и на татко ми. Бидејки сум сугарето (најмалиот) во фамилијата, по брат ми и сестра ми, јас сум галениче и на брат ми и на сестра ми.Државата во периодот на развој и тогаш кога најмногу ми требаше, ми помогна, но многу малку во споредба со тоа што навистина ми беше потребно. Најверојатно толку можела во моментот. Целата поткрепа во најважните и во најтешките моменти беше од моето семејство, во многу несоодветни услови, но поткрепа со топлина која тешко некој може да ја замисли. Поткрепата се однесува и на оние лични пријатели на семејството што се бројат на прсти, а кои се искрени почитувачи и на моето семејство и на уметноста. Јас сум им многу благодарен! Исто така јас сум им благодарен и на сите што не ми помогнале, но не ми ни одмогнале.Многу сум среќен што во последниов период луѓето ја сфаќаат историјата што сум ја направил и што ја правам за сите нас. Така треба да е за сите луѓе на кое било поле кои покажуваат исклучителни резултати.Развојот не се состои од тинејџерските години или 20-тите или 30-тите, туку развојот продолжува понатаму и трае цел живот. И среќен сум што многу работи одат во позитивен правец. Тоа е многу важно за нашиот целосен развој и за нашето созревање. Многу поголеми и посилни држави од нашата може да ни завидуваат на потенцијалот што го имаме.

* Денес Лондон,утре Париз, задутре Лос Анџелес. Што велат експертите, нели е тоа премногу набиена агенда?

- Сигурно дека распоредот е зафатен (можеби изгледа и набиено), но јас сум еден многу убав пример за тоа како треба да се балансираат нештата во животот. Секаде кажувам дека ако почувствувам дека машината ме меле, веднаш ќе прекинам со кариерата бидејки не сум човек што сака да живее во авион, хотел и во концертни сали. Тоа и го правам. Секоја сезона има некој позафатен период, но јас знам тоа да го балансирам и доволно време поминувам дома затоа што животот со семејството и со пријателите е бесценет и тој е инспирацијата за она што јас го покажувам на сцена.

ВАЖНО Е ДА СИ ЧОВЕК

* Познавачите велат еднаш славен - засекогаш славен. Каде Ви е максимумот?

- Во едно интервју како мал, одговорив - врвот ми е цел. Врвот е релативна работа, нели?! Не е важно дали си славен и колку си славен. Важно е да си човек. Јас потекнувам од многу нормално и мудро семејство и мојата личност не се променила од моментот кога се поставиле базичните столбови на истата. Јас знам како да се справам со популарноста. Тоа е многу важно. Секако дека и образованието игра голема улога во тоа. Психологијата треба да е задолжителен предмет. Таа не' проучува сите нас. Затоа жалам што неа ја нема доволно во нашиот образовен систем.

* Веројатно на сцените во светот Ве најавуваат како пијанистот од Македонија. Како ја доживувате ситуацијата околу притисокот за промена на името и ветото на Грција во Букурешт?

- Ако ја следите добро и доволно мојата кариера, ќе забележите дека не веројатно, туку секогаш и секаде ме најавувале и ме најавуваат како пијанистот од Македонија, а така ќе биде и во иднина. Јас не сум политичар и никогаш политиката не ми била интересна. Како граѓанин на оваа земја сигурно дека не ми е сеедно. Но од друга страна, да ви кажам искрено, многу сум релаксиран од причина што сум среќен поради единството на Македонците за ова прашање и за се' она што се случи како одлична реклама за нас. Сметам дека треба да се држиме до максимата на Гоце Делчев дека светот треба да е поле за културен натпревар меѓу народите. Грција ни е сосед. Јас сметам дека ние треба да се поддржуваме затоа што нема сега да се селиме одовде и да одиме да живееме на Алјаска или на Антарктик. Тие сме, тука сме. И многу луѓе во Грција тоа го знаат. Ние треба да сме умни и да продолжиме со соработката и почитта на сите полиња, со сите соседи, па така и со Грција. Но да повторам: за сите сцени во светот јас сум Симон Трпчески - Македонец од Република Македонија.

* Ние смртниците се одмораме со музика. Како се одмора Симон Трпчески? Кога ќе си земете одмор?

Се одморам со прошетки во природа, музеи или со „прошетки на мозокот“. Исто така и со сон, како и со добра дружба со пријателите. Со добра книга, филм или со музика и запознавање нова земја, нови луѓе и нови култури. Оваа година одморот ќе ми почне веднаш по последниот концерт во „Опера хаус“ во Сиднеј, на крајот на месец јули.

* Кои се следните дестинации?

По концертот со Кралскиот филхармониски оркестар на Ливерпул, кој е и Европски град на културата за 2008 година, како и концертот со моите студенти Едита Хаџи - Хамза и Ана Арангелова на Факултетот за музичка уметност во Скопје ќе настапам во Стразбур и Бретања во Франција.Тоа ми се единствените концерти пред заминувањето на турнеја во Нов Зеланд и во Австралија, која ќе го означи крајот на оваа концертна сезона.

Лилјана Грџо Дамовска-Дневник

Посети:{moshits}