ПРЕМИН: Зошто големиот јубилеј 40 години од возобновувањето на автокефалноста на МПЦ се одбележува токму со ваков вид на одличие – столна медалја?

Медалот во основа – според својот облик, димензии, претставите и материјалот од кој е изработен – е непроменет уште од времето на ренесансата. Според основните фалеристички правила, медалите имаат аверсна и реверсна претстава и соодветен текст, и мораат да бидат востановени и доделувани врз основа на соодветен законски текст. Можат да бидат изработени во еден или повеќе степени, и во две форми: медал за на гради или во форма на столна медалја. Медалот како форма која трајно ги илустрира политичките и културните настани на еден народ, по своите естетски, уметнички и културно-историски елементи е толку голема што не може да ја достигне ниту еден друг производ на применетата уметност.

ПРЕМИН: Неодамна рековте дека столната медалја за првпат се појавува како таква на македонското фалеристичко небо.

Точно. Одличието „40 години автокефалност“, изработено во форма на столна медалја од редот на Светиот Македонски Крст, како официјално црковно одличие првпат се јавува на територијата на Република Македонија. Ваков вид на одличие не е направено и векови наназад на конкретниот простор. Згора на сè, световната власт и различните општествени системи што управувале во минатите стотина години конкретно со Македонија, немаат направено столна медалја во кој било облик.

Во поширокото подрачје на Балканот, правени се обиди да се направат столни медали во нивниот оригинален тип, но во суштина тие претставуваат само спомен-медали, плакети или пак приватни проекти и изданија на столни медали на најразлични организации.

Најблизу до формата на столната медалја има изработено Кралството Црна Гора, во спомен на учеството во Балканските војни на почетокот на минатиот век. Станува збор за одличие од бронза со позлата, со ликот на кралот Никола, кое било давано како некој вид на медал-одличие на рестриктивна категорија великодостојници и министри. Одличието е изработено во чешката ковница ПИХЛ.

Во посочениот период, западноевропските кралства и средноевропските земји, па и Русија, масовно ја користат формата на столната медалја како официјален знак за награда по повод најразлични духовно-световни јубилеи, царски и владетелски посети на одредени градови, држави, или пак склучувања на мировни договори, победи или востоличувања од најразличен вид и многу други настани.

Интересно е да се напомене дека сите обиди за изработка на одличја најмногу биле правени во познатите ковници за медали на Австрија, Унгарија, Германија, Италија или Русија. Балканската изработка на одличја почнува во времето на Кралството Југославија, но квалитетот на изработка е далеку од оној на западноевропските ковници.

Официјално и последната едиција на државни одличја на Република Македонија нема одличие од рангот на столна медалја.

ПРЕМИН: Според Вашето мислење, со каков квалитет е изработено одличието и кои се фалеристичките информации и техничките детали за изработката на столната медалја „40 години автокефалност“?

Ви тврдам дека медалјата е направена според сите официјални норми и принципи, а квалитетот на изработка е на исто рамниште со водечките ковници во Европа, иако е направено во домашна, македонска фирма. Станува збор за скопската ковница „Јустинијана Прима“, која активно учествуваше во изработка на четири од вкупно седумте ордени и медали на Република Македонија. 

Столната медалја „40 години автокефалност“ е изработена во техниката ковање во пруф-технологија, од сребро со чистота од 999,9 промили. Има обем од 60мм, дебелина од 7,2мм и тежи 180 грама.

Медалјата во основа на аверсот има претстава на Светото Благовештение (Пресвета Богородица и Архангел Гаврил) – мотив земен од икона на охридските мајстори-иконописци од почетокот на 14 век. Воедно претставата била и печат на Охридската Архиепископија. Околу претставата на Благовештението е испишано: „Јустинијана Прима, Охридска Архиепископија, Македонска Православна Црква“. Реверсната претстава на медалјата е стилизација на претставата на македонски крст од манастирот во с. Велјуса од 11 век (поточно 1085 година), околу кој стои натписот: „40 години од автокефалноста“.

Редниот број на медалјата, жигот за чистота на металот, државниот жиг за контрола на квалитетот и жигот на производителот ГСГ-220 и жигот МНС се втиснати на задниот дел на одличието.

Првиот ред на столната медалја „40 години автокефалност“, според законскиот текст има златна, сребрена и бронзена класа, а дозволено е и доделување на одличието во т.н. брилијант класа. Законските одредби ги одредуваат и пропратните елементи кои се доделуваат со одличјето.

Повелбата се доделува спакувана во кожен тоболец, а указот во кожна папка. Повелбата е отпечатена во стандардизиран формат А-3 во законски определен и заштитен дизајн, а во долниот дел на повелбата стои закачен со ленти во националната црвено-жолта боја флуктиурачки восочен жиг со реверсната  претстава на одличјето. Повелбата ги содржи сите потребни административни фалеристички податоци.

Тоболецот е изработен во стандардизирана форма за А-3 формат од кожа во кафеава боја. Кутијата на орденот е лимитирана со големината на одличието, а исто е и со папката за указот. На крајот би сакал да информирам дека досега има повеќе од 20 ‘воини’ на Редот на Светиот Македонски Крст што се одликувани со сребрениот ред на првиот ранг на одличието.

 Друго:

Доделување на Столна Медаља (07.04.2008)

АФИРМАЦИЈА НА ЦРКОВЕН СИМБОЛ ОД СТРУМИЧКО

 

Посети:{moshits}