По одличните настапи во Јапонија, а наскоро и во Канада, Благој Нацоски се потврдува, како и што впрочем пишува на Википедија - најафирмираниот македонски оперски пејач и најдобриот македонски тенор на сите времиња


Тенорот Благој Нацоски е единствениот Македонец чие име е напишано на ѕидот зад сцената на Концертната сала во Ниигата, Јапонија. Покрај неговиот потпис, стои и македонското знаме. Во оваа сала, заедно со други двајца тенори, Нацоски пред извесен период доживеа овации и шест биса.

Кои се впечатоците од последниот настап во Јапонија, знаат ли Јапонците за Македонија и за нашите уметници?
- Ова беше мој втор настап во Јапонија, по изведбата на операта "Травијата" во Токио, 2004 година. Чувството да се пее пред јапонската публика е прекрасно. Тие се големи љубители на класичната музика, односно на операта и знаат вистински да наградат кога нешто ќе им се допадне. Изведовме "само" шест биса на концертот, но ќе изведевме и уште повеќе доколку не бевме ограничени со времето поради обврските што не чекаа. Да се пее во јапонските сали е прекрасно и поради перфектната акустика. Салите се навистина огромни, но тоа не е воопшто проблем, бидејќи гласот "патува" и до последното седиште. Македонија не е непозната во оваа далечна земја. Јапонците често ми велат дека прочитале за Македонија во Библијата, што особено ми е драго, а и не ги забораваат успесите на нашиот фудбалски тренер Ѓоко Хаџиевски во Јапонија пред некоја година. Што се однесува пак до македонските уметници, цедеата на Симон Трпчески и моите дивидиа можете да ги најдете во музичките продавници низ цела Јапонија.

Моментно сте во Торонто на подготовки за следни настапи. Може да ни кажете со кои солисти настапувате и кои се Вашите очекувања?
- Екипата во Торонто е интернационална, има солисти од САД, Албанија, Турција. Диригент е Мигуел Харт-Бедоса од Перу, кој пак му има веќе двапати диригирано на Симон Трпчески во САД. Ова е мое деби на американскиот континент и се уште не би знаел што да очекувам. Првите впечатоци од оваа прва недела на проби се прекрасни, поради начинот и атмосферата во која се работи. Особено ми е драго што се работи за една традиционалнаа постановка на Севилскиот Берберин, тоа ја олеснува интерпретацијата на улогата. Интересно е што Американците не ги следат европските трендови оперите да се поставуваат и во некои апсурдни конотации, целосно губејќи ја смислата на приказната и либретото. Јас во мојата досегашна кариера имам изведено повеќе т.н. модернии постановки, така што ова за мене претставува еден вид освежувањее.

Има најави дека ќе бидете прогласен за амбасадор на културата во Рим. Според вас, во ова време, кога нема секогаш поддршка од државата, што значи овој чин?
- Овој чин го сметам за официјализирање на нешто што всушност во практиката е така. За една мала земја како што е нашата, ова се одлични постапки кои придонесуваат само кон нејзина афирмација. Со доделувањето на оваа титула ќе биде и полесно реализирањето на некои идеи за коишто веќе подолго време размислувам, како на пример отворање на еден Центар за култура и уметност во Рим, кои би имал повеќе различни дејности. Прво афирмација на македонските културни вредности во Италија, потоа олеснување на патот кон успехот меѓународна афирмација на младите македонски уметници, како и едукативна страна што се однесува до високо усовршување во полето на музиката, кое сметам дека навистина е неопходно за младите македонски таленти.

Кога следно ќе Ве видиме во Македонија?
- Што се однесува до мои идни настапи во Македонија, не би можел да кажам ништо конкретно, моментно сум во преговори. Мојата агенда е доста натрупанаа, особено во следниве неколку години ќе бидам далеку од европскиот континент, но со сите сили ќе се обидам да изнајдам термини за настапи во Македонија, бидејќи не го заборавам топлиот прием на македонската публика што ми го приреди на моите настапи лани во Скопје и Охрид.

И за крај, поради постојаните ангажмани и патувања, како Ви поминува слободното време?
- Од неодамна се преселив во едно преградие на Рим, опкружен со зеленило и мир. Овој вид на кариера исцрпува многу енергија, како физичка така и ментална, така што во слободните мигови, кои се доста редуцирани во последниве години, се трудам да се одморам а и да си го оттргнам вниманието од мојата професија. Покрај тоа доста се дружам, имам одлични пријатели во Рим, а нормално во слободните денови доаѓам и во Скопје, макар и на викенд.

Анита ЈОВАНОСКА -Вечер