ИНТЕРВЈУ СО СИЛВАНА БЛАЖЕВСКА, ДИРЕКТОР НА НУ СТОБИ





Минатата година мозаикот во наосот на Старата базилика со вкупна површина од 180 метри квадратни, по 20 години откако е изваден, конечно е излиен на нова малтерна подлога. Враќањето на мозаикот ќе биде атракција за посетителите, па дури и за голем дел од научната јавност. Годинава во Стоби ќе се посвети внимание и на два приоритетни објекти, на театарот и комплексот околу Храмот на Изида, вели Блажевска


Кога се очекува да започнат годинешниве истражувања во НУ Стоби и на што ќе биде ставен акцент?

Во првата половина на годината акцентот е ставен на средување на збирките и документацијата за движното културно наследство на Стоби, со што ќе се опфати и материјалот откриен во периодот од 1963 до 2009 година. Во однос на истражувањата, годинава ќе се посвети внимание на два приоритетни објекти, на театарот и комплексот околу Храмот на Изида. И двата проекти се поддржани од Министерството за култура во рамките на Годишната програма.

Може ли да ни кажете подетално што е направено со римскиот театар и истражувањата поврзани со оваа градба, како и понатамошните планови?
Театарот во Стоби е еден од најрепрезентативните објекти од римскиот период, чија комплексност и големина бара внимателно планирање на активностите. Истражувањата и конзервацијата на театарот ќе се изведуваат во фази: најпрвин ќе се работи на двата сегменти на гледалиштето во источната половина, а потоа ќе се префрлиме на скената и западната половина. Со проектот се предвидува реконструкција на мермерните седишта во источната половина, со што капацитетот на градбата за одржување културни настани од секаков вид двојно ќе се зголеми. Се надеваме дека градбата ќе биде целосно подготвена за презентација по четири години. Но, се разбира дека овие планови зависат од финансирањето, особено што се работи за скап и обемен зафат.

До каде е реализацијата на проектот за конзервација на мозаикот и кога е планирано неговото враќање во базиликата?
Епископската базилика ја украсувале мозаични подови во двете фази во различни делови од градбата. Минатата година мозаикот во наосот на Старата базилика со вкупна површина од 180 метри квадратни, по 20 години откако е изваден, конечно е излиен на нова малтерна подлога и поставен на стабилен носач-алуминиумско саќе. Проектот беше финансиран во рамките на капиталниот проект и од сопствени приходи. Годинава треба да се финализираат работите со чистење на аверсната страна и се планира негово враќање во базиликата. Проектот е поддржан од Министерството за култура, но за целосна реализација се надевам ќе успееме да обезбедиме дополнителни средства од други извори. Враќањето на мозаикот ќе биде атракција за посетителите, па дури и за голем дел од научната јавност, со оглед на тоа што долго време мозаикот не беше достапен за јавноста.

Какви активности се реализирани во однос на храмот на Изида и што понатаму се планира во оваа насока?
Храмот е комплетно истражен и конзервиран во 2012., а следните активности ќе бидат насочени кон доистражување, подготовка на проект и изведување работи од непосредна заштита на комплексот околу храмот. Вообичаено, храмовите на Изида се опкружени со големи комплекси во кои престојувало свештенството кое го одржувало храмот и култот, но и кандидатите за посветување во мистерискиот култ. Храмот на Изида има извонредно значење поради својата единственост, не само во презентацијата на Стоби, туку и во научна смисла. Ова е сосема нов момент во реконструкцијата на животот на градот.

Кои минатогодишни наоди се посебно значајни, а кои доведоа до нови сознанија за животот во Стоби?

Како посебно значајни откритија во изминатите неколку години би ги издвоила Храмот на Изида (2. век) и нејзината мермерна скулптура, откривање на делот од градот над Полукружниот плоштад од 6. век, кој иако нема атрактивни декоративни елементи и мозаици како резиденцијалните објекти од пораниот период, сепак, носи нови информации за урбанизацијата и животот во градот непосредно пред неговото напуштање, откривањето на средновековните населбински слоеви во одделни делови од градот, откривањето на маркерите на ѕидовите од театарот кои укажуваат на детали од неговата изградба итн.

До каде е заштитата на движното културно наследство?
Минатата година Министерството за култура во рамките на Годишната програма во музејската дејност финансираше неколку проекти за конзервација на метални предмети, стаклени и керамички садови и камена пластика, кои продолжуваат и годинава, а добиени се средства за конзервација на мермерната скулптура на Афродита откриена во Градбата со арки во 2009. Реализацијата на овие проекти сега е полесна откако во НУ Стоби се вработија тројца лиценцирани конзерватори за движно културно наследство.



Дали и годинава во Стоби ќе се одржуваат меѓународни школи за археолозите?
Меѓународните летни школи продолжуваат и годинава во јуни и во јули во соработка со Фондацијата Балканско наследство од Р. Бугарија. Три недели во јуни се планирани за реализација на две школи: едната за документација и реставрација на римска и доцноантичка керамика, а доколку има заинтересирани кандидати, третата недела ќе се одржи курс за конзервација на стаклени садови, а втората е за конзервација на мозаици. Во рамките на школата ќе се продолжи реализацијата на веќе започнатиот проект за конзервација на мозаикот од нартексот на Епископската базилика. Во јули ќе се реализира археолошката школа. Веќе има пријавени учесници, а најбројни се од САД и Канада. (Д.Т.)

Лани Стоби го посетиле над 13.000 посетители

Колку сте задоволни од минатогодишната посета на домашните и странски туристи на Стоби и што е она што најмногу го привлече нивното внимание?
Минатата година Стоби го посетиле 13.100 посетители во периодот од април до ноември. Сметам дека бројката може и треба да биде поголема, но тоа зависи од повеќе фактори. Секако, најатрактивни се мозаиците, но за жал, немањето изложбен простор каде што ќе може да се види движното културно наследство ја осиромашува презентацијата на локалитетот. Во план е подготовка на проект за санација и адаптација на Старата железничка станица во Центар за посетители каде што би биле изложени и дел од наодите со лапидариум.

Извор: Вечер