ИНТЕРВЈУ : КОГА СОНОТ СТАНУВА ЈАВЕ - Поручник Ива Матиќ, прва жена воен пилот во Македонија


Сонувам да пилотирам со руски хеликоптер


Во Армијата се пронајдов бидејќи ми се допаѓаат работите кои се помалку карактеристични за другите професии, а тоа се редот, дисциплината и почитувањето на хиерархијата

Мотивот да станам пилот ми бил голем отсекогаш, па во моментите на слабост си велев дека можам да ги совладам препреките. Верував во себе и сметам дека доколку човек сака да успее, да го оствари сонот, мора да биде упорен, истраен, храбар и да вложи многу труд. Тоа, според мене, е формулата за успех


Ива Матиќ е првата жена-пилот на АРМ која неодамна беше промовирана во поручник. Ведра и енергична личност која за професијата зборува со неверојатна живост и жар во очите на човек кој го остварил својот сон. Обуките за пилот ги поминала во кокпитот на бел 2066, во кој поминала 130 часа летање и околу 30 часа во авионот злин 2421".

Слаба точка и се хеликоптерите и во наредниот период ќе се обучува за транспортниот хеликоптер ми-17", кој и е вториот омилен хеликоптер по рускиот к-50", во кој сонува да седне. За неа летањето е живот и многу интересна професија, во која очекува во иднина да има и колешка пилот.

За кариерата и остварувањето како мајка вели дека корелацијата мајка, офицер-пилот и дете ќе биде комплексна, но се се може кога се сака.

Што значи за Вас да се биде прва жена воен пилот на АРМ и какво е чувството да се биде млад поручник?

- Да се биде прва жена воен пилот на АРМ е голема чест и гордост. Не знаев дека немало жена воен пилот кога дознав дека ќе има конкурс за воени пилоти. Тоа за мене беше уште поголем предизвик, да успеам да бидам првата жена во една доминантна машка професија. Официјално во чин поручник бев промовирана минатата недела и секако, голема е гордоста, честа и одговорноста да се носи чин и униформа на АРМ. Во Армијата се пронајдов бидејќи ми се допаѓаат работите кои се помалку карактеристични за другите професии, а тоа се редот, дисциплината и почитувањето на хиерархијата. Дисциплината е моја карактерна особина, која и порано ми помогна во смисла на обврските кои ги имав на ФЕИТ, а и општо, во животот.

Дали отсекогаш Ви било желба да бидете пилот и конкретно, дали сакавте исклучиво да бидете воен пилот?
- Отсекогаш сакав да летам. Во текот на средното образование кога почнуваме да созреваме и да се пронаоѓаме ми се појави токму оваа желба, да бидам пилот. Подоцна желбата стана поконкретна. Се распрашував каде на Балканот има факултет за пилоти, но моите финансиски не можеа да ме поддржат за да го продолжам образованието како пилот. Така, продолжив со мојата втора љубов, се запишав на Факултетот за електротехника и информациски технологии. Во последната година од студиите почнав на некој начин да се доближувам до авијацијата преку некои изборни предмети кои беа поврзани со истата. Дури и дипломската работа ми беше тесно поврзана со авијацијата. Конкретно, таа беше на тема управување на автономен хеликоптер, што е малку контрадикторно со професијата пилот, но, секако, ја направив од љубовта кон авијацијата. Потоа беше објавен конкурсот за обука на пилоти, на кој се пријавив. Хеликоптерите отсекогаш ми биле слаба точка, бидејќи ми се поголем предизвик, поманеврабилни се, можат да летаат ниско и бараат побрзи реакции. Најмногу го сакам ниското летање, на 15-20 метри и летањето во ноќни услови со визир, кое воопшто не е едноставно. Друго што ми се допаѓа кај хеликоптерите е тоа што може да се видат прекрасни пејзажи што не би можеле да ги доживеете со авион. Со летовите ја видов нашата република од поинаква перспектива, која неспорно ме воодушеви. Чувството кога првпат полетав со хеликоптерот не може да се опише со зборови. Никогаш не ми било страв од височина, но сепак, кога влегов во кабината се плашев да не покажам страв кога пилотот би направил некоја остар маневар во воздух. Како што полетавме ме обзеде едно прекрасно чувство на исполнетост, адреналин и во тој момент сфатив дека тоа е живот. Веднаш по полетувањето се чувствував многу пријатно и целиот страв и трема исчезнаа.

На каков прием наидовте во семејството кога првпат покажавте интерес да се вклучите во Армијата, имајќи предвид дека војската важи за машка професија?
- На почетокот наидов на мал отпор кај моите родители, но повеќе кај мајка ми, бидејќи таа е плашлива по природа. Татко ми, од друга страна, е воено лице и знае како стојат работите во АРМ. Тој пред да пројавам желба за војска ме гледаше како електроинженер, бидејќи и тој самиот е тоа. Потоа кога се пријавив и кога видоа дека навистина го сакам тоа, кога ја видоа мојата мотивација, безрезервно ме поддржаа и знаеја дека можам да успеам. Татко ми ме подготвуваше за тоа што ме чека во Армијата, дека тоа е машки свет во кој треба навистина да покажеш истрајност и одлучност за да успееш, што нема да биде едноставно, но сепак, остави сама да се здобијам со потребното искуство. Не ми беше необично дека е професија во која доминираат мажите, бидејќи и на факултетот мнозинството студенти беа машки и сите ми беа добри другари. Не почувствував никакви тешкотии, колегите ме гледаа апсолутно рамноправно и немаше никакво подвојување.

Дали родителите ги загрижуваше помислата дека покрај тоа што сте во војската, Вашата должност нема да биде на земја?
- Да, како и секои родители, на почетокот беа скептични, но како што изминуваше селекцијата загриженоста исчезнуваше.

Како Ви помина обуката во Центарот за обука за пилоти? Од што се состоеше, колку беше тешка, како се согласувавте со колегите и колку жени беа вклучени во неа?
- Конкурсот излезе при крајот на март 2012 година. Тогаш се пријавив, а подоцна бевме повикани на здравствени прегледи. Потоа требаше да покажеме основна физичка подготвеност, а по нив следуваше тестот по англиски јазик. Овие три дела беа лесниот дел од селекцијата. Во Центарот за обука на пилоти бевме подложени на психолошки тестови и селекција на кандидатите на земја. Првиот дел од таа селекција се состоеше од решавање различни логички задачи на компјутер, а во вториот дел решавање логички задачи, но во група. Третиот дел беше интервју со психолози од Македонија и од Израел. Кога го поминавме овој дел, имавме поригорозни здравствени проверки, по кои дојдовме до селекција во воздух. Првиот дел од оваа селекција беше подготовка на земја, потоа имавме летови во воздух. Во последните летови влегуваат најсериозните кандидати, од кои се издвојуваат идните пилоти. По поминувањето на селекцијата се вративме во Центарот за обука на пилоти и продолживме со летови на авионот од тип злин" и теоретска обука. Тоа е првиот дел од трите дела на обуката. Вториот дел е основниот курс за хеликоптери, каде што имавме теоретски предмети и пракса, а третиот дел е напредна фаза на хеликоптери, каде што акцентот е даден на летањето, усовршување на техниките и посложени задачи. Со колегите одлично се согласуваме, веднаш ме прифатија и сега веќе сме како едно семејство. На почетокот на конкурсот имаше 12 девојки.


Дали имаше некакви тешкотии кои ве натераа да се посомневате во себеси и во својот сон?

- Знаев дека ова е тоа што го сакам и дека нема да се откажам без разлика на се и затоа не се плашев воопшто. Имаше тешки моменти на почетокот во совладувањето на техниката на летање на хеликоптерот. Сепак, отсекогаш мотивот да станам пилот ми бил голем и во тие моменти на слабост си велев дека можам да ги совладам препреките. Верував во себе и сметам дека доколку човек сака да успее, да го оствари сонот, мора да биде упорен, истраен, храбар и да вложи многу труд. Тоа, според мене, е формулата за успех.

Стефан Рашковски -Вечер