Разговор со Данило Коцевски, хроничар

Александра Тодоровска

Изминативе неколку недели се појавија многу полемики, размислувања, негодувања и одобрувања за градењето црква во близина на Градскиот трговски центар во Скопје. Иако се шпекулира дека на местото на кое се наоѓала црквата „Св. Константин и Елена“ нема да биде изградена истата црква, сепак, интересот за црковен објект на тоа место предизвика лавина реакции. Во повоениот период црквите, особено во близината на центарот на Скопје, апсолутно соодветствувале на просторот и начинот на живеење. Токму православната црква „Св. Константин и Елена“ е прва црква што била изградена на десниот брег на реката Вардар. Додека се кршат копјата на нашите политички современици дали и која црква ќе се гради на местото на црквата „Св. Константин и Елена“, за неа и за нејзиното значење за скопјани, нејзината приказна од минатото ја раскажува Данило Коцевски, хроничар на Скопје.

„Историјата на црквата започнува пред Првата светска војна, кога почнала да се гради. Војната го спречи нејзиното градење, но продолжи веднаш по нејзиното завршување, за конечно да биде осветена во 1926 година. Таа е една од ретките цркви што се наоѓаа на десниот брег на реката Вардар, а пред неа единствено беше изградена Католичката црква, и тоа во втората половина на 19 век“, започнува Коцевски. Тој додава дека во времето по Втората светска војна „Св. Константин и Елена“ била симбол на Скопје, бидејќи во атеистичкиот период во кој живеело населението во неа биле вршени сите крштавки и венчавки. Гледајќи од денешен аспект, Коцевски вели дека таа навистина е легенда на Скопје, бидејќи граѓаните ја сакале и посетувале.

 

Изградбата на црквата „Св. Константин и Елена“ означува почеток на создавање на новото градско јадро на Скопје во почетокот од 20 век, проширување на градот, во кој дотогаш животот пулсирал главно на левиот брег на Вардар. Тој период се совпаѓа со слабеењето на моќта на Отоманската Империја и словенското население се доселува во градовите, па и во Скопје. Градот со природната миграција се проширува. Веројатно потребата за прва црква на десната страна на Скопје се јавува со создавањето на новите скопски маала, а потоа и новите куќи, сокаци и поголеми градби се концентрираат околу црквата „Св. Константин и Елена“. Според некои извори, оваа црква била црква-ќерка на постарата Соборна црква „Света Богородица“ (обновена и осветена пред два дена), т.е. била изградена од средства од „Света Богородица“, како и од други донации на граѓаните.

„Иако не беше голема, таа имаше големо духовно значење. Со оглед на тоа што таа постоеше во времето на атеизмот во кој се живееше во тој период во Југославија и религијата не беше доминантна, сепак, бидејќи се наоѓаше во центарот на градот, беше и многу посетувана. Помалку е познато дека оваа црква имаше своја парохија, која го опфаќаше просторот околу Ново Маало, па дури и еден дел од Старата железничка станица. Цел овој простор и' припаѓаше на парохијата на црквата ’Св. Константин и Елена‘, а околу неа се наоѓаше Машката гимназија, Балетското училиште и кејот на Вардар, кои придонесуваа за постојаната фреквенција на луѓе на тој простор“, раскажува Коцевски.

Коцевски кажува дека, според традицијата, црква можело да се гради, но само доколку на тоа место претходно имало црквиште, односно на истото место веќе имало изградено црква.

„Во турско време постоело едно правило. Црква можело да се изгради само на место на кое претходно веќе имало црквиште. Во тој период Турците не дозволувале да се гради црква каде било, па поради таквите строги правила во тој период постои и една анегдота за црквата ’Св. Богородица‘ во Скопје. За да добијат дозвола од Турците да градат црква, скопјани морале да докажат дека тоа место е свето. Токму поради тоа, тие зеле стари икони од црквата ’Св. Спас‘ и ги закопале на просторот каде што сакале да ја градат црквата, па ги повикале турските власти за да им докажат дека на тоа место навистина постоела црква и да им дозволат да градат“, вели Коцевски.

Според сеќавањата на постарите скопјани, црквата „Св. Константин и Елена“ била оштетена со земјотресот во 1963, но далеку од тоа дека била целосно разрушена. Сепак, црквата целосно е срушена со минирање и оттогаш тој простор во центарот на Скопје добива сосема нова урбанистика и поинаква модерна динамика на животот со изградбата на ГТЦ во 1974 година.

Иако постојат голем број полемики и негодувања за просторот на кој се планира да се гради црква во центарот на градот, Коцевски како идејно решение го посочува просторот зад поранешен „Метропол“, бидејќи во близина на тоа место се наоѓала црквата, значи постоело црквиште, местото е интимно и поволно за таков објект. Тој, исто така, додава дека влезот на црквата „Св. Константин и Елена“ е од страната на кејот, односно веднаш до првата зграда на Трговскиот центар.

За оние што не знаат, според сеќавањата на Коцевски, иако црквата била мала според својата градба, таа била естетски убаво обликувана со две куполи и ќе остане како дел од легендата на старо Скопје.

Извор : Утрински весник

{moshits}