За десет години Македонија ќе стане најзелена држава на Балканот

 

Александра Тодоровска- Утрински весник

Поведовте нова акција за засадување расади. Кој беше пресудниот момент што Ве натера да ја започнете оваа акција?

- Отсекогаш сум ја сакал природата. Веќе со години, на патот кон Грција, ги гледав голините на Повардарието, се прашував зар не може овој крај да се пошуми. Треба да се знае дека 37 отсто од површината на Македонија е проценета со висок степен ерозија. Ако не се санираат пожарите, со ерозија ќе го изгубиме површинскиот слој на почвата сигурно на 37отсто од територијата (има подрачја и со помал ризик, но овие се сигурни), а за повторно формирање само еден сантиметар почвен слој се потребни сто години. Македонија има клима која е на граница на полупустина. Шумите го регулираат водниот режим. Ако не ги обновиме во најскоро време, со глобалното затоплување Македонија многу брзо ќе има полупустинска или пустинска клима. Но, пресудниот момент што не' натера мене и моите пријатели да ја поведам оваа граѓанска иницијатива беа катастрофалните пожари. Само минатата година изгореа 34.435,16 хектари, површина колку Охридско Езеро. Во август, кога во Струга ја примив наградата „Духовен воин“ на списанието „Портал“, наместо зборови на благодарност, само од себе ми дојде да зборувам за изгорените шуми, за тоа дека требаше да прогласиме ден на жалост, дека треба да ја озелениме Македонија итн. Со обелоденување на акцијата, од секојдневните контакти сфатив дека таа идеја тлеела во срцата на многу граѓани, дури дека големиот Венко Андоновски напишал колумна за итната потреба за пошумување на Македонија. Кога отидов кај премиерот да барам поддршка во садници и логистика, првите зборови му беа дека и тој, по друг принцип, планирал нешто слично. Не верувам дека за што било друго од него ќе добиевме таква експресна поддршка и Владата да стане партнер во оваа акција.

Професорот на Филолошки факултет Венко Андоновски во својата последна колумна напиша дека е воодушевен од тоа што летоска (во една од колумните) даде предлог до Владата - да се купат милион садници и да се насадат, а на 16 јануари неговиот предлог стана реалност. Тој со искрена жар пишуваше за акцијата. Мислите ли дека тој ден, благодарение на еднодневната акција, сите што учествуваа во неа се чувствуваа како него, среќни, корисни, исполнети од помислата дека прават нешто добро за сите нас?

- Да, како што напоменав, ја прочитав колумната. Текстот ми ја растрепери душата, бидејќи чувствата на Венко беа и чувства на сите што дојдоа таму. Ја почувствував големата среќа и возбуда не само на познатите, туку и на младите извидници, на екипата од шумското стопанство, на репортерите...

Сметате дека со ваквата акција ќе се зголеми свеста на граѓаните за пошумувањето и самите ќе придонесат во зачувување на околината?

- Секако, целта на кампањата, чие мото е „Засади ја својата иднина“, која почна на 16 јануари, не е само да го мобилизира народот да излезе и да ги посади дрвцата туку и да ги потсети луѓето на неопходноста да ги чуваме нашите пријатели - шумите, кои не земаат ништо, а даваат толку многу.

Вие и Вашите колеги минатата недела садевте расади во месноста Брезница - Катланово. Мислите ли дека 200 садници ќе бидат доволни за да се забележат промени на подобро во оваа област, па макар тоа да е и за сто години, или планирате уште да работите на таа област?

- Садењето на двестоте садници беше само симболичен чин на почнувањето на кампањата. Ја избравме оваа месност, бидејќи сакавме да го потсетиме народот и со слика на пустошот што го оставија пожарите од минатото лето и на тоа колкава надеж се раѓа кога во таа изгорена, црна земја, ќе се насади млада садница.

Зошто одлучивте дел од луѓето што ќе ги садат расадите, пред се', да бидат познати лица и зошто го одбравте токму 12 март за започнување на акцијата?

- Добро кажавте - дел од луѓето се познати лица, бидејќи оваа граѓанска иницијатива е отворена за секој што ја сака Македонија и нашата прекрасна планета Земја. Секако дека луѓето што се популарни и имаат свој аудиториум на многу полесен начин ќе ја пренесат пораката на оваа мисија, но во медиумите не даваат изјави само тие. На пример, нашиот член Муарем Шаќири од Патишка Река даде многу убава изјава за Алсат…

Планирате да посадите два милиона садници или за секој граѓанин по еден. Каде ќе бидат посадени, дали исклучиво на местата каде што избувнаа пожарите минатата година?

- Бројот на садниците веќе е над два милиона и се зголемува секојдневно со донациите од приватни лица. Инаку, Владата донира по еден садник за секој жител, т.е. точно 2.055.915 садници. За оваа година планираме повеќето локации да бидат во опожарените подрачја, но за ова оставаме да одлучат тие што се најповикани за тоа: деканите на Шумарскиот и на Земјоделскиот факултет, кои се наши членови, и „Македонски шуми“.

Дали оваа акција ќе биде организирана само оваа година или планирате да го правите тоа секоја година, поточно се' додека целосно не се обноват местата изгорени од пожарите?

- Наша цел е „Денот на дрвото“ да стане традиционален. Сигурен сум дека идната година ќе бидеме поддржани и материјално од Европската унија, а и дека ќе успееме во ЗЕЛС да ја пласираме идејата за идната година во која секоја општина преку ЗЕЛС нарача од „Македонски шуми“ поголема количина садници по производна цена. На тој начин може да се засадуваат по 10.000.000 садници годишно и за десет години Македонија да стане најзелена на Балканот.

На кое место најмногу планирате да засадите расади или на кое место треба да му се посвети најголемо внимание?

- Засега планот е најмногу садници да се засадат во велешкиот крај (околу 150 хектари) поради познатите еколошки загадувања, но внимаваме и на тоа садниците да бидат рамномерно засадени.

Ја зедовте ли предвид опасноста од луѓето кои несовесно се однесуваат спрема шумите и ги уништуваат?

- Не се толкав проблем луѓето кои на криминален начин го отуѓуваат шумското богатство колку што е корупцијата која е симната и до најниските слоеви на државниот апарат. Драконските казни заедно со неколку „шумски бури“ (пандан на „Змиско око“) на многу лесен начин ќе ги решат проблемите - дрвото не е хероин, па да може да се скрие во некое седиште од автомобил!

За крај, кои се Вашите очекувања во врска со конечниот исход од акцијата за пошумувањето на Македонија

- Да не верував во граѓаните на Македонија и во жедта еднаш да се сплотиме во нешто убаво, радосно, немаше да се нафатам за овој проект. Инаку, заборавив да напоменам дека садењето со механизацијата што е на располагање е неверојатно лесна работа, не е потребен копач, дури ни лопата. Ќе биде забавно, бидејќи за секоја локација ќе биде задолжена некоја од нашите ѕвезди која ќе пошумува заедно со народот и на крајот на денот на таа локација ќе одржи концерт. Се планира сето тоа директно да биде пренесувано од заедничкото студио на сите македонски телевизии.

 

Посети:{moshits}