Норвежанецот Ескил Ронингсбакен ги усовршува своите исклучителни способности уште од петгодишна возраст и ги смета своите изведби за уметнички израз, а не за потфати

Внимателно застанат на една рака на платформа поставена над бездна длабока 300 метри Ескил Ронингсбакен го има повторено овој потфат повеќе од 40 пати. Минимално губење на рамнотежата би значела крај за овој екстремен уметник додека ги поместува границите на силата и на концентрацијата со својот најнов неверојатен балансирачки потфат.

- Сликата ми е во главата од 2001 година, но почнав да ја реализирам како план пред околу три месеци. Мисијата со балансирањето имаше цел да направиме нови фотографии за уметничка колекција, кои се надевам дека ќе ги заменат традиционалните фотографии од ова величенствено место - му вели 30-годишниот Норвежанец, застанат на сртот Флидалсјувет во Гејрангер, на репортерот на „Дејли мејл“.

 

Опишувајќи се себеси како едуциран акробат, Ескил ги усовршува своите исклучителни способности уште од петгодишна возраст, а го има прошетано светот со циркуските трупи.

Сметајќи ги своите изведби со балансирање за уметнички израз, а не за потфати, Ескил сега работи со група од 50 истомисленици во Најроби, Кенија, каде што повеќе се фокусира на балансирањето на столови и на велосипеди. Ескил, кој избегал од дома кога имал 18 години за да му се приклучи на еден циркус, темелно ја усовршил својата вештина под експертското туторство на Питер Џејкоб, тренер во Московскиот државен циркус. Усовршувајќи се изминатите 11 години, Ескил сега го достигнал нивото на атлетска брилијантност. Тој, сепак, постојано е свесен за ризиците што ги презема балансирајќи, особено кога го прави тоа на 304 метри од почвата.

- Таа платформа ја направив заедно со еден долгогодишен пријател, кој ми помага во сите мои „градежни“ работи уште од 1997 година. Целата конструкција беше лабава, но изградена на принцип кој овозможува релативно голема тежина на крајот за балансирање и помала на крајот прикачен за сртот. Додадов тегови од 150 килограми, а братучед ми Кјетил Нордал ја држеше во стабилна состојба со раката - вели тој.

Ескил, кој од секогаш бил перфекционист, го повторувал потфатот се' додека не бил задоволен со крајниот резултат.

- Отсекогаш се чувствував почестен да бидам продолжение на прекрасната Божја природа и верувам дека никогаш претходно не сум се чувствувал толку безбедно висејќи над бездна - вели тој.

Ескил го повторил балансирањето 40 пати, одржувајќи рамнотежа по 15-30 секунди, зашто на почетокот не бил задоволен од фотографските агли. Подготвен да ја продолжи својата европска турнеја, тој сепак размислува за конечната награда.

- Се' уште чекам да се отвори Бурџ Дубаи, но во меѓувреме имам закажано неколку специјални настапи во Европа и во Африка - вели тој.

Извор: Дневник