Изложба на фотографии од делата на познатиот романски скулптор Константин Бранкуши (1876-1957) вечерва, во 19 часот, ќе биде отворена во галеријата Чифте амам, во скопската Стара чаршија. Изложбата ја организираат романската амбасада во земјава и Националната галерија на Македонија, а свечено ќе ја отвори романскиот амбасадор Адријан Штефан Константинеску. „Бранкуши е централна фигура во модерните уметнички движења и пионер на апстрактното. Неговите скулптури имаат забележителна визуелна елеганција. Тој сензитивно ги користи материјалите, комбинирајќи ја директноста на пријатните облини со софистицираната авангарда од Париз“, го опишуваат неговото творештво историчарите на уметноста. Откако завршил Школа за убава уметност во Букурешт и почнал да ги изучува основите на модерната скулптура, Бранкуши заминал во Париз, во 1904 година. Таму, четири години подоцна го создава своето прво дело „Бакнежот“, со кое најавува промени во дотогашното творештво. Неговите дела стануваат се' поапстрактни - „Заспаната муза“, „Почетокот на светот“ до формалната фигура на легендарната птица „Мајастра“. Скулптурите на Бранкуши добиваат меѓународна слава во 1913 година, на изложбата „Армори шоу“ во Њујорк. Во тој град неговите дела често биле излагани. Во Романија, Бранкуши ги реализирал триптисите „Масата на тишината“, „Вратата на бакнежот“ и „Бескрајниот столб“ (1937-1938). Со нив ја раздвижува атмосферата на модерната уметност во Романија. Изложбата во Чифте амам ќе биде отворена до 25 март.