РЕЖИСЕРОТ ДАРКО МИТРЕВСКИ ПОРАЧУВА


"Трето полувреме" ќе го сруши рекордот на "Бал-кан-кан"


На снимањето пристигнаа и синовите на жената која била инспирација за филмот, македонската Еврејка, која се заљубила во фудбалерот Коста и која е се уште жива


Режисерот Дарко Митревски вчера кратко и јасно порача - "Трето полувреме" ќе ја сруши гледаноста на "Бал-кан-кан". Ова ветување на Митревски би значело дека љубовната приказна меѓу Ребека и фудбалерот Коста во Македонија ќе ја видат повеќе од 100.000 гледачи! Бидејќи тоа е и најголемата кино-цифра во нашата понова историја, веројатно, Дарко ќе си го сруши сопствениот рекорд. А поводот за ова амбицозно ветување беше последната клапа на филмот, која вчера падна пред Меморијалниот Центар на Холокаустот во Скопје. Таму, на изненадување, беа и синовите на жената која била инспирација за филмот, македонската Еврејка, која се заљубила во сиромашниот фудбалер Коста и која е се уште жива.

"Мајка ми пријатно се изненади од идејата за филмот кој претставува приказна, сага за љубов во еден период", рекоа Благоја и Љубомир Младеновски, додавајќи дека на извесен начин, поради љубовта на нивниот татко и мајка, тие останале живи. А Дарко Митревски уште еднаш поврди дека го смета ова дело за големо не само за македонски и балкански, туку и за европски стандарди.

"Ова е филм кој зборува за многу љубов и филм кој зборува афирмативно за мојата земја", кажа Дарко уште една формулација за "Трето полувреме".
И продуцентот Роберт Насков е задоволен од снимањето, и ни кажа дека успеале да го завршат пред време, за 40 место за 42 дена.

"Со ова докажавме дека Македонија може да издржи ваков голем филм", рече Насков.
Инаку, вчера се снимаше сцената кога старата Ребека, која ја игра Бедија Беговска, доаѓа со својата внука во Македонија, да го посети Меморијалниот центар и урните со пепел на своите предци. Со нивното доаѓање започнува приказната, односно Ребека и раскажува на својата внука што се случило во минатото.

Главните улоги во "Трето полувреме" ги играат Сашко Коцев и манекенката Катарина Ивановска. Филмот е финансиран од Владата на Македонија со милион евра и од Филмскиот фонд со 500.000 евра.

(Де.Т.)
ФОТО: Н. БАТЕВ