Режисерот Блажевски за „Панкот не е мртов“: Публиката во Карлови Вари пријатно и зачудувачки го препозна филмот

Скопје, 11 јули 2011 (МИА) - Глобусот што филмот „Панкот не е мртов“ го освои на престижниот филмски фестивал во Карлови Вари денеска беше претставен во Филмскиот фонд на Македонија. По долг период Македонија доби значајно признание за филм на фестивал од А категорија, какви што има 12 во светот.

Третиот игран филм на Блажевски победи во конкуренцијата „Исток на Западот“ во која се натпреваруваа уште 11 филмови и која по официјалната е втора програма по важност во Карлови Вари. Блажевски ја прими наградата завчеравечер на свеченото затворање на 46. издание. На денешната прес-конференција тој истакна дека од овој фестивал носи најубаво искуство.

- Филмот почна интернационален живот на најубав можен начин за нас. Се надевам дека ќе го чекаат доста патувања и презентации и би сакал тоа да биде слично како и во Карлови Вари, не во смисла на награди, иако сме горди на тоа што се случи, но за мене е најбитно што филмот доби многу пријатно и зачудувачко препознавање од публиката која точно ги откри пунктовите во филмот што нам ни беа важни во комуникацијата со аудиториумот. Тоа беше афирмативна реакција што се надевам ќе се случува и на други фестивали, рече Блажевски на прес-конференција  на која присуствуваше и продуцентот на филмот Дарко Попов.

Режисерот, кој на филмскиот проект се врати по 20 години пауза (по „Булевар на револуцијата“ во 1992), рече дека филмот е правен со многу труд и ентузијазам и благодарение на тоа  успеале да се изборат со финансиските проблеми. „Панкот...“ е нискобуџетен филм, од Филмскиот фонд на Македонија доби 250.000 евра, а од српскиот копродуцент 80.000 евра.  Блажевски рече дека не сака нивниот филм да биде пример или правило дека и со малку пари може да се направи успешен филм.

- Покажавме дека сме трпеливи и дека сите имаме многу силна мотивација и страст... Тоа што го правевме со такви герилски и голтарски услови не значи дека не бевме амбициозни. Бевме, и тоа како. Но, сметам дека ова што го направивме ние не треба да биде репер. И така веќе во еснафот ме прогласија за предавник и за човек кој ги спушта критериумите, што мислам дека и не се измислени аргументи. Но, мојата лична мотивација и загреаност по толку години пауза и чекање да се фатам со реализација на игран филм беше посилна од еснафските параметри. Суштински може да се сними и за толку пари, но цената е ужасна и тоа не би требало да стане правило, рече Блажевски.

Според него, буџетот со кој располагал одговара за камерен филм и евтина приказна, но не и за игран филм кој, како што рече, во нормални услови би чинел околу еден милион евра. Филмот е уште во долгови, му требаат уште десет отсто од добиениот  буџет за да се надомести за авторски хонорари.

- Филмот би можело да послужи како естетска провокација за младите автори - современа тематика, релативна ангажираност - политичка, социјална, психолошка, сега и овде, во оваа земја, за некои проблеми што не тангираат, додаде Блажевски.  За свој иден проект рече дека нема да чека долго и се надева дека нов филм  ќе има по една година.

Филмскиот критичар Благоја Куновски, кој беше член на жири на Fedeora (Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот) во Карлови Вари  предложи ретроактивна компензација за проектите што ќе постигнат успех на престижни фестивали, да им се надомести тоа што поради некои околности не ја добиле своевремено потребната сума за реализација. Директорот на Фондот Дарко Башески рече дека концептот на Филмскиот фонд е да се наградуваат и поттикнуваат успешните.

- Жално е што Блажевски по скоро две децении мораше да прави нискобуџетен филм на ниво на дебитантски филмски проект. Но, со сета своја љубов  филмот ги покажа резултатите - реакцијата на публиката која во Карлови Вари буквално врескаше, рече Башески. За предлогот за надомест рече дека не може да каже во свое име. - Секако, успехот се цени и ќе се помогне, додаде тој.

Продуцентот Дарко Попов ги соопшти следните претставувања - најпрво во регионот, во официјалните програми на фестивалите во Палиќ, Мотовун и во Херцег Нови. Потврдени се уште неколку фестивали во наредниот период - Солун, Шпанија, Португалија... хс/паг/15:17MIA