Скопје, 16 октомври 2010 (МИА) - Со македонската премиера на филмот „Мајки“ на Милчо Манчевски вечерва во Битола свечено е отворен 31-виот Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ на кој ќе бидат прикажани рекордни 95 филма во сите фестивалски програми.

На отворањето во големата сала на Центарот за култура се обрати покровителот на фестивалот, претседателот Ѓорге Иванов, кој меѓу другото рече дека со своето визионерство пред повеќе од еден век браќата Манаки ја внесоа Битола и Македонија на светската филмска мапа. 

- Овој фестивал изникна од семето кое го посеаjа првите македонски и балкански сниматели, браќата Јанаки и Милтон Манаки. Низ објективот на познатата камера 300 тие ја промовираа и афирмираа нашата историја, култура, секојдневие. Велат една слика вреди колку илјада зборови. Тогаш можеме да претпоставиме колкава е културно-историската вредност на илјадниците метри филмска лента кои славните браќа ни ги оставија во наследство, нагласи Иванов.

Оскаровецот Вилмош Жигмонд - кинематографот кој годинава е лауреат на Златна камера 300 за животно дело, рече дека ја прифатил наградата во името на сите сниматели. 

- Им препорачувам на младите да снимаат. Драго ми е што сум во оваа прекрасна земја Македонија и жалам што не дојдов и порано, истакна Жигмонд.

Американската актерка Дерил Хана, на која министерката за култура Елизабета Канческа - Милевска и ја врачи специјалната награда Камера 300, рече дека е среќна што е во Македонија каде се слават филмските сниматели.

Најновиот филм на Манчевски е надвор од официјалната програма, во која се 12 филмови од најновата продукција и наградувани на фестивали во светот. Тие се во трка за трите награди „Камера 300“ – Златна, Сребрена и Бронзена, а за нив ќе одлучува петчлено жири со кое ќе претседава Вилмош Жигмонд.

Покрај филмовите од главната програма, на седумдневниот фестивал  ќе бидат прикажани и филмови кои третираат реални приказни во програмата „Нови визии“, документарни, кратки и  филмови за деца.


Премиерно ќе бидат прикажани и три македонски филмови - „Мајки“ на Манчевски, „Некои поинакви приказни“ - филмски парчиња од пет балкански режисерки, меѓу кои е и Марија Џиџева од Македонија, и филмот „Војната заврши“ на Митко Панов. Во соработка со Кинотека на Македонија, пак, првпат ќе бидат прикажани целосно седум филмови на браќата Манаки, како и омаж за карикатуристот Делчо Михајлов и неговите анимирани филмови. Во фокусот на годинашниот ИФФК „Браќа Манаки“ се  три национални кинематографии - израелската, бугарската и финската.

Организаторите најавија околу 400 домашни и странски гости – од екипите на филмовите што ќе бидат прикажани, директори на филмски фондови, актери, режисери, филмски работници… Ќе бидат организирани и работилници, со учество на  новинари и филмски критичари од познати светски списанија, како „Варајети“ и „Скрин интернешнл“.

Фестивалот ќе биде затворен на 22 октомври кога во чест на лауреатот Жигмонд ќе биде прикажан филмот „Ќе сретнеш висок мрачен странец“ во кој тој е кинематографер, а режисер е Вуди Ален.

Проекциите ќе бидат во големата и малата киносала во Центарот за култура во Битола, а за подобар квалитет на сликата и звукот, ќе биде донесена техника од Сараевскиот филмски фестивал. Буџетот на фестивалот е околу 200.000 евра – 4 милиони денари од  Министерството за култура,  3 милиони денари од Општина Битола, а останатите средства се обезбедени од спонзорите на фестивалот. мт/хс/21:14