Филмските автори дискутираа за Филмскиот фонд и за продукцијата во Македонија

Скопје, 9 февруари (МИА) - Каков Филмски фонд е потребен, што и недостига на филмската продукција во Македонија и какви измени му требаат на Законот за Филмски фонд на РМ - на овие теми дикустираа режисери и продуценти на тркалезна маса што во организација на Фондот се одржа во Кинотеката на Македонија.

- Во моментов Филмскиот фонд е поставен на две нивоа - од една страна се смета како фонд, а во суштина е национална установа т.е. е ставен во ист кош со други национални установи, како музеи и театри. Треба да му се најде вистинското место на Фондот и треба да се поделат ингеренциите и точно да се дефинира полето на дејствување на Филмскиот фонд. Се уште балансираме меѓу желбите и потребите, изјави Дарко Башевски, директор на Филмскиот фонд на РМ. Според него, вистински независен филмски фонд ќе има тогаш кога ќе има редовен прилив од реални извори, а не само од буџетот на државата.

Повеќето од филмските автори сметаат дека треба да се зголеми периодот во кој авторите на избраните проекти треба да го затворат буџетот за снимање на филмот. Тој рок сега е една година. Продуцентот што ќе биде избран на конкурс склучува со Фондот преддоговор и има право да користи најмногу пет проценти од одобрениот буџет додека не ги обезбеди средствата (од копродукциски партнери, спонзори...) со кои ќе го затвори целиот буџет. Финансииите треба да ги собере за една година и да му достави на Фондот гаранција. Потоа се склучува договорот и  Фондот  префрла 20 отсто од буџетот за филмот, а останатиот дел го дотира во текот на снимањето на филмот.

Доколку авторот не го затвори буџетот за една година, треба да му ги врати петте проценти на Фондот или тие да му бидат одбиени од наредниот проект.

Според филмаџиите, една година е малку авторите да најдат пари за своите филмови, а се согласуваат и дека три години, како што беше претходно, е долг период со што ќе се наталожат многу отворени проекти.

Томи Салковски рече дека авторот не треба да ги враќа петте проценти ако не успее со проектот, зашто и Фондот, според него,  има одговорност зашто тој го  избрал продуцентот. Тој предложи наместо тоа да му се забрани на продуцентот алицирање за нов филм во одреден период.

Игор Иванов забележа што Фондот одобрува документарни филмови кои, всушност, се репортажи и припаѓаат во ТВ-продукција т.е. треба да ги финансира Советот за радиодифузија или Министерството за култура.

Антонио Митриќески додаде дека треба да се посвети внимание на понудените сценарија и Фондот да ангажира надворешни соработници за супервизија на сценаријата што конкурираат за пари од Фондот.

Во врска со предлогот за построги критериуми кој има право да аплицира на Конкурсот на Филмски фонд, зашто на последниот се јавиле дури 150 продуценти, директорот Башевски рече дека има право да аплицира секој што регистрирал фирма за филмска дејност. 

Филмаџиите предложија и конкурсот на Фондот од мај да се помести во септември, за изборот да биде извршен во јануари, кога е познат и годишниот државен буџет. Авторите така ќе можат да бараат партнери за своите филмови од пролет, кога во светот и почнува филмската година.

Вкупниот  буџет за филм оваа година е 110 милиони денари, од кои околу 100 милиони денари се од Филмскиот фонд. Директорот на Фондот Башевски очекува годинава да почнат да се работат најмалку три играни филма, десет кратки и десетина документарни. - Очекуваме кратките и документарните да завршат оваа година. Седумте филмови кои беа снимани лани би требало до мај-јуни да почнат да се појавуваат, рече Башевски. хс/вј/14:46