Дури 9.233 гледачи го видоа филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски, викендов. Тој го собори рекордот на гледаност, што досега го држеше американскиот филм „Матрица“ на браќата Вачовски, во Универзалната сала.

Незапамтен интерес на гледачите ден пред свечената премиера, кога се чекаше и по еден час за да се дојде до билет. Скопје одамна не памети редици пред благајните, а кулминацијата ја достигнаа денот на свечената проекција. Од „Манаки филм, кој е задолжен за дистрибуцијата на филмот, велат дека се појавиле и препродавачи што билетите ги нуделе и по цена од 1.000 денари.

- Од стотиците наслови што ги дистрибуиравме во нашата земја во последниве 15 години, „Сенки“ доживеа најдобро викенд-отворање - велат од „Манаки филм“

Филмот ќе се прикажува паралелно во двете сали - во Универзална до 7 ноември, а во „Милениум“ и во наредната недела.