Скопје, 2 ноември (МИА) - Третиот игран филм на режисерот Милчо Манчевски „Сенки“ вечер ќе биде премиерно прикажан во Универзална сала, каде што ќе има проекции и во наредните шест дена, а ќе биде и на репертоар во скопското кино „Милениум“ и во киносалите низ градовите во Македонија.

- Многу сум задоволен од тоа што излезе и не би менувал ништо во филмот. Мојот метод на работа е секогаш да го преиспитувам сработеното и кога ќе дојдам до степен кога веќе нема што да се бруси, тогаш сум апсолутно задоволен. Она што не ми се допаѓа никогаш не го пуштам во филмот, рече Манчевски на вчерашната прес-конференција. Тој додаде дека до радосниот миг - двата часа слики на филмското платно, е изоден огромен пат во изминатата година и пол, вложен голем труд, солзи и пари, многу работни денови, стотици луѓе и амбиции.

За вечерашната премиера Универзалната сала е технички специјално подготвена. Публиката ќе го следи филмот на нов екран, увезен од Германија, со редизајниран тон и новоопремен проектор. Опремата вредна повеќе десетици илјади евра е несекојдневен куриозитет за оваа пригода, а растегнатото платно на сцената е со димензии 6 х 13 метри и е најголемо досега видено во Македонија.

Светската премиера филмот ја доживеа на 9 септември на филмскиот фестивал во Торонто, во рамките на престижната програма Специјални презентации. Минатата недела „Сенки” беше прикажан и на фестивалот во Сао Пауло, во Бразил. Филмот е македонски претставник за оскар. Првиот филм на Манчевски „Пред дождот“, исто така, беше македонски претставник за престижната награда на Американската филмска академија и влезе во најтесен избор меѓу петте номинирани во 1995 година, а освои и 30 други меѓународни награди, меѓу кои и „Златен лав“ во Венеција. Следниот филм на Манчевски „Прашина” го отвори Венецискиот фестивал во 2001 и, како и „Пред дождот”, е предмет на бројни академски студии. „Прашина” беше на англиски јазик и поради тоа не ги исполнуваше условите за да биде македонски кандидат за оскар во 2001 година.

Во пресрет на кандидатурата за престижната награда, Манчевски нема информација дали ќе добие дополнителна помош за лобирање за „Сенки“. - Тоа е неопходна компонента при пласирање на филмот во кандидатура за оскар. Ако има таква помош, тоа треба да се ефектуира зашто е веќе ноември и пред Американската филмска академија почнаа проекциите на филмовите кои конкурираат за наградата, рече Манчевски.

 „Сенки” е трет негов филм. И овој како и претходните два е меѓународна копродукција. Овојпат партнери се Македонија, Германија, Италија, Шпанија, Бугарија, а учествува и паневропскиот филмски фонд „Еуроимаж“. Светски дистрибутер е „Баварија филм интернешнл“. Мотото на филмот е: „Понекогаш мртвите зборуваат погласно од живите”, а самиот Манчевски вели дека е ова филм за кошмарот на еден човек, за неговото социјално и емотивно созревање, приказна за односот кон ближниот свој. „Сенки“ е урбан филм кој ја раскажува приказната за Лазар Перков (Борче Начев) и Менка (Весна Станојевска) и е обид „како во мазно огледало“ да се одговори на прашањето што е тоа податно во љубовта, смртта и сексот за тие да се претворат во табу.

Станојевска на вчерашната средба со новинарите рече дека е презадоволна од себе, од целиот филм и од изборот на сцените. Начев, како и таа, бил многу возбуден од првата средба со сценариото за кое помислил дека е за хорор филм. - Постојано откривав нови работи и сега го гледам со други очи. Го доживувам на прекрасен и интимен начин, рече тој. Филорета Атанасова, која во филмот ја игра неговата сопруга (Гордана Перкова), рече дека нејзина патека во филмот е вечната потрага по љубовта и тогаш кога се соочува со отуѓеност од партнерот.

Екипата на филмот вечер ќе ја поздрави публиката на двете проекции во Универзална сала - во 20 и во 22 часот. Манчевски вети официјална премиера на „Сенки“ и во Свети Николе, каде што филмот на крајот на септември беше првпат прикажан во Македонија, за да ги исполни критериумите за кандидатурата за оскар. Според пропизициите на Американската филмска академија, филмот што е во трка за номинација за оскар треба да биде прикажан пред домашната публика најдоцна до 1 октомври. хс/са/8:52
+++

Скопје, 5 ноември (МИА) - Весниците пишуваат за гламурозната премиера на филмот „Сенки“ на Милчо Манчевски, во петокот во Универзална сала. Кандидатот за „оскар“ ја воодушеви многубројната публика. Почитувачи на нашиот најреномиран филмски режисер со бурни аплаузи ја поздравија премиерата на неговиот трет игран филм.

- Скопјани буквално се туркаат да купат билет за најновото филмско остварување на Милчо Манчевски „Сенки“, кое го имаше своето премиерно прикажување во петокот во преполната Универзална сала. Како што пишува „Време“, само во петокот и во саботата филмот на Манчевски го виделе 7.000 гледачи, што е извонредна бројка, особено за домашен филм. Се очекува филмот да се прикажува уште најмалку три недели во Милениум, а од следниот понедеделник „Сенки“ ќе може да се гледа и во Домот на АРМ. Проекциите во Универзална сала ќе траат до среда.