Програмата на 30. ИФФК „Браќа Манаки“ во подготовка, избрано визуелното решение за плакатот

Скопје, 2 јуни (МИА) - Триесеттото издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ годинава ќе се одржува од 26 септември до 3 октомври во Битола и за јубилејот ќе понуди богата програма, која денеска  на прес-конференција ја најави директорката на фестивалот Лабина Митевска.

Главната натпреварувачка програма ќе има 10 до 12 филмови кои, како и досега, ќе ги избере селекторот Благоја Куновски. Првпат ќе има и натпреварувачка програма на 12 краткометражни филмови, кои ќе бидат во трка за наградата „Мала златна камера 300“. Селекцијата за оваа програма ќе ја направи светскиот фестивал за кратка форма „Клермонт Феранд“.

Фестивалот ќе ги има и програмите на документарни филмови, „Нови визии“,  „Ретроспективи“, како и „Манаки скрипт корнер“ - нова програма за сценарија, отворена за европската млада кинематографија.

На јубилејното фестивалско издание ќе дојдат претставници на  седум филмски фондови и фестивали од Европа и од САД, што треба да отвори можност за идна соработка и дистрибуција на македонски филмски остварувања.

- Фестивалите се пазари за размена на искуства, места каде што дознаваме за продуценти и фондови и затоа фокусот на фестивалот е ставен на значајни филмски фондови, рече Лабина Митевска. Таа посочи дека во Франција има голем интерес за македонските филмови зашто   десетта недела се прикажува „Јас сум од Титов Велес“, но  пред него  таму немало дистрибуција на македонски филм од „Пред дождот“ пред 16 години.

Во првата недела на септември ќе биде конкретизирана фестивалската програма, ќе биде познато петчленото жири кое ќе одлучи за наградите „Камера 300“ и ќе бидат објавени директорите на фотографија носители на  наградата за животно дело и на специјалната награда. Фестивалот ќе се одржува само во Битола, најголема финансиска поддршка има од Министерството за култура и од општината.

На прес-конференција беше објавено и визуелното решение за 30. фестивалско издание.  Од 50 пристигнати апликации на конкурсот за дизајн,   жирито предводено од уметницата Жанета Вангели го избра трудот на младата дизајнерка Ружица Трпковска од маркетинг-агенцијата „Футура 2/2“. Визуелното решение со мото „Продолжи да сонуваш“ ќе биде на плакатите и на насловницата на каталогот.

- Тоа беше најуметничко и најсмело решение, зашто во македонскиот медиумски простор недостига смелост и наративност. Дури 95 отсто од решенијата на триесетината кои влегоа во потесен круг беа илустративни и еднодимензионални. Сакавме решение со уметничко значење. Избраниот плакат инспирира и поканува на консумирање уметност, рече Вангели. хс/са/12:50