Совршена магија, илузија, фантазија...

Публиката на Охридско лето беше почестена со светската премиера на „Четири годишни времиња“, последниот дел од трилогијата музички претстави поставени од Иван Поповски на сцената на Театарот за музика и поезија „Елена Камбурова“.Она што пријатно не' разгали во „Мечтаења“, што не' импресионираше во „Апсинт“, во „Четири годишни времиња“ буквално не' вџаши. Жанровски наречена „концерт без зборови“, може да се рече дека е и без приказна - не затоа што реално ја нема, ами зашто приказната е крајно интимно, скриено и лично доживување на секој поединечен гледач. Повикува на толкување, но пред се' на восприемање бидејќи трилогијата музички претстави на Поповски не стреми кон човековиот ум, туку кон неговите сетила. Ова е особено потенцирано во последниот нејзин дел, кој е составен од експлозии на дразби и емоции. Доминира јазикот на музиката. Совршените аранжмани на композициите на Вивалди, Чајковски, Хајдн и Пјацола направени од Олег Синкин, исвирени и испеани во живо се подлога на основната дразба упатена кон увото. На тој план изведбата воодушевува и восхитува, но она што не' остава без зборови е нејзиниот стравотен визуелен ефект. За да го постигне, режисерот се служи со најавтентичната алатка на театарот и неговиот најјак адут - илузијата.Сценографските решенија (Иван Поповски), костимите (Ирина Јутанина), дизајнот на светло (Владислав Фролов), анимациите (Јулија Михеева), куклите (Елена Трешчинскаја), се' е направено со исклучителна креативност и оригиналност, која покажува и докажува дека ограниченоста на театарот како медиум е само изговор за затскривање. Нападот врз нашите сетила е комплетиран и преку тактилноста која (иако нема ниту еден директен допир меѓу изведувачите и гледачите) е навестена преку доминантноста на дланките во еден момент, контурите на поединечни делови на телото, впереното светло кон гледалиштето чии зраци ја допираат публиката.

 

Создавајќи совршена магија која понекогаш опседнува со сомнежи за невозможност, режисерот може да си дозволи како контраст, некаде во средината на претставата, да ни отвори еден сосема поинаков театарски свет. Наивен, старински, со сцена - кутија и црвени завеси, растоварен од каква било потреба за техничка перфекција, во кој се ѕиркаат нозете на актерките од дното на картонското кајче, каде што се гледаат сценските работници кои фрлаат снег и лисја, прават бура и движат куклени животни. Едно духовито интермецо што уште повеќе го засилува впечатокот.И можеби ништо од ова немаше да се случи да ја немаше креативната сила на Иван Поповски, неговиот богат емотивен и фантастичен свет, но од друга страна, тој свет ќе си останеше тајна да не беа Елена Веременко, Надежда Гулитскаја, Ана Комова и Елена Пронина, четирите волшебнички што беа и актерки и пејачки, кукларки, танчарки - со еден збор, божици што ја имаа секоја нишка од претставата во свои раце и на ниту една не и' дозволија да се распара. Понекогаш дури навидум ставени во втор план за сметка на ефектот, но постојано заслужни за неговата комплетност. Толку прецизни и уверливи во тоа што го прават на сцена што самите по себе може да се третираат како инспирација.Всушност, „Четири годишни времиња“ е целосен и револуционерен театарски настан кој комплетно обзема и кој е точен показател за што е страдна македонската публика - магија, илузија, фантазија, посветеност, а пред се', автентична и искрена сценска емоција.

Александра Бошковска -Дневник