Унковски гостува со трагедијата „Орест“
Еврипидовата трагедија „Орест“ во режија на Слободан Унковски, а во продукција на Националниот театар од северна Грција, ќе се изведе вечерва и утревечер на сцената на Античкиот театар во грчкиот град Епидаурус во рамките на фестивалот на античка драма „Епидаурус фестивал 2008“. Постановката „Орест“, во која играат 28 грчки актери, имаше премиера пред неполн месец во Националниот театар во Солун. „Орест“ е трета претстава на Унковски што тој ја постави во Грција, по „Четвртата сестра“ на Гловацки, за која доби седум национални награди и „Кралот Лир“ од Шекспир, обете изведени во Националниот театар во Атина. По изведбата во Епидаурус, претставата ќе гостува во петнаесетина грчки града, а се планира и голема меѓународна турнеја. Преостанатите ангажмани на Унковски до крајот на годинава ги вклучуваат неговите претстави во Народно позориште во Белград, каде што ќе работи на „Фигаровата женидба“, а во Софија ќе ја постави драмата „Фестен“, според истоимениот култен догма-филм. Фестивалот на античка драма во Епидаурус со над четиридецениска традиција е врвно место за презентирање на античката грчка трагедија, но и дела од современите драмски класици на древната сцена на грчкиот театар во текот на јули и на август. Епидаур е изграден во четвртиот век пред наша ера и е најакустичниот театар на светот. Тој во минатото претставувал светилиште на грчкиот бог на медицината Асклепиј и може да прими дури 14.000 гледачи.

Извор: Време

Друго:
РЕЖИСЕРСКО ПАТЕШЕСТВИЕ