Педесетина филма од близу триесет држави ќе бидат прикажани на годинешниот интернационален филмски фестивал „Астерфест“, кој почнува вечерва во Струмица. Фестивалот четврти пат се одржува во знакот на независните автори од Југоисточна Европа, под мотото „Безгранични филмски видици“.
Како претфестивалски вовед за струмичката публика вечерва ќе биде прикажан филмот „Вистинско чудо“ на Лукас Нола, со Раде Шербеџија во главната улога.
„Астерфест“ е единствен фестивал во регионот што студиозно и континуирано се занимава со профилот на краткиот игран и на документарниот филм. Добитник на единственото признание „астер“ за високи достигнувања во кинематографијата на ЈИЕ е хрватскиот режисер Лордан Зафрановиќ, кој по емигрирањето од својата земја, еден период престојуваше во Париз, а сега живее и работи во Прага.
Како и претходните години, фестивалот ќе има седум програмски категории: компетитивната „Астердокс“ за креативни документарци, потоа „Една жена-еден филм“, „Мери-Дионс“, „Посвети“, „Мувиленд“ (годинава резервирана за романската кратка филмска форма), „Балканска фикција“, како и краткиот блок од поновата македонска продукција со делата на младите Марија Апчевска, Фросина Наумовска, Саша Станишиќ, Филип Јовановски и др. Исто така, ќе бидат прикажани и неколку анимирани филма, како и дела на наши автори што творат надвор, како на пример Илија Пиперкоски и Ирена Паскали.
На крајот од фестивалот за најдобрите документарци ќе бидат доделени златна, сребрена и бронзена „потковица“, како и специјалниот „стар проектор“.
Новина е воведувањето на наградата за најдобар краток игран филм.
Меѓу филмовите што ќе бидат прикажани се: романскиот „Студени бранови“ на Александру Соломон, бугарскиот „Проблемот со комарците“ на Андреј Паунов, словенечкиот „Српски шајки“ на Димитар Анакиев, албанско-грчкиот „Компас“ на Бујар Алимани, полскиот „Агњешка“ на Мартин Гавре, германскиот „Замолчи, пеперутко“ на Ерек Кун, италијанскиот „Ван Аморе“ на тандемот Гермондари-Шпањоли, британскиот „Болен“ на младиот Мајк Ример, асистент на Питер Гринавеј.
Од нашите филмови, во оваа компетиција е „Дома“ на Ѓорче Ставрески.