„Види ја ти неа“ на Горан Столевски во официјалната селекција на краток филм на 34. Санденс

Kратометражниот игран филм „Види ја ти неа“ на режисерот Горан Столевски влезе во официјалната селекција на краток филм на 34. Филмски Фестивал во Санденс. Фестивалот ќе се одржи од 18 до 28 јануари идната година во Парк Ситу, Јута, САД. Во Интернационалната компетиција на краток филм ќе се прикажат 17 филмови од целиот свет, меѓу кои и „Види ја ти неа.“

Фестивалот е во организација на Санденс институтот основан од страна на реноминираниот актер Роберт Редфорд и има за цел да ја поврзе публиката со уметниците во креирањето на нови идеи, откривањето на оргинални изрази и градењето на заедница посветена на независниот филм.

„Види ја ти неа„ е приказна за младата девојка Анета, која се обидува да ги реши проблемите во семејството и училиштето вклучувајќи се во еден исклучиво машки верски ритуал, скокање по крстот за Водици.

Улогите во филмот ги толкуваат Сара Климоска, Пируника Киселички, Жарко Јовановиќ, Антонија Белазелкоска, Иво Антов, Виктор Арсов, Игор Ангелов, Симон Манасковски, Изабела Новотни, Милица Стојанова и Горан Илиќ.

Горан Столевски се потпишува и како сценарист на филмот, кинематографер е Наум Доксевски, сценограф Влатко Чачоровски, костимограф Жаклина Крстевска, тонец Братислав Зафировски, а шминката е на Наталија Кајевска. Продуценти на филмот се  Димитар Минов, Кристијан Буровски и Томи Салковски.

Филмот е во продукција на Црна мачка продукција, копродукција со Скопје Филм Студио, а финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на РМ.

Филмот ја освои Наградата Мала Камера 300 на овогодинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“.

Извор: http://newsroom.mk/vidi-ja-ti-nea-na-goran-stolevski-vo-ofitsijalnata-selektsija-na-kratok-film-na-34-sandens/