Синоќа во чест на наградените на овогодишниот Астерфест беше прикажан документарецот „Две веремиња“ на Киро Урдин.

Официјалната жири-комисија во состав: Јанко Баљак, режисер од Белград, Република Србија, Борис Мисирков, директор на фотографија од Софија, Република Бугарија и Атанас Чупоски, филмолог и писател од Скопје, Република Македонија, констатираше дека квалитетот на филмовите од годинашава селекција на фестивалот Астерфест, и во категоријата на кратки играни филмови, и во категоријата на документарни и анимирани филмови беше на многу високо ниво. Селекторите во сите конкуренции понудија многу квалитетни филмови од кои неколку веќе беа наградени на реномирани светски фестивали, што дополнително ја компликуваше и онака сложената работа на жирито. 

Жири-комисијата донесе одлука на 11-иот Астерфест да ги награди следниве филмови:

Во конкуренцијата на анимираните филмови, „Анимоушн“, во селекција на Марјан Пецев-Захов, жири-комисијата му доделува пофалница на филмот „Кокошка“, во режија на Васил Бедошвили од Руската Федерација. Филмот се издвојува од конкуренцијата заради оргиналниот третман на трогателната човечка историја овде претставена низ форма на птица, т.е. кокошка.
Главната награда за најдобар анимиран филм на 11-тото издание на Астерфест, жири-комисијата му ја доделува на филмот „Сладок кожурец“, во режија на Матео Барнар, Матијас Бриже, Жонатан Дире, Манон Марко и Кентен Пуираво, од Франција. Филмот го добива ова признание заради техничкото мајсторство и заради начинот на кој е раскажана оваа невообичаена приказна која претставува алегорија за минливоста на животот.

Во конкуренција на кусометражните играни филмови, насловена како „Глобална фикција“, во селекција на Сунчица Уневска, жири-комисијата донесе одлука на 11-тото издание на Астерфест да ги награди следниве филмови:
Жири-комисијата му доделува пофалница на филмот „Даб плеј“, во режија на Немања Лазиќ од Република Србија. Оваа одлука жирито ја образложува со специфичната филмска нарација и поигрувањето со жанровските стереотипи кои докажуваат дека младиот режисер вешто се служи со филмскиот јазик и успева во овој нискобуџетен филм да постигне максимален резултат со минимални средства.

Наградата „Ѓорѓи Абаџиев“ за најдобро сценарио му е доделена на филмот „Повеќе од два часа“ на режисерот Али Азгари од Иран. Односите во иранското општество, сублимирани во една ноќ на интимна драма на главните протагонисти на филмот, ја креираат специфичната филмска атмосфера.
Наградата „Ацо Алексов“ за најдобар автор ја добива режисерот Мет Киркби од Велика Британија за филмот „Телефонски повик“. Режисерската умешност се гледа во мајсторството само низ неколку кадри на експресивна актерска игра, да се раскаже возбудлива приказна за љубовта, животот и смртта.
Специјалната награда „Старозлатен проектор“ ја добива филмот „Пештерата“, во режија на Ахмед Гонеими, во египетско-македонска копродукција. Динамичната фотографија одлично соодветствува на динамичната актерска игра и на одличната режија, со што се креира хипер-реална атмосфера која буквално го вовлекува гледачот во приказната.
Наградата „Најдобар краток филм“ на 11-тото издание на Астерфест, му се доделува на филмот „Случајно“, во режија на Жора Крижовников од Руската Федерација. Брилјантната црна комедија инспирирана од Достоевски со исклучително режисерски водени актерски минијатури, всушност ја раскажува потресната приказна за крахот на моралните вредности во современото руско општество.

Во конкуренција на документарните филмови, насловена како „Ѕвездени документи“, селектирана од Гена Теодосиевска, жири-комисијата донесе одлука на 11-тото издание на Астерфест да ги награди следниве филмови:
Специјалната пофалница на жири-комисијата ја добива дебитантскиот филм на режисерот Перо Кованцалиев, со наслов „Вујче“. Умешноста на режисерот се состои во тоа својот автентичен јунак да го препознае како главен јунак на својата непретенциозната и духовита филмска приказна.
Наградата „Бронзена потковица“ му се доделува на филмот „Живеј војнику, живеј“, во режија на Кирстен Гајнет од Руската федерација. Вонсерискиот филмски деби на младата режисерка од Русија, во кој на визуелно супериорен начин ја раскажува трогателната приказна за Чернобилската катастрофа преку универзалната сторија за заборавените херои, ветува дека и во иднина од неа можеме да очекуваме солидни филмски остварувања.
Наградата „Сребрена потковица“ му се доделува на филмот „Нема ништо недоречено“, во режија на Ане-Марике Графманс од Холандија. Преку автентична режисерска постапка авторката успева да го избегне непотребниот сентиментализам и со автентичен филмски јазик да ја раскаже семејната приказна за достоинството на човечкиот живот во која се допираат  прашањата за животот и смртта, за очајот и надежта.

Наградата „Златна потковица“ на 11-тото издание на Астерфест му се доделува на филмот „Како сакате“ на режисерката Паула Онет од Романија. Со супериорен визуелен стил, Паула Онет, која истовремено е и режисер и сценарист и директор на фотографија и монтажер на филмот, преку интерпретација на фотографиите на надгробните споменици, реализира метафизичка и делумно иронична приказна во која се испреплетуваат вечните прашањата за човечкото постоење на овој свет, за животот после смртта, за вечната љубов...   

Специјалното жири составено од Дина Дума, Васко Маглешов и Александар Филев, одлучуваше за наградата за најдобар филм од Турција. Според нив, краткиот филм „Губење бои“ на Озан Гонен од Турција е вистинска анимирана бајадера од програмата "Мувиленд". Во него со еден минималистички манир е соопштена пораката за вроденото право за слобода. Филмот „Губење бои“ е чиста метафора на идејата за излез од стегите на секоја наметната идеологија.

Фестивалот завршува вечерва во 19,30 час. со проекција на наградените филмови.