Филмаџиите бараат буџет поголем за 150 отсто

Директорот на Фондот, Дејан Илиев, бара Владата да го зголеми буџетот за филм за околу 2,4 милиона евра, за да може да ја реализира предвидената програма

Триесетина филмски автори и неколкумина продуценти чекаат одговор од Филмскиот фонд кои проекти им се одобрени за годинава. Тие се во недоумица дали ќе добијат пари, но и дали ќе имаат време да ги реализираат филмските проекти. Управниот одбор ги разгледа проектите и му ја достави програмата на министерот за култура Арификмет Џемаили, кој, откако ќе ја разгледа програмата, ќе го има последниот збор.Првично беше најавено дека резултатите ќе бидат објавени пред два месеца, но работите запнаа зашто Фондот годинава почна да работи како посебна институција. Конкурсот беше отворен во декември минатата година.

Директорот на Фондот, Дејан Илиев, најави дека побарал од Владата да го зголеми буџетот на Фондот и тоа за околу 2,5 милиона евра. Сумата што Владата му ја даде на Фондот е 99 милиони денари (околу 160.000 евра), а тој ќе бара околу 400.000 евра, за да може да ја реализира програмата што ја замислил.Постои добро расположение кај Владата за добивање поголема поддршка. Мора да имаме малку трпение, сепак ова е прва година на Фондот и мора внимателно да работиме - рече Илиев.

Деновиве во Министерството за култура се изработува детаљна евиденција за тоа кои филмски проекти се заостанати од минатата година. Од долгометражните филмови што беа одобрени, беа откажани два. Иво Трајков требаше да снима филм според романот на Стојан Андов „Стравот и љубовта“, но се откажа од проектот. Сценариото за филмот го направи актерот Мето Јовановски. Филмот требаше да се снима во продукција на „Кавал“. Од Министерството велат дека тој ги вратил парите што ги добил за развој на сценарио.

Слична судбина имаше и идејата за филмот „Македонски рулет“ од Љубиша Георгиевски, што требаше да го режира Дарко Митревски, но поради тоа што не нашол заинтересиран копродуцент и бил презафатен во САД, се откажал од идејата да го снима филмот.Трајков како прв сценарист на филмот ги врати парите што беа исплатени за развој на сценарио. Митревски се' уште не ги вратил 400.000 денари - велат од Министерството. Фондот ќе преземе два долгометражни филма што требаше да се снимаат лани. Тоа се „Ова не е американски филм“, по текст на Сашо Миленковски, во режија на Сашо Павловски и „Војната заврши“ на Митко Панов. Според Илиев, преземањето проекти од претходната година нема да му претставува проблем на Фондот.

Сребра Пашовска- Дневник