Според вистинските љубители на филмот, и покрај одредените организациски пропусти и слабости, годинашното издание на фестивалот беше едно од најдобрите и најуспешни досега, на кое беа присутни дури тројца оскаровци - славната француска актерка Жулиет Бинош и кинематограферите Крис Менџис и Лука Бигаци


 Екипата на филмот „Деца на сонцето“ се поклони пред битолската публика

НАЈДОБРО ИЗДАНИЕ НА „БРАЌА МАНАКИ“

Со доделувањето на наградите златна, сребрена и бронзена „камера 300“ и со премиерната проекција на македонскиот игран филм „Децата на сонцето“ во режија на Антонио Митриќески, во петокот во Битола беше заокружено годинашното, јубилејно 35-то издание на интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.
Украинскиот кинематографер Валентин Васјанович е годинашен добитник на највисокото фестивалско признание, наградата „златна камера 300“, за неговиот дебитантски филм, насловен „Племето“.

„Племето“ со нов пристап кон филмската камера

Во своето образложение меѓународното стручно жири, во состав: Ѓиора Бејач, Срѓан Драгојевиќ, Ребека Толи, Симон Таншек и Лазар Секуловски, соопшти дека филмот е совршен пример за поврзување сценарио, режија, глума и монтажа и со еден нов пристап кон филмската камера.
За големото признание, Васјанович преку видеообраќање им се заблагодари на фестивалот, жирито и присутните во полната сала на центарот за култура.
- Денеска сум најсреќниот човек на светот. Жал ми е што не можам да сум со вас. Голема чест ми е што примам награда од вашиот прекрасен фестивал. Интересно е што во почетокот јас бев само продуцент на наградениот филм, а не директор на фотографија. Во текот на многуте проби со режисерот и актерите почнавме да снимаме со непрофесионална камера и тоа му даде автентичен стил на филмот. Така го презедов местото директор на фотографија - како да е работно место во некоја локална семејна пицерија. Не можам да ви опишам колку сум среќен што добивам награда - рече Васјанович.
Репрезентативното жири „сребрената камера 300“ им ја додели на Ричард Ленчевски и на Лукаш Зал за полско-данскиот филм „Ида“. Ленчевски третпат освојува фестивалско одличје - во 2001 година доби „златна камера 300“, во 2005 година беше награден со „бронзена камера 300“ и годинава со „сребрена камера 300“.

Британскиот филм „71“ на Ентони Тат Редклиф ја доби „бронзената камера 300“.
Редклиф, поради свадбата на неговата сестра, морал да ја напушти Битола, но на доделувањето и тој имаше видеообраќање.
- Жал ми е што не сум присутен да ја примам наградата „бронзена камера 300“ поради семејни обврски. Навистина е привилегија да се добие оваа награда на ваков реномиран фестивал. Ви благодарам многу, поминав една незаборавна недела, сретнав прекрасни, многу инспиративни луѓе и заминувам одовде со убави спомени од мојот прв, но се надевам не последен престој на „Браќа Манаки“- изјави Редклиф.
Според востановената традиција, меѓународното стручно жири додели и „мала златна камера 300“, која годинава му припадна на кинематограферот Константин М. Есадѕе од Грузија за краткометражниот филм „Динола“.

Манчевски со кратко „благодарам“

Сите аплаузи на фестивалот, кој годинава се одржа под мотото „Кон ѕвездите“, ги собра најуспешниот македонски режисер Милчо Манчевски, добитник на признанието „Големата ѕвезда на македонскиот филм“. Ова високо признание на Манчевски му беше доделено поради поставувањето нови стандарди во авторскиот филмски пристап, кој ја впиша Македонија на светската филмска мапа.
Признанието на Манчевски му го додели Роберт Насков, претседател на Друштвото на филмските професионалци на Македонија.

По врачувањето на признанието, Манчевски беше поздравен со долги аплаузи и овации од публиката, по што направи римејк на антологиската сцена од филмот „Пред дождот“ со прстот на уста и рече едно кратко „благодарам“.
По доделувањето на наградите почна премиерната проекција на филмот „Деца на сонцето“. Во Битола пред присутните се поклони целата екипа на филмот.
Сега, откако гостите си заминаа од Битола, општ е впечатокот дека крајот на фестивалот ги фрли во сенка сите скандали, недоразбирања и непримерни однесувања од почетокот на фестивалот „Браќа Манаки“.
Сепак, според вистинските љубители на филмот, и покрај одредените организациски пропусти и слабости, годинашното издание на фестивалот беше едно од најдобрите и најуспешни досега, на кое беа присутни дури тројца оскаровци - славната француска актерка Жулиет Бинош и кинематограферите Крис Менџис и Лука Бигаци.


Манчевски направи римејк на сцената од  „Пред дождот“
    
      
Автор: Менде Младеновски / Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.