Датум: 15.06.2014, 15:08

МАЛ ИНТЕРЕС ЗА KРЕАТИВНИОТ ДОKУМЕНТАРЕЦ

Имаме фестивал, ама немаме домашни филмови за прикажување

Марина Лазаревска

Продукцијата на домашни креативни документарни филмови е с` уште мала како во однос на светската така и во однос на балканската. Додека во Македонија годишно има најмногу еден-два долгометражни кинодокументарни филма, балканската креативна документаристика многу смело и порано тргна по патот на подемот. На светските документарни фестивали странски филмови на млади автори се во програмите заедно со филмовите на етаблирани и докажани автори. Наши филмови речиси и нема на овие фестивали. Само два домашни долгометражни креативни документарца се прикажани за пет години колку што постои фестивалот за креативен документарен филм „Македокс“, од кои само една беше премиера.

Студентските филмови - надеж

Организаторите на фестивалот тврдат дека даваат с` од себе за промоција на домашната документаристика. Фестивалот тргна токму со идејата да се едуцира и да се запознае публиката со документарниот филм, кој последниве години беше на маргините. Сепак, според директорката Kиријана А. Николоска, долгометражната креативна документарна форма кај нас е многу ретка, но ги радува тоа што годинава имаат рекордни 12 наши студентски креативни документарни филма.

- Третманот што ние го имаме кон македонските филмови е ист како и за сите други, со нескриена желба дека ќе има с` повеќе автори што ќе најдат предизвик и инспирација во оваа филмска форма и кои ќе оценат дека фестивалот е нивното место за промоција. Студентските документарни филмови беа дел од нашата програма и во 2011 година, но годинава и квалитетот е зголемен. Некои од домашните филмови, кои беа или ќе бидат прикажани на „Македокс“, станаа дел од програмите на неколку наши пријателски фестивали - вели таа.

Токму балканските автори се во фокусот на годинашното издание, кое почна во саботата и ќе трае до 20 јуни. Николоска подвлекува дека овој фестивал се обидува да ја стимулира и продукцијата преку многубројните креативни работилници и дека авторите на балканските документарци ќе бидат присутни во Скопје за да го пренесат своето искуство, но знаење и можеби и страст на нашите автори, посебно на младите.

Македонските документаристи се согласуваат дека за афирмација на документарниот филм треба конкуренција, ангажираност на продуцентите и авторите, соработка со фондови, киноприкажување и дистрибуција.

Треба поголем ангажман

Режисерката Марија Џиџева, чии документарни филмови се најдоа на програмите на познатите фестивали како „Берлинале“, ИДФА во Амстердам, „Драгон форум“ во Полска, „Загреб докс“, вели дека за афирмација на документарниот филм се потребни повеќе филмови, ангажираност на продуцентите и авторите, соработка со Филмскиот фонд, кино и телевизиско прикажување, но недостига уште еден сегмент, кој е многу битен и е составен дел од целиот процес - дистрибуцијата. Таа вели дека недостига комуникација и соработка меѓу продукциите и дистрибутерите.

- Доволно е филмот да биде прифатен и прикажан на два-три фестивали на почеток и потоа тој си почнува свој живот, го гледаат луѓе, селектори, кои го покануваат или селектираат на други фестивали - вели Џиџева.

Не конкурираме во меѓународни фондови

Фондацијата „Јан Врајман“ на најголемиот меѓународен фестивал на документарен филм во Амстердам (ИДФА) годишно добива околу 3.000 пријави од целиот свет, освен од Македонија. Фондацијата им доделува средства на филмови од Африка и од Азија, како и од земји се послабо економски развиени.

Филмска критичарка и професор Рада Шешиќ, член на комисијата на овој фонд, на работилница во Скопје рече дека 10.000 документарни филма кружат по фестивали во светот, но незначителен е бројот на пријавени филмови од Македонија.

- Навистина е жалосно што македонски филмови има во навистина незначителен број. Претпоставувам дека тоа се должи на небрежност од страна на авторите. Сите ги оставаат работите за утре и крајно време е тоа да се заборави. Секоја шанса треба да се искористи бидејќи работите се менуваат секојдневно и авторите треба да се пријавуваат додека има вакви шанси - рече Шешиќ.

 

Извор: Дневник

 http://www.dnevnik.mk/default.asp?ItemID=F613EB58C83FB448B7EB7C0057844BC9