Уште необјавено
ТИВЕРИОПОЛСКА ФИЛМСКА ВЕЧЕР СО АНТОНИО МИТРИЌЕСКИ -кратки филмови на Митриќески во Струмица- (28 март, петок, 19 час., НУЦК Антон Панов - Струмица)  В петок, на 28 март во Струмица, во рамките на Тивериополските филмски вечери кои се одржуваат секој последен петок од месецот, во партнерство помеѓу Тивериополската Филмска Алијанса и Астерфест, ќе се одржи проекција на краткометражните играни и документарни филмови на современиот македонски режисер Антонио Митриќески.Идеите за своите филмови Митриќески ги црпи од вечните теми мегу животот и смртта, меѓу љубовта и надежта, во бескрајот на времето и просторот. Тој ги регистрира обичните луѓе со обични врски меѓу себе кои се претвораат во суптилни нитки на вечното: отворените очи, благата насмевка, старечките раце во филмот ЕХО; поетичното катадневие во ДЕН; кочијата како своевиден гласник на љубовта и смртта во филмот ДВОБОЈ; стариот трамвај кој во филмот ВРЕМЕ на своето последно патување предизвикува кај гледачот чувство на тага. Детаљите од избрчканото лице на КОЧО ТОПЕНЧАРОВ, поројот низ калдрмата, портата од старата куќа се само потсетување на времето што незапирливо тече. Илинденка Петрушева, а и други филмски критичари, ќе речат: “Високата ликовна култура што ја поседува авторот му овозможува бојата и светлото  да ги користи на најдобар можен начин. Драматуршките елементи, визуелните глетки работени многу едноставно и без големи претензии се полни со емоција, предизвикани во ликовното вообликување на кадарот во коишто камерата во движење или во мирување ги открива скриените знаци на просторот,  времето и луѓето.” Њујорк Тајмс објави дека Митриќески е сликар во филмската уметност.Проекцијата ќе се одржи во малата сала во НУЦК Антон Панов, в петок, со почеток во 19 час. Пред проекцијата ќе се оствари средба со режисерот Митриќески. Тивериополска Филмска Алијанса,

Струмица