11.05.2014, 14:19

„Астерфест“ за јубилејот носи оскаровци

Под мотото „Ново и старо“ 10. струмички фестивал носи повеќе наградени филмови, а вклучува и посебен ретроспективен блок на поновите македонски кратки филмови

Сунчица Уневска- Утрински весник

Десеттото издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ ќе се одржи од 27 до 31 мај, а годинава токму во знакот на јубилејот фестивалот ќе понуди репрезентативна програма на филмови оскаровци, филмови со награди на големите филмски фестивали и филмови кои се' уште се актуелни на фестивалите низ светот. Под мотото „Ново и старо“ струмичкиот фестивал „Астерфест“ ќе не' потсети на изминатите години, прикажувајќи ја годинешната ексклузивна програма и најавувајќи уште поамбициозна програма во втората деценија од своето постоење. „Астерфест“ некако тивко и ненаметливо низ годините си го зазема своето место на мапата на фестивали во Македонија, но и многу пошироко, покажувајќи дека публика има и за документарните и играни кратки форми, истовремено оддавајќи им почест на такви авторски имиња, чие значење и биографија, а особено однос кон филмската уметност, на најдобра можен начин ја испишуваа неговата десетгодишна историја. Во истиот стил, овој особен фестивал продолжува и годинава потсетувајќи не на опусот на еден од водечките македонски режисери, Бранко Ставрев, на легендарната актерка Љупка Џундева и запознавајќи не со уште едно големо име на документарниот филм во светот, Борис Геретс.

Но, да се вратиме на тукушто објавената годинешна програма и филмови кои на ова 10. издание ќе се борат за „Златна“, „Сребрена“ и „Бронзена потковица“, но и за наградите „Старозлатен проектор“ и „Ѓорѓи Абаџиев“ за најдобро сценарио. Компетитивните програми се исти, „Глобална фикција“, програмата на кратки играни филмови, „Ѕвездени документи“, програмата на креативен документарен филм и „Анимоушн“, анимираната програма, со тоа што годинава фестивалот подготви посебен ретроспективен блок на кратки македонски играни филмови продуцирани последниве години.

Во програмата „Глобална фикција“ влезе оскаровецот „Хелиум“ на Андерс Валтер од Данска, но и филмот од Македонија „Добро време за умирање“ на Сенад Абдули, кој во Струмица ќе ја има својата премиера. Потоа тука се и: англискиот „Девојката што избега (исплашена) од светот“ на Џони Харн (авторот кој лани доби Специјално признание за филмот „Кралот Џон, чин IV, сцена I“), канадскиот „Гори светот“ на Џастин Океј, филмот „Амел“ на Море Раца од Косово и дури два полски кои се наметнаа со својата особеност, „Бирди“ на Ева Кочанска и „Жар“ на Бартош Крухлик (добитник на „Сребрена потковица“ за документарецот „Кралството“). Карактеристика на годинешната програма од седум кратки филма е бегството. Бегството од светот и бегството од себе. Барањето на традиционалните вредности, барањето можност да се пополнат празнините, да не се почувствува осаменоста. Овие седум ‘мали’ приказни успеваат на фантастичен начин да проговорат за непредвидливоста на човечката природа.

Програмата „Ѕвездени документи“ го носи минатогодишниот добитник од Локарно, „Рафаеловиот пат“ на Италијанецот Алесандро Фалко, а тука е и познатиот израелски автор Бернард Дичек со филмот „Калуш што мислев дека го познавам“. Но, годинава посебноста на оваа програма се огледа и низ делата на Индиецот Вијај Јода и филмот „Измет врз бедата“, потоа во босанското „Небо“ на ветеранот Дино Касало, како и во „Звуци за Мазин“ на Ингрид Камерлинг од Холандија. „Мојот избор за 10. јубилеен фестивал се пет документарци кои, освен што се исклучителни визуелни нарации за одредени човечки судбини, тие во суштина се повеќе филмски документ на нашиот заеднички историски момент на живеење“, истакнува селекторката Гена Теодосиевска, додавајќи дека ги заборава сите „ортодоксни“ правила кога станува збор за емоцијата и возбудата што овие филмови можат да ги предизвикаат кај гледачите.

Анимираната програма, која ја селектира Марјан Захов-Пецев, носи уште еден оскаровец, „Г. Хублот“ на Лорен Витз од Луксембург, а покрај анимациите од Британија, Германија и Франција, тука е и српскиот „Веслач“ на Лука и Душко Шево. Програмата „Мувиленд“, која ја подготвува Влатко Галевски, овој пат носи куриозитет - шест наградувани кратки играни филмови од Австрија. А во рамките на ретроспективниот блок на македонска продукција ќе можат да се видат: „Намини барем еднаш“ на Косара Митиќ, „409“ на Даријан Пејовски, „Материјал за аудиција“ на Ѓорче Ставрески, „Влакна“ на Елеонора Венинова, „Човекот со чудна навика да ме удира со чадор по глава“ на Вардан Тозија, „Синот“ на Марко Ѓоковиќ, „Мал дисконтинуитет во време-просторот“ на Гоце Цветановски и „(Не)нормален“ на Ице Виранов.

Покровители на „Астерфест“ и годинава се: Општина Струмица и Министерството за култура, а фестивалот е поддржан и од Европската унија, од амбасадите на Австрија и Германија, како и од македонската Агенција за филм.