Реномираниот режисер Борис Геретс е годинашен добитник на наградата „Астер“ за високи достигнувања во европската и во светската филмска уметност. Наградата ќе му биде врачена на отворањето на 10. јубилеен интернационален филмски фестивал „Астерфест“ на 27 мај во Струмица каде што тој ќе биде специјален гостин. Геретс е меѓународно признат автор на документарни филмови и докажан визуелен уметник и монтажер.

Роден во 1948 во германско-бугарско семејство. Растел во Холандија, Шпанија, Сиера Леоне и во Германија, а денес живее на релација Лондон - Амстердам. Неговите филмови се гро-планови на локални средини, кои тој ги опишува како биотопски истражувања.

Во манастирот „Пресвета Богородица Елеуса“ во Вељуса на 28 мај ќе бидат одржани традиционалниот „Астерпортрет“ и Тивериополските филмски беседи во чест на годинашните лауреати Борис Геретс и Љупка Џундева. На 30 мај, пак, Геретс ќе одржи мастер-клас. На крајот од фестивалот ќе биде прикажан неговиот најнов документарен филм „Човек-сенка“, приказна за група пријатели, од кои секој се соочува со сериозни физички и психолошки предизвици преживувајќи на мрачните улици во Фритаун. Филмот навлегува длабоко во нивниот живот раскажувајќи приказна за хуманост и достоинство во свет кој нуди многу малку утеха.


Извор: Дневник

15.04.2014 год.