Библиските теми, кои последниве години ги окупираа холивудските режисери, наскоро ќе ги добијат и своите конечни верзии

 

  Расел Кроу во „Ное“

РЕЛИГИЈАТА ПОВТОРНО ИНСПИРАЦИЈА ЗА ХОЛИВУД
Два религиски ретро-филма што имаат претензии да ја постигнат старата слава на библиските блокбастери од 1940-тите и 1950-тите години ќе се најдат пред публиката годинава и, според британски „Гардијан“, ќе привлечат најмногу гледачи во кината.

Истовремено, за местото на новиот Чарлтон Хестон ќе се натпреваруваат Расел Кроу и Кристијан Бејл, ѕвездите на филмовите „Ное“ на Дарен Аронофски и „Егзодус“ на Ридли Скот. Во новиот филм на Аронофски, покрај Кроу, играат и Џенифер Конели, Ема Вотсон и Ентони Хопкинс.

Режисерот на филмовите „Борач“ и „Црниот лебед“ изјави дека основата на филмот е во библиската верзија, која е запишана во „Книгата на постанокот“. Сепак, според она што може да се види на постерите и во првите трејлери, Кроу го игра Ное како „човек што се обидува да го спаси своето семејство изговарајќи го зборот почнува“, кој традиционално се употребува во модерните научнофантастични и апокалиптични филмови.

Оние што имале можност да ги погледнат првите снимени материјали за „Ное“ велат дека филмот всушност слободно ја прераскажува приказната за Ноевиот брод, која прераснува во политички и еколошки памфлет.

- Ако очекувавте верна верзија за најголемиот морепловец во историјата, приказна за избавувањето и за поклонувањето пред Бога, ќе бидете разочарани. Древниот свет е претставен како испукана земја и темно небо, кое не дава дожд - а сето тоа е предизвикано од човековото непочитување на околината - пишуваат филмските критичари.

Како неолитскиот човек можел да предизвика олку катастрофална климатска промена без злокобни емисии на јаглероден диоксид не е објаснето, напишал сценаристот Брајан Годава, кој имал увид во една верзија на сценариото на Аронофски.

Од друга страна, во средиштето на новиот филм на Ридли Скот е приказната за излегувањето на Евреите од Египет. Во филмот „Егзодус“ играат Кристијан Бејл како Мојсеј и Џоел Еџертон како Рамзес Втори, а во актерската екипа се и Сигурни Вивер, Бен Кингсли, Џон Туртуро.

Премиерата е закажана за крајот на годинава, а со оглед на тоа што снимањето сѐ уште е во тек, не се знае што може да се очекува од овој филм. Сепак, јасно е дека и во овој случај технолошкиот напредок на седмата уметност ќе има важна улога, барем во текот на сцените на разговорот на Мојсеј со Бог, кој зема форма на грмушка во оган, или моментот на преминувањето на Црвено Море.

Но со кој дел од Светото писмо и да се занимава, „Библијата по Холивуд“ секогаш предизвикува многубројни контроверзии и армија незадоволни гледачи.


„Ваквите приказни секогаш предизвикуваат контроверзии, бидејќи некои луѓе многу страсно ги прифаќаат“, вели филмскиот новинар Андру Стјуарт и додава, „дали овие филмови на некои луѓе нема да им се допаднат? Апсолутно“. -Нова Македонија