Драмскиот класик „Три сестри“ на Антон Павлович Чехов, во режија на Слободан Унковски, кој премиерно беше изведен во петокот на сцената на загрепскиот театар „Гавела“, ја воодушеви хрватската публика

 

Режисерот Унковски со актерот Филип Видовиќ по премиерата

- Оваа драма во четири чина што ја постави македонскиот режисер Слободан Унковски проговара за копнежот по среќата и поинаков живот, за невозвратените љубови, потиснатите емоции и неизговорените мисли. Унковски во текот на својата кариера режирал стотина претстави и важи за еден од најуспешните и најнаградувани автори во регионот. Иако работел на голем број сцени во соседните земји и во Европа, од Белград и Љубљана до Москва и Атина, тој досега нема работено во Хрватска, па затоа и оваа претстава беше очекувана со голема возбуда - пишуваат хрватските медиуми.

Во улогите на трите Чехови сестри Олга, Маша и Ирина публиката ги виде: Јелена Михољевиќ, Дијана Видушин и Ивана Рошиќ, а преостанатите ликови ги толкуваат Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Озрен Грабариќ, Свен Шестак, Ранко Зидариќ, Филип Шоваговиќ, Филип Видовиќ и др. Хрватските медиуми истакнуваат дека да се приближи единствениот свет на Чехов, полн со блискост, топлина, ненаметлива духовитост и секојдневна тага, не е лесна задача, но дека македонскиот театарски режисер го направил тоа со исклучителна бравурозност.