За судбинската поврзаност со љубовта...


Култната "Чија си" од Сашко Насев се враќа на матичната сцена во Драмскиот театар, од вечерва (20 ч.), кога премиерно ќе ја видиме. Овојпат режисерската постановка е на Љупчо Ѓорѓиевски. За разлика од постановката од 1991 година, која доживеа 183 изведби, во ова видување на Ѓорѓиевски ликовите се три децении постари од оние во пиесата и во себе го носат габаритот од едно време... Времето од распаѓањето на некогашната држава, а во контекст на сегашната, денешната...

"Кога размислував од каде да почнам, решив да се позанимавам со судбината на ликовите, а во фон да оди драмскиот контекст за маалските односи... Оттука, заклучокот е дека, всушност, времето секогаш е време, а единственото што недостига е љубовта. Суштината се одразува во покајанието, и тоа покајание затоа што (не)сме ја давале љубовта доволно...", рече режисерот Ѓорѓиевски.

За авторот, Сашко Насев, кого токму овој текст го одбележа како автор, најбитната компонента е новото читање и препознавањето на вината без вина"...

Покрај Силвија Стојановска , Ванчо Петрушевски и Ѓокица Лукаревски, кои играа и во првата постановка, во оваа постановка играат и Анастас Тановски, Благој Чоревски, Лазе Манасковски, Ленче Делова, Марија Кондовска, Ѓорѓи Тодоровски и Душица Стојановска. Костимографијата е на Благој Мицевски, сцената на Валентин Светозарев, а композитор врз основата на евергринот Чија си" ја направи Марјан Неќак. Асистент на режија е младиот Иван Манасковски.
Директорот Роберт Вељановски најави враќање на детската сцена, која, всушност, претставува фундамент за раст на театарот од Карпош.

 (Б.Г.) -Вечер