УТРЕВЕЧЕР НОВА ПРЕМИЕРА ВО ДРАМСКИ

 http://www.youtube.com/watch?v=GyyIMKQXm60

 



Огнени јазици... за продолжена историја!


Пиесата "Огнени јазици" го враќа тандемот Стефановски - Унковски во Драмски, како заокружување на нивната четиридецениска соработка


Пиесата "Огнени јазици" е најновата премиера закажана за утревечер (20 ч.), која повторно во Драмски ги носи Горан Стефановски како автор и Слободан Унковски како режисер. За овој речиси неповторлив тандем во македонскиот театар се врзани неколку интересни бројки. За точно четири децении тие имаат соработка на точно 10 проекти, а нивната последна премиера "Демонот од Дебар Маало" одбележа шест децении на Драмскиот театар...

"Насловот на драмата е преземен од Светото писмо и чудото на педесетниците. Тој ден се појавуваат огнени јазици, се отворија очите на слепите, се отнаа ушите на глувите! Почнаа да врчат свети дождови од слова, порои, од букви!... Во содржинска смисла во драмата централен поим е преводот, феноменот на можноста и неможноста на преведувањето. Господ е во вистинскиот превод во премостувањето, во создавањето склад и смисла. Ѓаволот се крие во погрешниот превод, во збрката и бесмислата. Во мајчиниот јазик човек се чувствува - дома...", стои во дел од експликацијата на Стефановски за интенцијата за пишување на неговата пиеса.

Инаку, според Унковски во дејствието кое се одвива од денеска па до 9 век и повторно назад до денес, хероите како Итар Пејо и Болен Дојчин се земени како два антипода кои ја отсликуваат духовноста на нашиот народ. Итар Пејо е Драган Спасов Дац, кој запрашан за неговиот лик рече дека навистина е жално што се помалку го има Итар Пејо по мудроста и дека интернетот за жал го "прегази" овој наш митолошки лик.

Авторот на музиката Златко Ориѓански по сите оние следења и "шпионирања" на случувањата во култната "Диво месо" и преснимувањето на музиката на "Леб и сол" денеска е дел од создавачкиот процес со тандемот Унковски - Стефановски. Искрено се надевам дека во едно парче успеавме да создадеме нова химна на нашата азбука, нешто налик на онаа од Влатко Стефановски и неговата "Бушава..."

Во кастингот се уште и Благој Веселинов, Сања Арсовска, Филип Трајковиќ, Диме Илиев, Зоран Љутков, Соња Самболџиоска, Игор Ангелов и Биљана Драгиќевиќ Пројковска. Техничкиот дел е на Игор Тошевски - сценски дизајн, костимите се на Ивана Кнез, а анимации направи Денис Сарагиновски.

Борче ГРОЗДАНОВ- Вечер