01_kinoteka-320

Петок, 25 Октомври 2013 14:02


01_kinoteka-320ДВД-то ги содржи 42-та филма кои браќата ги снимале со својата „Камера 300“ од првите години на 20 век и кои Милтон му ги предал на Архивот во 1963. Целокупното нивно творештво беше реставрирано во 2012/2013 година во филмска лабораторија во Будимпешта, а потоа објавено на ДВД ...

Кинотеката на Македонија денеска со презентација на ДВД-изданието со реставрираните и дигитализирани филмови на браќата Јанаки и Милтон Манаки го одбележа Светскиот ден на  аудиовизуелното наследство - 27 Октомври, а на самиот ден, в недела,  ќе органиизра ексклузивна проекција на целокупниот опус на првите сниматели на Балканот.

ДВД-то ги содржи 42-та филма кои браќата ги снимале со својата „Камера 300“ од првите години на 20 век и кои Милтон му ги предал на Архивот во 1963. Целокупното нивно творештво беше реставрирано во 2012/2013 година во филмска лабораторија во Будимпешта, а потоа објавено на ДВД.

03_kinoteka-640

Филмологот Игор Старделов на презентацијата рече дека реставрацијата била макотрпен  процес кој траел 8-9 месеци при што, освен технички новини, екипата имала и морална дилема колку може и смее да го поправа филмскиот материјал стар повеќе од еден век. - Добивме задоволителен производ од кој сум горд, истакна Старделов.

Во ДВД-то се содржани првите снимки на Манаки - од баба им, 114-годишната  Деспина, која преде во родното село Авдела, и снимки на кои нивната камера  регистрирала важни историски настани:  посетата на турскиот султан Мехмед Петти Решад; посета на романска делегација; принцот Александар Караѓорѓевиќ во Битола; погреб на митрополитот Емилијанос од Гревена; празнување на Водици во Бер и во Битола и многу филмови за свадби и обичаи...

Покрај филмовите, ДВД-то има и дел Додатоци, во кој се внесени: биографија на Манаки, филмографија, избор од написи за браќата, аудио и видеозаписи (тука е објавено интервју на Милтон Манаки за Радио Скопје во 1963 година, неколку месеци пред неговата смрт, како и погребот на Милтон во Битола кој го снимил „Вардар-филм“), потоа има фотогалерија со избор од 30-ина фотографии што ги направиле Манаки, а на крајот има шестминутен материјал - споредба на филмовите пред и по реставрацијата.

08_kinoteka-640

Директорката на Кинотеката Мими Ѓоргоска-Илиевска во име на целиот колектив и врачи Повелба на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевсказа за исклучителен придонес и континуирани заложби во развојот и дејноста на заштитата на аудиовизуелните добра.

- Благодарение на поддршката на Министерството за култура, пред се на министерката Елизабета Канческа-Милевска, дигитализацијата на македонската филмска продукција ќе продолжи да се реализира како долгорочен проект, со што ќе се обезбеди полесен пристап за  корисниците, а воедно и зачувување на овој вид наследство, рече Ѓоргоска-Иливеска.

06_kinoteka-320Заблагодарувајќи се за признанието, Канческа-Милевска рече тоа е  потврда дека Владата и Министерството за култура со овој проект се на вистински пат во зачувувањето на богатото аудиовизуелно наследство кое, како што рече, е национална гордост.

- Ова признание е и голема обврска за нас и во иднина да продолжиме со нашите инвестиции во оваа дејност и со нашите заложби да ги презентираме вредните фондови на македонските подвижни слики пред европската и светската јавност, рече министерката за култура. Таа  потсети на преземените активности - донесениот посебен закон за заштита на аудиовизуелните добра и проектот за опремување депоа со современи услови за чување на кинотечното  наследство, во просторот на Хавзи-пашините конаци - споменик на културата во скопско Бардовци.

Рече и дека покрај опусот на Манаки и филмовите на режисерот Столе Попов, кои досега се реставрирани и дигитализирани, процесот ќе продолжи  и за творештвото на други македонски автори.

Проекцијата на филмовите на Манаки во Кинотеката в недела, од 20 часот, ќе биде придружена со музика која во живо ќе ја изведат Благој и Бојан Маротови, авторите на музиката за ДВД-изданието.

ДВД-то беше промовирано во септември во Битола, во рамки на 34. ИФФК „Браќа Манаки“, а неодамна беше претставено и на 50-тиот фестивал „Златен портикал“ во Анталија. Со филмовите на првите сниматели на Балканот, идната година во Париз ќе биде отворен Фестивалот на Југоисточна Европа.

На денешното одбележување на Светскиот ден на аудиовизеулното наследство во Кинотеката беше прочитана пораката за 2013 година од генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова, со мото „Да се спаси нашето наследство за идните генерации“.

02_kinoteka-640

Во оваа пригода на Кинотеката и беше подарен и редок предмет - мал проектор стар повеќе од еден век, каков што во минатото имале некои  домаќинства за приватни проекции. Подарокот го донираше Јулија Пендевска и тој ќе биде експонат во музејската поставка на Кинотеката.

Единствената институција во Македонија за зачувување, собирање и афирмирање на филмското наследство во 2014 година ќе биде домаќин на 70. Светски конгрес на Меѓународната федерација на филмски архиви (ФИАФ), во која членува од 1991 година.

 Извор: Министерство за култура на РМ