Руската актерка Наталија Бондарчук на која „Соларис“ на Тарковски и' го променил животот плени со својата топлина, страст и вдахновеност

Сунчица Уневска

„Средбата со Тарковски за мене беше судбоносна. Улогата во филмот ’Соларис‘ ми го определи понатамошниот живот“, рече Наталија Бондарчук, руската актерка и режисерка, која престојува во Македонија по повод одржувањето на циклусот посветен на култниот автор Андреј Тарковски и на 80-годишнината од неговото раѓање.

Циклусот беше отворен прексиноќа во Кинотека на Македонија со прикажување на безвременото дело „Соларис“ од 1972 година, а во следните денови ќе ги видиме и филмовите: „Сталкер“, „Ивановото детство“, „Андреј Рубљов“ и „Огледало“. Доаѓањето на Наталија Бондарчук му даде на целиот овој настан една сосем поинаква нота, бидејќи нејзиното сеќавање и зборување за „Соларис“, нејзината одушевеност, љубов кон ова дело и значење кое тоа го имало за неа тогаш и денес е навистина нешто особено. Беше прекрасно да се слуша оваа актерка, инаку ќерка на познатиот руски актер и режисер Сергеј Бондарчук, затоа што преку нејзиниот однос кон филмовите и кон уметноста, воопшто, се чини дека можете да допрете до „тајните“, како што вели таа, на кинематографскиот занает. Односно, би рекле до тајните скриени во големите дела, до тајните и односот кон една култура, кој денеска како да е целосно заборавен, па Наталија Бондарчук плени со својата топлина и благодарност за сето она што го доживеала и научила, и што и' го одредило животот.

Наталија Бондарчук играла во филмот „Соларис“ на своите 19 години. Но, бидејќи била премлада, Тарковски неа и' ја препорачал на Лариса Шепитко, која ја ангажирала во филмот „Ти и јас“, а тој направил аудиција за ликот на Хари. На аудицијата се пријавиле повеќе од 30 актерки, но на крајот Тарковски се решил за Наталија и и' рекол на Лариса да му го врати подарокот што и' го дал.

На прашањето дали Тарковски ја оставил да го интерпретира ликот така како што самата го доживува или од неа барал точно одредено однесување, Бондарчук рече дека тој никогаш ништо не барал. Таа објаснуваше дека Тарковски умеел да работи на многу специфичен начин со актерите, со секого индивидуално, нарекувајќи го уникатен режисер кој не сакал репетиции. Имено, тој проценувал на каков начин да му пристапи на актерот, за секого наоѓал нешто и му препорачувал за да го добие максимумот во толкувањето на неговиот лик, а никогаш со објаснување, ограничување или викање. Тој сакал актерите да бидат искрени и нивната глума да биде како моментална реакција.

Кога Бондарчук во улогата на Хари ја снимала сцената каде што се топи како мраз, па се реинкарнира, Тарковски и' рекол само да ги гледа своите прсти, да ја расформира целосно сликата во своите мисли, па повторно да ја состави. „Тоа постепено оживување, тоа воскресение не беше од радост и среќа, туку тоа беше болка, физичка, но и духовна“, зборуваше вдахновено руската актерка.

„Тарковски беше редок режисер, тој сакаше актерите да му се доверат“, објаснуваше Бондарчук. Таа зборуваше дека тој се однесувал така како да сака да ве исчисти од сите влијанија, како да сака да направи да не чувствувате ништо, да се појавите голи, да ја извлече вашата суштина. „Овој филм се одрази на мојата психолошка состојба, научив многу тајни на снимање, но, пред се', научив многу за животот“. Бидејќи, нејзината улога била толку комплексна и толку необична што соочувањето со неа не било воопшто едноставно. Но, затоа било прекрасно, како што објаснуваше Бондарчук, цитирајќи ги повторно зборовите од филмот, дека таа е жена, а не матрица, дека таа љуби и дека таа е човек. За неа рекле, а очигледно така и самата гледа на тоа, дека со овој филм се родила.

Таа објаснуваше за тоа како го снимала нејзиниот монолог. Дека тоа се случило среде ноќ, кога таа била на крајот на силите и видно исцрпена, особено што две недели пред тоа се случувале сцените со нејзиното одмрзнување, но дека Тарковски го сакал токму тоа. Таа била толку уморна што познатиот директор на фотографија Вадим Јусов ја врзал за да може да стои. Тоа била состојба на граница на издржливост, но тоа го барала таа сцена.

Наталија Бондарчук и по цели 40 години од снимањето на овој филм, зборуваше со таква страст зборува за сето тоа, изјавувајќи дека филмот го гледала илјадници пати и дека во него секогаш наоѓа нешто ново. На прашањето дали според неа Тарковски го избегнал во овој филм жанрот на научната фантастика, со оглед на тоа што филмот е направен според научнофантастичниот роман на Станислав Лем, таа рече дека апсолутно е така. Според неа, Тарковски во ова дел кое има толку многу нивоа не се доближил многу до Лем, туку дека во него ги допира општочовечките вредности и дека направил еден безвремен филм, на кој нема никогаш да му измине времето. „Тоа е нешто со нашата совест. Тоа е материјализирање на нашите гревови. Можеби секој од нас по смртта ќе го има својот Соларис“, цитираше таа, додавајќи дека треба да помниме дека и на орбитата Соларис има уште една Хари, вечна како што е вечна љубовта. За овој филм Наталија Бондарчук снимила и документарец насловен „Средби со Соларис“, а нејзиното гостување ќе го продолжи и во Битола, каде што, исто така, ќе се одржи овој циклус.
 
Извор:  http://www.utrinski.com.mk/default.asp?ItemID=0C011B7F65F8F44696D7BD9AAC070D99