Пуштени во продажба реставрираните филмови на Столе Попов

ДВД-едицијата со седум дигитално реставрирани филмови од режисерот Столе Попов беше промовирана денеска во Кинотека на Македонија по повод Меѓународниот ден за заштита на аудиовизуелното наследство.
Одсега љубителите на македонската кинематографија ќе можат ДВД изданијата од реставрираните филмови на големиот македонски режисер да ги набават по цена од 500 денари за едно CD, или 3000 денари за целиот DG пакет. Првите 100 изданија, пак, ќе бидат со попуст од 50 проценти.
- Дигиталната реставрација на филмскиот опус  на режисерот Столе Попов е извонредно значајна придобивка за македонската култура бидејќи таа го прикажува творештвото на авторот кој остави длабоки траги во македонската кинематографија и кој како творец е познат не само на македонската јавност, туку и многу пошироко - рече министерката за култура, Елизабета Канчевска - Милеска.
Директорката на Кинотека на Македонија Мими Ѓоргоска-Илиеска на промоцијата рече дека дигитално се реставрирани четири долгометражни играни и три документарни филмoви.
- Во едно ДВД издание се документарните филмови Австралија Австралија, Дае и Оган, а долгометражните се на посебно ДВД. Има и ексклузивно издание DG пакет каде се ставени петте ДВД-а со сите седум реставрирани филмови од Попов и буклет во кој се содржани податоци за филмот, осврт и критички текст за творештвото на Попов - истакна  Ѓоргоска-Илиеска.
Реставрацијата се одвивала во текот на минатата година во Љубљана од експерти и професионалци, надгледувани од претставнци од Кинотека и професорот Апостол Трпевски.

Извор: Инфо