Сцена од „Аларм“ на младата Ана Алексовска, филмот кој се закитил со сребрен медал

Македонски автори се закитија со четири награди на 74. издание на Фестивалот на УНИКА - Светската асоцијација за непрофесионален филм, кој оваа година се одржа во Русе, Бугарија, од 25 август до 2 септември.

Ова претставува досега најголем успех на македонските автори на оваа манифестација, чие годинашно фестивалско издание вклучува претставување на националните селекции на филмови од 34 земји членки од целиот свет. Жирито на фестивалот било составено од седум членови од седум различни земји, меѓу кои и нашиот реномиран филмски автор Петре Чаповски.

Бронзен медал во главната конкуренција, односно Главната програма на фестивалот, добила авторката Ирина Николовска за филмот „Сеќавања“, додека филмот „Аларм“ на авторката Ана Алексовска, студент по филм на Академијата ЕСРА, освоил сребрен медал и станал дел од десетината филмови кои, исто така, се закитиле со сребро во конкуренција од 136 филма.

На Светскиот куп за едноминутни филмови, пак, кое е во рамки на годишното издание на фестивалот на УНИКА и го претставува врвот на едноминутниот филм, филмот „Порано можевме да ја допреме музиката“ на авторот Мице Чаповски од Академскиот кино клуб од Скопје, го освоил третото место. Ова е прв пат на овој куп за едноминутни филмови македонски филм да освои награда, која ја доделува исклучиво публиката.

На фестивалот во главната конкуренција почесна диплома за филмот „Светот“ добила младата авторка Марина Трајковска, признание кое се доделува за остварувања што се издвоиле со одредени карактеристики, и е едно ниво пониско од бронзениот медал во Главната програма.

Претставници од Македонија биле и Стефан Сидовски со филмот „Миг на среќа“, Јетон Селими и Кренар Драла со „Не си играјте со луѓето“ и Љупчо Петровски со „Мојот живот“.

Инаку, највисокото признание на фестивалот за најдобар филм годинава го понел хрватскиот автор Ивица Мушан, со филмот „Ручек“, а хрватската селекција на филмови била избрана за најинтересна.

Македонија е претставена преку Кино сојузот на Македонија, организација која е членка на УНИКА од 1996 година.