Прес конференција по повод јубилејниот 5-ти по ред Фестивал на францускиот филм во Охрид
Четврток, 28 Јуни 2012 12:05

03_5_FF_Ohrid_320  Фестивалот на Францускиот филм во Охрид, во изминатите четири години успешно  ги зацврсти темелите на соработката помеѓу францускиот и македонскиот филм и отвори низа можности за размена на уметници

Министерот за култура на Република Македонија Елизабета Канческа-Милевска, заедно со амбасадорот на Република Франција во Република Македонија, г. Жан-Клод Шлумберже, советникот за култура и соработка при Амбасадата на Франција во Република Македонија и директор на Францускиот институт во Скопје, г. Жан-Ивс Лавоар и копретседателот на Фестивалот на францускиот филм во Охрид, г. Јордан Плевнеш одржаа прес конференција по повод јубилејниот 5-ти по ред Фестивал на францускиот филм во Охрид.

Во своето обраќање пред новинарите, Канческа-Милевска истакна дека Фестивалот на Францускиот филм во Охрид, во изминатите четири години успешно  ги зацврсти темелите на соработката помеѓу францускиот и македонскиот филм и отвори низа можности за размена на уметници, продуценти, режисери, размена на искуства со земјата која претставува лидер во европската кинематографија.

FF_1_640

„Оваа година на Францускиот филмски фестивал ќе имаме можност да проследиме вкупно 9 долгометражни и 12 краткометражни филмови. Пред македонската и публиката од регионот премиерно ќе бидат прикажани  филмовите „Опседнатост“, „Вештина на љубовта“, „Ред и морал“, „Однапред обвинет“ итн. Програмата на фестивалот ќе биде богата и жанровски многу разновидна и ќе овозможи и неформални средби кои верувам дека во иднина ќе резултираат со некоја успешна заедничка копродукција“-изјави министерот за култура.

Амбасадорот на Република Франција во Република Македонија г. Жан-Клод Шломберже се заблагодари на драгоцената поддршка и безусловна помош на Министерката Елизабета Канческа-Милевска и подвлече дека, фестивалот не би можел да постои без оваа одлучна поддршка на Министерството за култура и други институции како што се Филмскиот фонд, градот Охрид, регионот на Долна Нормандија, кој е и ќе биде сè поголем поддржувач на фестивалот.

Овој фестивал кој ќе трае од 30 јуни до 5-ти јули, се одржува во организација на Францускиот институт во Скопје, а со поддршка на Министерството за култура и градот Охрид како и првпат од оваа година Регионот на долна Нормандија. Фестивалот има награден карактер, па така и оваа година ќе бдат доделени наградите за најдобар филм, актер, актерка како и награда за животно дело.

Извор: Министерство за култура