Почнува снимањето на играниот филм
„ДО БАЛЧАК”
Приказна од Дивиот Исток

Нов филмски проект - долгометражниот игран филм „ДО БАЛЧАК-Приказна од дивиот исток“
во режија на Столе Попов и по сценарио на Горан Стефановски ќе започне со снимање во продукција на Трингл Филм, во копродукција со Сектор Филм, FX 3X и Македонската Радио Телевизија.
Снимањето ќе започне на 10 мај 2012 г. и ќе се одвива 10 недели на територијата и околината на Битола, Скопје, Демир Хисар, Охрид, Штип и Прилеп.

Првата клапа од филмот ќе падне во с. Света, демирхисарско, каде филмскиот сет за снимање е комлетно изграден за потребите на филмот, и ќе претставува железничката станица - контролен пункт во Отоманската Империја.
Проектот е поддржан и финансиран од Владата на Република Македонија и Филмскиот Фонд на РМ во програмата за проекти од национален интерес.
Снимањето на филмот го потпомогнаа и Министерствата при Владата на Република Македонија, МПЦ - Преспанско-Пелагониската и Дебарско-Кичевската Епархија, Македонските Железници и локалните градски самоуправи. Официјални спонзори на филмот се: Алкалоид АД Скопјe и
Лукоил Македонија.

Режисерот Столе Попов за „ДО БАЛЧАК“
Приказна од дивиот исток. Македонија, мала земја во срцето на Балканот.
Петстотини години под турско ропство. Дејствието се случува во првата декада од XX век.
Филмот е сурова но романтична љубовна приказна во која вечната македонска кауза за сопствен идентитет и самостојност е видена од агол на строга индивидуалност, лишена од било каква идеологизација.

Слободата, правдата, љубовта, среќата, жртвувањата и предавствата се доживеани низ катарзични емоции што допираат „до балчак”.
Поточно, сè е во знак на типичниот парадокс издигнат до ниво на проверената балканска филозофска максима: „Ебати животот ако не си спремен да умреш за негo”. Нешто што без никакви претензии би можеле да го наречеме „македонски допир”. Нешто вознемирувачко а мирно, грдо а убаво, грубо а нежно, темно а просветлено, сурово но поетично. Додека Холивуд ја дигитализира виртуелната „стварност” спуштајќи се длабоко во океаните или качувајќи се високо во вселената, ние Балканците сеуште се качуваме до висините на утопискиот идеал – Слободата или се спуштаме до крајната длабочина на човечката душа – Смртта. Антиподите на моето синеастичко трагање се движат „до коска” на релацијата „Слобода или Смрт”. Сонувајќи за недопирливиот идеал на слободата, историски потврден како вечна слатка илузија на човековиот род, постојано чекориме рака под рака со смртта, со која, зошто да не, можеби и започнува вистинската слобода како посакувана, сеуште непотврдена вест.

Обичниот човек насекаде во светот, потиснат од насилство и неправди постојано сонувал и сонува за подобар свет. Живееме во високо технолошка ера каде навидум сè е потполно различно, а во суштина сè е фрапантно исто. Историјата постојано циклично се преповторува, минатото станува апсолутно актуелно и зачудувачки препознатливо и во денешни денови. Империите се создаваат и се распаѓаат, идеологиите се креираат и се менуваат, големите си поигруваат со малите, силните ги толчат слабите, сила бога не моли, но буните, востанијата и револуциите отсекогаш ги имало и повторно ќе ги има. Исконското чувство за слобода е неуништливо и го движи светот напред.

Ова е филм за дијалектичката средба на митското со антимитското, филм во којшто се среќаваат легендите и раскажувањата со реалната стварност на суровиот живот, низ македонската историја исполнет со супер историски апсурди. Антивестерн, пандан на традиционалниот Амerican Western или нешто што слободно би можеле да го наречеме Маcedonian Eastern, филм што излегува од просторот на кој од памтивек се среќаваат и судираат западната и источната цивилизација.

Дел од Актерската екипа на „ДО БАЛЧАК“ Инти Шрај, Сашко Коцев, Мартин Јорданоски, Тони Михајловски, Сенко Велинов, Мики
Манојловиќ, Никола Којо, Јовица Михајловски, Искра Ветерова, Јордан Симонов, Драган Спасов, Никола Ристановски, Гораст Цветковски, Ана Костовска, Владо Јовановски, Камка Тоциновски, Билјана Јовановска, Ненад Нацев, Горан Трифуновски, Ѓорѓи Котев, Дениз Абдула, Береда Решит, Бојан Велевски, Наташа Петровиќ, Адем Карага, Горан Јовановски, Сенад Абдули, Хајрулах Рамизи, Салаетин Билал. 

Авторската екипа на „ДО БАЛЧАК“ Столе Попов, режисер и соработник на сценарио, Горан Стефановски - сценарист, Апостол Трпески - директор на фотографија, Миленко Јеремиќ - сценограф, Емилија И. Атанасовска - костимограф, Светлана Гутиќ - шминкер, Зоран Ристески, извршен продуцент Данчо Чеврески, Владимир Анастасов, продуценти Воедно, Ве покануваме да присуствувате на првата клапа на снимање, која ќе биде на 10 Мај 2012 година, четврток, во 12 часот, во с. Света, демирхисарско.


Лице за контакт:

Билјана Крајчевска, тел: 047 220 049, 070 302 482, e-mail: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.