Соработката во сите дејности на културата и меѓу институциите на Македонија и Хрватска, особено во книжевноста, е на високо ниво и е конкретизирана низ голем број размени и гостувања на театри, изложби, проекти во областа на заштитата на културното наследство, оценија вчера во Загреб министерките за култура на двете земји, Елизабета Канческа-Милевска и Андреа Златар-Виолиќ  
   


  
Елизабета Канческа-Милевска / Андреа Златар-Виолиќ

По средбата Канческа-Милевска, која е во прва официјална посета на Хрватска, истакна дека е уверена оти соработката ќе продолжи и уште повеќе ќе се интензивира со активностите поставени во Програмата за соработка во културата за 2012-2015, која беше потпишана лани во Дубровник.

- Разговаравме и за издавачката дејност и за соработката во преводите на дела на македонски и на хрватски автори. Таа е на високо ниво и се надевам дека ќе продолжи и натаму - рече Канческа-Милевска.
Хрватската министерка за култура Златар-Виолиќ истакна дека разговарале за одделни проекти, но и за важноста на контактите на институциите што ги реализираат.

- Особено ни е важен континуитетот во претставувањето на современата хрватска книжевност на македонски јазик. Има цела низа теми од современиот живот, а литературата и филмот се меѓу моделите што, всушност, ни зборуваат за тие заеднички теми - рече Златар-Виолиќ, која по професија е книжевник.

Тие се согласиле и за важноста за управување со културата и ставање на културното наследство во функција на туризмот. Таа го истакна своето задоволство што многу македонски уметници ќе гостуваат во Хрватска, меѓу кои е и гостувањето на режисерот Александар Поповски на театарскиот фестивал во Бриони.

 

Нова Македонија