Зборувај и' на бомбата!

Што значи ова за сите оние што не можеа и се уште не можат да ги посетат своите села и роднини во Грција? Каде е тука „силната врска меѓу континуираното постоење на национална култура“? Таа е одземена и негирана наспроти принципите на класичниот либерализам. Каде е самопочитта на многубројните Македонци на граничните премини? Секој од нас што бил, си знае (по правило едно објаснување за себе, едно за пред другите)

Покрај сите муабети за нашето какво-такво лобирање во врска со името и за агресивното лобирање на Грција може да се промовира и еден друг пристап. Во филмот на Џон Карпентер Dark Star, во кој еден вселенски брод кружи по вселената и уништува нестабилни планети - еден од астронаутите и зборува за „феноменологија“ на бомбата што е по грешка активирана и не може да излета (значи ќе експлодира и ќе го разнесе бродот). Тоа се ред прашања од типот: „Која е смислата на твоето постоење“; „Од кај знаеш дека светот надвор од тебе објективно постои“; „Како разликуваш лага од вистина во комуникацијата со надворешниот свет“. И бомбата се повлекува во своето лежиште за да размисли за тешките прашања.

Она што можеби ни недостига во спорот со Грција е повеќе да зборуваме за „феноменологија“. Не ни требаат баш толку тешки прашања да ги натераме соседите да се вратат дома и да размислат. Но, во нашиот конкретен случај, тоа значи да се повикаме на нешто универзално, на принципите на политичкиот либерализам и на прашањето на праведноста меѓу народите.

На пример, такво едно прашање е следново: како може да се зборува за македонското прашање во дискурсот на политичкиот либерализам? Треба да се укаже на две претпоставки. Прво, ако ги прифативме „крајот на историјата“ на Фукујама и победата на либерализмот над комунизмот, тогаш сите прашања во врска со спорот треба да ги разгледаме од стојалиштето на политичкиот либерализам. И второ, највисока вредност на либерализмот е слободата.

Приближно вака оди резонот на автори како Џон Ролс, Вил Кимлика (јас си го викам Кимлицка) или Џозеф Раз - најспомнуваните имиња на современата либерална мисла.

А со Ролс нема лабаво. Денес има европски теоретичари што одат дури дотаму да тврдат дека по третиот квартал на 20 век, кој е во знакот на Кејнз, и четвртиот квартал, кој е на Шумпетер (Херберт Гирш), првиот квартал на 21 век ќе биде одбележан од Џон Ролс (Зигмар Мосдорф).

Да се биде слободен е најнеспорното барање. За да се практикува слободата и да се обликува животот автономно, на луѓето им треба посебен начин на живот и сите оние елементи што го сочинуваат тој начин на живот. Им требаат разни занимања и разни институции за да можат да ги задоволат своите материјални и духовни потреби (на пример, градежни инженери и училишта). Горе-долу кај Платон и кај Аристотел ќе го најдете истото. Значи, работи познати повеќе од 2.300 години.

Меѓутоа, современите теоретичари на либерализмот (Ролс и компанија) кажуваат и нешто друго. За нас многу интересно.

Имено, според нив, затоа што тој „начин на живот“ може да се негува само во специфична култура, потребата (или „интересот“ како што пишуваат американските теоретичари на либерализмот) да се има национална култура е предуслов за токму таа најскапа вредност на либерализмот - слободата.

Тогаш тоа што и' го прават соседите на Македонија во врска со името, јазикот, црквата не е само напад врз идентитетот, тоа е напад врз слободата и напад врз либерализмот. А од онаа страна на либерализмот е неслободата, тоталитаризмот, тероризмот, тиранијата. Во оваа насока треба да се движи нашата дипломатска феноменологија...

Понатаму, се вели слободата е израз на самопочит.

Она што либерализмот на Ролс го бара е луѓето да веруваат во својата способност, да веруваат во можноста дека ќе ги остварат своите намери, планови, желби. Тоа е предусловот за самопочит. Ако она што луѓето го прават е поставено во рамките на нивната национална култура; ако нивните животни планови се формулирани во таа рамка, тогаш постои силна врска меѓу континуираното постоење на национална култура и вредноста на самопочит. Ова е Ролсовата концепција на самопочит.

Што значи ова за Македонците во овие 16 години транзиција? Што значи ова за сите тие што не можеа и се' уште не можат да ги посетат своите села и роднини во Грција? Каде е тука „силната врска меѓу континуираното постоење на национална култура“? Таа е одземена и негирана, наспроти принципите на класичниот либерализам на Џон Стјуарт Мил. Каде е самопочитта на многубројните Македонци на граничните премини? Секој од нас што бил си знае (по правило едно објаснување за себе, едно за пред другите).

Ернест Гелнер, еден од најпознатите теоретичари на нацијата и национализмот го кажува истото - за нас „понародски“. За него, рамките на културата во кои луѓето се образуваат се рамките на светот во кој тие, морално и професионално, може да дишат. Слободен си кога можеш да дишеш. И пак прашање: Која е рамката во која можат да дишат Македонците? FYROM и визи. И не е баш некоја рамка. Сум бил една година во Источна Германија и добро знам дека таквата рамка се вика ѕид (луѓе чекаа по 10 часа во пошта во Источен Берлин за да добијат врска со Западен Берлин). А тој ѕид падна во име на слободата и либерализмот.

Македонското прашање и либерализмот.

Едноставно е. На наша страна е тезата на припадност - во либерализмот, темелна потреба (интерес) на луѓето е да и припаѓаат на својата национална култура, луѓето се слободни и дејствени, доколку се слободни да и' припаѓаат на својата национална култура. И историската теза е на наша страна. Темелна потреба на луѓето да ја негуваат мултигенерациската димензија на нивната култура. Факт: чувствувам дека и' припаѓам на македонската нација и на македонската култура во која дишам. Од каде овој факт? Не е хир и одлука на некоја авантуристичка влада. Мојот однос со многубројните генерации пред мене го подготвувале овој факт. Зашто, „одлучувајќи како ќе го водиме сопствениот живот ние не почнуваме де ново, туку повеќе истражуваме конкретни идеали и форми на живот кои се развивале и утврдувале од неброени поединци, понекогаш со генерации“. Додадете слободно - со векови.

Или, парафразирајќи ги Вил Кимлицка и Џон Ролс, националната и културната припадност не можат да бидат експеримент. За нас тоа значи дека Македонецот по АСНОМ не можел да ја гради својата држава без утврдените светогледи што му ги даваат многубројните генерации, културата во која се затекнува, а која своите корени ги има повеќе илјади години длабоко во историјата...

И уште едно прашање треба да се расчисти: во што сме ние нелиберални во однос на соседите? Дали сме одзеле слобода некому, да не може да „дише“? Сме ги негирале тезата на припадност и историската теза на некоја од нациите околу нас? Ако одговорот е негативен, тогаш либерализмот е на наша страна. Ако либерализмот потклекне на лобирање врз нелиберални принципи, тогаш треба да се плашиме за иднината на светот. Да зборуваме за феноменологија!


Бранислав Саркањац (Авторот е универзитетски професор)