Бројот на христијаните во Европа е намален од 66 отсто на 25 отсто. Верските аналитичари не се загрижени од овој податок, објавен деновиве, истакнувајќи дека во светски рамки бројот на христијаните е зголемен од 600 милиони во 1910 година на две милијарди минатата година.

Ова е главната поента од извештајот на Истражувачката агенција за религија во Вашингтон, изработен врз основа на демографските податоци од 200 земји во светот.

Аналитичарите сметаат дека ваквото намалување на бројот на христијаните се должи на тоа што сé помалку Европејци се одлучуваат јавно да ја декларираат својата верска определба, бидејќи ја оценуваат како интимен момент.

Студијата на агенцијата од Вашингтон открива и други интересни податоци - моментно пет од десет држави со најмногубројно христијанско население се наоѓаат во Африка и во Азија: Нигерија, Демократска Република Конго, Етиопија, Филипини и Кина.

Најмногу христијани, според истражувањето, има во САД, Бразил, Мексико и во Русија, а најмалку во Северна Африка и на Блискиот Исток. Интересен е фактот дека во Индонезија, во која муслиманите се мнозинство, има повеќе христијани отколку во сите 20 држави во Северна Африка и на Блискиот Исток. Демографите пресметале и дека половина од сите христијани се католици, 37 отсто се протестанти, 12 проценти се православни, а еден отсто спаѓаат во категоријата други, како на пример - мормоните.

Според статистичките податоци, и Македонија влегува меѓу земјите во кои бројот на христијаните е во опаѓање, или, пак, како што некои експерти нагласуваат, дека стагнира.

Тоа, според верскиот експерт Цане Мојановски, е резултат на миграцијата и на нискиот прираст на населението.

- Пописните резултати на населението од 70-тите години од минатиот век до денес говорат дека и во Македонија се намалува бројот на христијаните. Во државата имаме многу старо население, кое се зголемува повеќе отколку што што е бројот на новороденчињата. Современите услови на живеење донесоа и други религиски движења. Сето тоа е причина за намалувањето на бројот на христијаните - смета Мојановски.

Живица Туциќ, верски експерт од Србија, пак, вели дека не треба да биде загрижувачки податокот што 25 отсто од Европејците се изјасниле како христијани, зашто тоа не е реална бројка, туку податок за бројот на, како што ги нарекува, убедени верници.

Тезата тој ја поткрепува со анализа во која истакнува дека жителите на Европа ги сметаат верата и религијата за интимен и приватен момент, па не одговараат на такви прашања, поставени на разни анкети или на официјален попис на население.

- На пример, над 90 отсто од населението во Србија се изјасниле дека се православни. Во друга пригода, на анкета дали веруваат во Господ, само 50 отсто од населението одговориле позитивно. Православните цркви на Балканот малку работат на верското образование, особено со оние што ги сметаат за верници. Ако во Европа 25 отсто се изјасниле дека се христијани, тогаш тие се „убедени“ христијани, кои се сигурни во својата верска определба - додава Туциќ.

Според него, во хомогените земји (и верски и национално) се мешаат верата и нацијата. Ако прашаме Хрват дали е католик или не, тој тоа ќе го сфати како прашање дали е Хрват. На тоа прашање автоматски ќе одговори позитивно. Туциќ нагласува дека е слично и во Македонија, каде што се нагласува националниот аспект во однос на верскиот. Тоа, пак, не би се случило во Унгарија или во Германија, кои се мултиконфесионални земји.

Туциќ особено нагласува дека десекуларизацијата има и димензија на одвојување на националното од верското, а во интерес на црквите е да го знаат вистинскиот број на верници, а не да се залажуваат дека секој Србин или Македонец автоматски е и православен.

Бугарските аналитичари сметаат дека христијанството се намалува во Централна и Западна Европа, односно во традиционално неправославните земји. Тие оценуваат дека политичките движења и партиите што се прогласуваат како застапници на христијански позиции повеќе ги користат христијанските принципи за да се покажат, отколку што навистина веруваат во тоа. Тоа се одразува и на „натпреварот“ меѓу христијанството и исламот.

- Намалувањето на христијаните се должи на трајното потиснување од јавниот живот. Пред 30 години се обидував да му објаснам на германски католички свештеник колку комунизмот во Бугарија е лош за Христовата вера. Но тој ми рече дека „кокаколизмот“ е поопасен од комунизмот. Под „кокаколизам“ подразбираше консумирачки однос кон животот - објаснува Иван Желев, професор на Богословскиот факултет на софискиот универзитет „Свети Климент Охридски“.

Тој е убеден дека политичките модели, кои нашите политичари ги добиваат од своите специјализации во САД и во Западна Европа, не треба да се применуваат по принципот „копи-пејст“, туку треба да го бараме и наоѓаме она што е корисно за опстанокот на нашето општество заедно со неговата христијанска култура.

Извор: Нова Македонија

 

http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=12271184318&id=9&prilog=0&setIzdanie=22466