Скопје, 27 септември 2011 (МИА) - Во Македонија интернет користат околу 1.100.000  луѓе или 51 проценти од населението, а 878.300 се приклучени на социјалната мрежа „Фејсбук“, покажуваат податоците на специјализираниот статистички веб сајт „Интернет ворлд стат“.

Од земјите во регионот повеќе од Македонците интернет користат Словенците (64,9%) и Србите (56,2%), а помалку граѓаните на Хрватска (50,1%), Бугарија (47,9%), Грција (46,2%), Црна Гора (45,9%), Албанија (43,4%), БиХ (31,2%) и Косово (20,7%).

Во Европа интернет користат 476 милиони луѓе, а „Фејсбук“ 209 милиони. Глобалната он лајн мрежа најмногу ја користат жителите на Исланд, Монако и Норвешка, околу 97 отсто.

Според Интернет ворлд стат, во светот има 2,1 милијарди интернет корисници или 30,2 проценти од вкупната светска популација.бак/са/9:48